Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 21 ноември 2001 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за депонирање на потпис на овластено лице на жиро сметките на општина Бистрица донесена од Советот на општината на 4 ноември 2000 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со законот.
4. Судот на седницата утврди дека во одлуката за депонирање на потпис на овластено лице на жиро сметки на општина Бистрица е предвидено дека со паричните средства на жиро-сметките на општина Бистрица 40300-630-63 буџет на општина Бистрица и 40300-637-609 совет на општина Бистрица како овластени потписници се градоначалникот на општина Бистрица Марјан Геровски и претседавачот на советот Кире Гроздановски.
Понатаму во одлуката е предвидено дека таа влегува во сила осмиот ден од објавувањето во “Службен гласник на општина Бистрица”.
Според член 43 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа градоначалникот на единицата на локалната самоуправа ја претставува и застапува единицата на локалната самоуправа, а според точката 8 од истиот член градоначалникот управува со имотот во согласност со статутот на единицата на локалната самоуправа.
Имајќи ги предвид наведените одредби од Законот произлегува дека градоначалникот ја претставува и застапува единицата на локалната самоуправа и управува со имотот на единицата на локалната самоуправа и дека само тој а не покрај него и член на совет да можат да се јават како потписници на жиро сметките на единиците на локалната самоуправа.
Ова дотолку повеќе што според член 67 од Законот за локалната самоуправа, советот на единициата на локалната самоуправа должен е да формира надзорен одбор заради вршење надзор над материјално и финансиското работење на единицата на локлната самоуправа, а за резултатот од надзорот се информира Советот на единицата на локалната самоуправа и Министерството за финансии.
5. Со оглед на тоа што во конкретниов случај со одлуката е предвидено дека, покрај градоначалникот како втор потписник на жиро сметките на единицата на локалната самоуправа е предвиден и претседавачот, Судот оцени дека со ваквиот начин на уредување на овие прашања се ограничува извршната власт на градоначалникот на единицата на локалната самоуправа и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.49/2001
21 ноември 2001 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов