У.бр.44/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 октомври 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

а) член 1 од Одлуката за остварување право на плата по престанок на функцијата бр.0701-83/1 од 18.12.2000 година, и
б) Одлуката за овластен потписник на жиро-сметката Совет на Општина Пехчево бр.0701-80/1 од 18.12.2000 година, двете донесени од Советот на Општина Пехчево.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија” .

3. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по иницијатива на Владата на Република Македонија, со Решение У.бр.44/2001 од 4 јули 2001 година поведе постапка за оценување на законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Законот за платите и другите надоместоци на пратениците на Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.36/90, 38/91 и 23/97), односно со Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95).

4. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од Одлуката означена во точката 1.а) од оваа одлука, Советот на Општина Пехчево го утврдува правото за остварување на плата по престанок на функцијата – градоначалник, за време од една година.

Со Одлуката означена во точката 1.б) од оваа одлука, за овластен потписник на жиро-сметка Совет на Општина Пехчево се определува Фаница Капушевска, претседавач на Советот на Општина Пехчево како единствен потписник.

5. Во однос на одлуката означена во точката 1 под а) од оваа одлука, Судот ги имаше предвид одредбите од Законот за плати и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (“Службен весник на РМ” бр. 36/90, 38/91 и 23/97). Имено, согласно член 17-в од Законот како платени изборни функции во локалната самоуправа е определена само функцијата на градоначалникот на општината, со тоа што коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините се определени според бројот на жителите на општината.

При тоа, во ставот 5 од овој член е предвидено дека правата утврдени со овој закон им припаѓаат на градоначалниците од денот на нивниот избор до крајот на месецот во кој им престанал мандатот, ако со овој закон не е поинаку определено.

Судот утврди дека правото на плата и другите надоместоци на функцијата градоначалник како јавна функција е уредено со Законот за плати и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката. Тоа значи дека правата што припаѓаат по основ на плата и други надоместоци од вршење на функцијата градоначалник, како изборна функција, се уредени со овој закон, без можност единицата на локалната самоуправа со свој акт да ги уредува овие прашања на било кој начин.

Со оглед на тоа што со одредбата од членот 1 од Одлуката означена во точката 1.а) од оваа одлука Советот на Општина Пехчево на оригинерен начин со свој акт утврдил одредено право на градоначалникот, Судот оцени дека истата не е во согласност со Законот.

6. Во поглед на одлуката со која се определува претседавачот на Советот на Општината како единствен овластен потписник на жиро-сметката Совет на Општина, Судот ги имаше предвид одредбите на Законот за локална самоуправа кои се однесуваат на надлежностите, правата и должностите на градона-чалникот на општината.

Имено, согласно членот 43 алинеја 8 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот управува со имотот во согласност со статут на единицата на локалната самоуправа.

Согласно член 43 алинеја 3 и 4 од Законот градоначал-никот се грижи и го обезбедува извршувањето на одлуките на советот и се грижи за извршување на работите што со закон и се доверени на единицата на локалната самоуправа.

Согласно член 29 став 1 алинеја 2 од Законот за локалната самоуправа, Советот на единицата на локалната самоуправа донесува буџет на единицата и завршна сметка на буџетот. Оттука, неспорно е правото на Советот да го утврди буџетот како општ акт кој ги предвидува вкупните приходи и расходи на општината, но самото ефектурирање на овие средства, вклучувајќи ги оние наменски за потребите на Советот на општината е во надлежност на градоначалникот, како носител на извршната власт на локално ниво.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Во однос на точката 1.а), оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, а во однос на точката 1.б), оваа одлука Судот ја донесе едногласно во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.44/2001
4 јули 2001 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов