У.бр.24/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 март 2013 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување детален урбанистички план за урбана единица 8. урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013, бр. 07-2447/7 од 24.10.2008 година, донесена од Советот на општина Охрид („Службен гласник на општина Охрид“ бр. 8/43).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на Одлуката означена во точка 1 на оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Министерството за локална самоуправа, со Решение У.бр.24/2009 од 30 јануари 2013 година, поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување детален урбанистички план за урбана единица 8. урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013, бр. 07-2447/7 од 24.10.2008 година, донесена од Советот на општина Охрид („Службен гласник на општина Охрид“ бр. 8/43), како и го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Охрид, на седницата одржана на 24.10.2008 година, донел Одлука за донесување детален урбанистички план за урбана заедница 8, урбан блок 8.3 Општина Охрид 2008-2013, бр. 07-2447/7 од 24.10.2008 година.

Според член 1 од Одлуката, се донесува детален урбанистички план за урбана заедница 8, урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013.

Според член 2 на истата одлука, со овој урбанистички план се опфаќа простор со површина од 12,60 ха. Просторот на планскиот опфат во деталниот урбанистички план за урбана заедница 8, урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013 опфаќа граници: Туристичка, Бул. Асном, Карпош Војвода и Бејбунар.

Согласно член 3 од Одлуката, Деталниот урбанистички план за урбана заедница 8, урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013 со тех. бр. 106/2008 изработен е од ДОО „ИН – ПУМА“ содржи: текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и билансни показатели за планскиот опфат и инфраструктурата.

Според член 4 од Одлуката, Деталниот урбанистички план за урбана заедница 8, урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013 се заверува со потпис и печат на претседателот на Советот на општина Охрид.

Согласно член 5 од истата одлука, Деталниот урбанистички план за урбана заедница 8, урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013, се чува, следи и реализира во Секторот за урбанизам, заштита на животната средина и комунален развој.

Според член 6 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Охрид“.

Одлуката е објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр. 8 од 27.10.2008 година.

6. Судот, исто така, утврди дека Министерството за транспорт и врски, врз основа на член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со акт бр. 16-11125 од 08.10.2008 година, до општина Охрид издало и доставило согласност на Предлог ДУП за Урбана заедница „8“, УБ „8.3“- (12,60 ха) во Охрид.

Министерството за култура, со акт бр. 08-2140/4 од 14.10.2008 година, до Министерството за транспорт и врски, НУ Завод и Музеј – Охрид и до општина Охрид, доставило Решение за привремена заштита на археолошкиот локалитет „Бејбунар“ во Охрид, бр. 08-2140/3 од 14.10.2008 година. Во истото решение е определено дека рокот на траење на привремената заштита изнесува 2 години од денот на донесувањето на решението, во кој период никој не смее да оштети ниту да уништи добро под привремена заштита.

По добивањето на наведеното решение, Министерството за транспорт и врски донело Решение бр. 16-11125/2 од 21.10.2008 година, со кое согласноста бр. 16-11125 од 08.10.2008 година на Предлог планот за Урбана заедница „8“, УБ „8.3“- (12,60 ха) во Охрид, се огласува за ништовна во целост. Против ова решение незадоволната странка има право на жалба до Комисијата за решавање во управна постапка од втор степен од областа на транспортот, врските и животната средина при Владата на Република Македонија, во рок од 15 дена од приемот на решението.

На 21.10.2008 година Министерството за транспорт и врски, по факс ги известил градоначалникот на општина Охрид, претседателот на советот на општина Охрид и Секторот за урбанизам дека е донесено Решение од страна на Министерството за култура за привремена заштита на археолошкиот локалитет „Бејбунар“ во Охрид, бр. 08-2140/3 од 14.10.2008 година, кое е доставено во прилог, со известување дека согласно наведеното решение, потребно е Советот на општина Охрид да го одложи донесувањето и спроведувањето на Предлог ДУП за Урбана заедница „8“, УБ „8.3“- (12,60 ха) во Охрид, за кој Министерството за транспорт и врски има издадено согласност, се додека не истече рокот од две години за привремената заштита на Археолошкиот локалитет „Бејбунар“.

Наредниот ден, 22.10.2008 година, Министерството за транспорт и врски и по пошта го доставило до општина Охрид Решението бр. 16-11125/2 од 21.10.2008 година, со кое согласноста на Предлог планот за Урбана заедница „8“, УБ „8.3“- (12,60 ха) во Охрид, се огласува за ништовна во целост.

Според наводите на општина Охрид во одговорот на иницијативата, на 22.10.2008 година (среда) градоначалникот и претседателот на Советот на општината Охрид биле службено отсутни и не постоела можност за достава на Решението, на 23.10.2008 година бил неработен ден , така што Решението било доставено по завршувањето на седницата на Советот на општина Охрид одржана на 24.10.2008 година.

Советот на општина Охрид, на 24.10.2008 година, ја донел оспорената одлука, која е објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр. 8/43 од 27.10.2008 година.

Општина Охрид доставила до Комисијата за решавање во управна постапка од втор степен од областа на транспортот, врските и животната средина при Владата на Република Македонија, жалба бр. 08-2628/1 од 04.11.2008 година (примена во Владата на 06.11.2008 година), против Решението на министерот за транспорт и врски бр. 16-11125/2 од 21.10.2008 година, со која се бара второстепениот орган да ја уважи жалбата и оспореното решение да го поништи.

Министерството за локална самоуправа, согласно членовите 70 и 71 став 2 од Законот за локалната самоуправа, донело Решение бр.14-1516/3 од 18.11.2008 година, со кое примената на Одлуката за донесување детален урбанистички план за урбана единица 8. урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013, бр. 07-2447/7 од 24.10.2008 година, донесена од Советот на општина Охрид и објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр. 8/43, се запира. Решението е објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 159/2008, од 22 декември 2008 година.

На 22.01.2009 година Министерството за локална самоуправа, согласно член 71 став 4 од Законот за локалната самоуправа, достави до Уставниот суд на Република Македонија иницијатива за оценување на законитоста на прописот со запрена примена, со барање решението со кое е запрена примената на оспорената одлука да остане во важност до конечната одлука на Уставниот суд по однос на иницијативата.

Општина Охрид-Кабинет на Градоначалникот, со свој акт Бр.08-600/2 од 28.05.2009 година, до Уставниот суд на Република Македонија достави дополнение на одговорот-ургенција (примена во Судот на 01.06.2009 година), во кое известува дека на 26.05.2009 година, Министерството за култура – Управата за заштита на културното наследство, донела Решение за престанок на привремена заштита на недвижно културно наследство, бр. 08 – 2140/3, со кое под точка 1 одлучил дека престанува привремената заштита на археолошкиот локалитет „Бејбунар“ во Охрид, под точка 2 со донесувањето на Решението престанува да важи Решението за привремена заштита бр. 08-2140/3 од 14.10.2008 година донесено од истата управа и под точка 3, се врши бришење на привременото заштитено добро во Националниот регистар на културно наследство и тоа во Дополнителен регистар на добра под привремена заштита. Решението е доставено во прилог на известувањето.

7. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” бр. 51/2005 и 137/2007), кој бил во важност во време на донесување на оспорената одлука.

Во членот 7 од наведениот закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урбанистички план.

Според член 25 став 1 од Законот, кој е систематизиран во главата II, Планирање на просторот, во точка 2 – Постапката за изработување и донесување на планови, е регулирано дека на плановите од членот 7 точка 2 алинеи 1, 2, 3 и 4 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се издава согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Согласно ставот 3 на овој член, по добивањето на согласноста, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Од увидот во доставената документација за постапката за донесување на оспорениот детален урбанистички план, неспорно е дека Министерството за транспорт и врски, врз основа на член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со акт бр. 16-11125 од 08.10.2008 година, издало согласност на Предлог ДУП за урбана единица 8. урбан блок 8.3 општина Охрид. Исто така, неспорно е дека на 21.10.2008 година Министерството за транспорт и врски, по факс ги известил градоначалникот на општина Охрид, претседателот на советот на општина Охрид и Секторот за урбанизам дека е потребно Советот на општина Охрид да го одложи донесувањето и спроведувањето на Предлог ДУП за Урбана заедница „8“, УБ „8.3“- (12,60 ха) во Охрид, од причини што било донесено Решение од страна на Министерството за култура за привремена заштита на археолошкиот локалитет „Бејбунар“ во Охрид, се додека не истече рокот од две години за привремената заштита на Археолошкиот локалитет „Бејбунар“. Дополнително, на 22.10.2008 година, Министерството за транспорт и врски и по пошта го доставило до општина Охрид Решението со кое согласноста на Предлог планот за Урбана заедница „8“, УБ „8.3“- (12,60 ха) во Охрид, се огласува за ништовна во целост, со правна поука дека против решението може да се изјави жалба до Комисијата за решавање во управна постапка од втор степен од областа на транспортот, врските и животната средина при Владата на Република Македонија, во рок од 15 дена од приемот на решението. И покрај наведеното, советот на општина Охрид на 24.10.2008 година ја донел оспорената одлука и на 27.10.2008 година ја објавил во „Службен гласник на општина Охрид “.

Според Судот, донесувањето на решение за поништување на претходно дадената согласност за донесување на оспорената одлука, иако тоа не станало конечно во моментот кога е донесена одлуката, претставува јасно изразен став на надлежниот орган за вршење на работите од областа на уредување на просторот, дека ја повлекува согласноста издадена согласно член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно дека согласноста повеќе не постои и дека тоа значи обврска за општинските органи да го испочитуваат решението и да ја запрат постапката за донесувањето на оспорената одлука. Притоа, законодавецот не пропишал конкретна форма во која надлежниот орган ја издава или повлекува наведената согласност, од каде произлегува дека е потребно надлежниот орган на јасен и недвосмислен начин да ја изрази согласноста за донесување на одлуката, односно, како во конкретниов случај, на јасен и недвосмислен начин да изрази дека ја повлекува, односно поништува претходно дадената согласност. Фактот што согласноста е поништена со решение кое не било конечно до моментот на објавувањето на одлуката, според Судот, не може да се толкува како ова решение и да не постоело и тоа да ја оправда општината да продолжи со постапката, наместо да го запре донесувањето и објавувањето на одлуката, до завршување на постапката по спорното решение. Ова од причина што Министерството за транспорт и врски благовремено ги известило надлежните органи на општина Охрид дека постојат промени во правната и фактичката состојба кои влијаат на издадената согласност, поради кои согласноста е поништена. Со оглед дека одлуката произведува правно дејство од денот на објавувањето во службеното гласило на општината, се до овој момент е правно дозволиво повлекување на дадената согласност. Во конкретниот случај, несомнено е дека надлежните органи на општина Охрид, и пред донесувањето на одлуката и пред нејзиното објавување во службеното гласило на општината, знаеле дека согласноста е поништена, но и покрај тоа, ја донеле и објавиле одлуката.

Оттука, според Судот, донесувањето и објавувањето на оспорената одлука, во ситуација кога било донесено решение за поништување на претходно дадената согласност, независно што истото не било конечно, значи дека оспорената одлука била донесена без потребната согласност од член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, што претставува суштествен недостаток во постапката за планирање, поради што Одлуката е незаконита.

На ваквата оцена, според Судот, нема влијание дополнително донесеното Решение на Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство, со кое престанала привремената заштита на археолошкиот локалитет „Бејбунар“, а со тоа и важењето на Решението кое било основа за поништување на согласноста. Ова од причина што донесувањето на ова решение не ја заменува согласноста од член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање која недостасува во постапката за донесување на оспорената одлука, односно не може да ги замени и оправда донесувањето и објавувањето на оспорената одлука во постапка која има сериозни недостатоци кои одлуката ја прават незаконита.

8. Пред Судот се појави дилема дали деталниот урбанистички план кој е опфатен со оспорената одлука, го опфаќа просторот на локалитетот Бејбунар 1 и Бејбунар 2, имајќи предвид дека Уставниот суд, при оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување Генерален урбанистички план на Охрид 2002-2012, бр. 1348/2 од 30 јуни 2006 година (У.бр.143/2006), утврдил дека во извештајот од стручната расправа по овој план било видно дека на просторот на земјиштето во месноста Бејбунар 2 се наоѓале изворите на најквалитетна вода за пиење, поради што тој простор не можел да биде предвиден за градба. Во оваа постапка биле обезбедени мислења од Министерството за животна средина и просторно планирање, Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, Управата на Националниот парк „Галичица“, Хидробиолошкиот завод Охрид и МЈП „Проаква“.

Заради разрешување на наведената дилема, Судот се обрати до Министерството за транспорт и врски за добивање писмено известување дали месностите Бејбунар 1 и Бејбунар 2 се опфатени со Деталниот урбанистички план за УЕ 8, УБ 8.3 – Општина Охрид, кој се оспорува (акт на Уставниот суд У.бр.24/09 од 05.11.2009 година).

Според добиеното известување (акт на Министерството за транспорт и врски бр. 16-13551/4 од 21.12. 2009 година), Агенцијата за катастар на недвижности – Одделение за премер и катастар, Општина Охрид, доставило известување дека во доставените податоци од катастарскиот операт, опишаниот опфат е во месноста викана Бејбунар, додека за м.в. Бејбунар 1 и м.в. Бејбунар 2 истите не поседуваат податоци така што не се во можност конкретно да одговорат на барањето.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, не е јасно дали опфатот на оспорениот детален урбанистички план го опфаќа и просторот на месноста Бејбунар 2, за кој Уставниот суд веќе се произнел дека основано е изземен од можноста за градење, поради заштита на најквалитетната вода за пиење, а врз основа на мислењата од надлежните стручни органи. Притоа, Судот го имаше предвид и мислењето на Министерството за животна средина и просторно планирање – Сектор за просторно планирање, бр. 11-4335/2 од 20.06.2008 година (дадено во однос на Нацрт-планот кој се оспорува), според кое просторот кој што е предмет на изработка на спорниот детален урбанистички план е простор чија што јужна граница е дефинирана над Булеварот „Туристичка“, па со оглед на фактот дека урбаниот опфат не граничи со крајбрежјето на Охридското Езеро, истиот не е предмет на разгледување од аспект на заштита на Охридското Езеро и Законот за заштита на природата, заради што Управата нема забелешки на Нацрт-планот и во целост ја поддржува иницијативата за неговата изработка, но наведеното стручно мислење не задоволува како одговор на поставената дилема.

9. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

10. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.24/2009
27 март 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски