У.бр.23/2014-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 март 2015 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

– Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за утврдување цена на комунална услуга-собирање, транспорт и одлагање на комунален цврст отпад од правните субјекти бр.02-173/13 од 22.07.2013, донесена од Управниот одбор на ЈКП „Скопска Црна Гора“ и

– Одлуката за давање согласност на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за утврдување цена на комунална услуга-собирање, транспорт и одлагање на комунален цврст отпад од правните субјекти бр.07-1120/10 од 30.07.2013 година, донесена од Советот на општина Чучер-Сандево („Службен гласник на општина Чучер-Сандево“ бр.8/2013).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Друштво за градежништво, трговија на големо и мало ФИНЕСТА-БАУ ДОО, увоз-извоз Скопје и трговско друштво за градежништво, производство, трговија и услуги КАЛИКО КОМЕРЦ ДОО, увоз-извоз Скопје, со решение У.бр.23/2014 од 21 јануари 2015 година повде постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со Законот за управување со отпад.

4. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на ЈКП „Скопска Црна Гора“ на 22.07.2013 година донел Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување цена на комунална услуга-собирање, транспорт и одлагање на комунален цврст отпад од правните субјекти, заведена под бр.02-173/13 од 22.07.2013 година.

Во членот 1 од Одлуката, определено е дека во членот 2 од претходно донесената одлука бр.02-111/10 од 9.05.2013 година бројот „80“ се заменува со бројот „100“.

Според член 2 од Одлуката, членот 4 се менува и гласи:

„Цената за собирање и транспортирање на комунален цврст отпад од деловните простории на правните субјекти со површина над 100 мІ да изнесува:

– површина од 101 мІ до 500 мІ 4000,оо ден. без ДДВ
– површина од 501 мІ до 1000 мІ 8000,оо ден. без ДДВ
– површина над 1001 мІ 12000,оо ден. без ДДВ

Во членот 3 од Одлуката е определено дека истата влегува во сила по добивањето на согласност од Советот на општината Чучер-Сандево.

Со одлуката бр.07-1120/10 од 30.07.2013 година Советот на општина Чучер-Сандево дал согласност на првооспорената одлука.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 121 став 1 од Закон за управување со комунален отпад (“Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 71/2004, 107/2007, 102/2008, 143/2008, 124/2010, 51/2011 и 123/2012), висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот отпад ја одобруваат советот на општините и градот Скопје, на предлог на градоначалникот на општините и градот Скопје, кога давателот на услугата е јавно претпријатие основано од општините и градот Скопје согласно со членот 46 став (3) на овој закон.

Според став 2 од истиот член од Законот, висината на цената за собирање и за транспортирање на комуналниот отпад се утврдува со договорот од членот 46 став 4 на овој закон кога давател на услуга е правно и физичко лице.

Во ставот 3 од членот 121 од Законот е определено дека, цената од ставовите 1 и 2 на овој член ќе биде определена врз основа на количеството и видот на отпадот која може да се утврдува според единица како денар по метар квадратен, денар по метар кубен и денар по килограм.

Од наведените законски одредби произлегува дека комуналната дејност собирање и за транспортирање на комуналниот отпад можат да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности основани од општините, кои како даватели на услугите, се овластени да ја утврдуваат и висината на цената и начинот на плаќањето на оваа комунална услуга и тоа по претходно одобрување од Советот на општината.

Од содржината на првооспорената одлука произлегува дека Управниот одбор на Комуналното јавно претпријатие ја утврдил цената на услугата според минимална и максимална граница по м2 како критериум за утврдување единечни цени за конкретната комунална услуга, собирање и транспортирање на отпад. Во одлуката се определени три висини на цената, кои зависат исклучиво од дадената рамка на минимална и максимална површина на деловните простории на правните субјекти (површина од 101 мІ до 500 мІ со цена 4000,оо ден. без ДДВ, површина од 501 мІ до 1000мІ со цена 8000,оо ден. без ДДВ и површина над 1001 мІ со цена од 12000,оо ден. без ДДВ).

Оттука, произлегува дека со оспорената одлука, цената за собирање и транспортирање на отпад не се определува во зависност од големината на деловните површини на корисниците на услугата, како што предвидел членот 121 став 3 од Законот за управување со отпад, (денар по метар квадратен), туку според извршено групирање на корисниците на услугите по определената рамка на минимална и максимална површина на просторот.

Имајќи предвид дека со оваа одлука корисник со 101 мІ и корисник со 500 мІ (5 пати поголема површина плаќаат една иста цена-4000,оо денари, односно корисник со 501 мІ и корисник со 1000 мІ (два пати поголема површина) плаќаат 12000,оо денари, произлегува дека корисниците на услугата се доведуваат во нееднаква положба.

Ваквиот начин на утврдување на надоместокот за комуналните услуги определен со првооспорената одлука, не е во согласност со законската определба дека плаќањето на комуналната услуга се врши според мерна единица денар по метар квадратен, поради што Судот оцени дека првооспорената одлука не е во согласност со член 121 став 3 од Законот управување со отпад.

Со оглед на тоа што подзаконските акти мораат да бидат во согласност со Устав и со закон, што воедно е и принцип на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, произлегува дека оспорената одлука не е во согласност и со членот 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Според содржина, второоспорената одлука, не претставува пропис подобен за уставно судска оцена, со оглед дека не содржи општи норми на однесување и не уредува односи на субјектите во правото на општ начин, како правни елементи кои го определуваат прописот. Меѓутоа, фактот што нејзиното донесување и објавување е услов за произведување правно дејство на првооспорената одлука, истата ја прави нејзин составен дел, поради што ја дели судбината на Одлуката за утврдување цена на комунална услуга-собирање, транспорт и одлагање на комунален цврст отпад од правните субјекти. Оттука, според Судот, неуставноста и незаконитоста на првооспорената одлука се одразува и на Одлуката со која општината Чучер-Сандево дала согласност на истата.

Оттаму, одлуката со која се дава согласност, како второоспорена, не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.23/2014
25 март 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева