У.бр.218/2007-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 септемвври 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за усвојување на Детален урбанистички план за Урбан блок 60 во Тетово, бр.07-1377/10, донесена од Советот на општина Тетово на 18 јули 2007 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива од Ветеринарната станица „Тетово“, Фатмир и Ремзи Реџепи, Зулбеар, Зулбие и Авдилгани Зулбеари и Месната заедница „Дарданиа“, сите од Тетово, со Решение У.бр.218/2007 од 1 јули 2009 година поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 24 став 4 реченица прва од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

4. Покрај неколкуте писмени обраќања до градоначалникот на општина Тетово, заради остварување на уставните овластувања на Судот, до Судот нема допис од надлежните органи на општина Тетово односно Судот не доби формално-правно издржан одговор од кој може да ја утврди фактичката и правната состојба по предметот, ниту пак има доказ од кој би можело да се утврди дека нацрт-Планот бил објавен во Месната заедница, кој аспект на постапката е инициран во две иницијативи.

5. Според член 24 став 4 реченица прва од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка) „јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.“

Од изнесената законска одредба произлегува дека нацрт-планот, по кој се организира јавна презентација и јавна анкета, мора да се изложи на јавно место во кругот на месната самоуправа.

Со оглед на тоа што општина Тетово, покрај сите направени напори од Судот, не докажа дека ја испочитувала постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за урбан блок 60 согласно член 24 став 4 реченица прва од означениот закон, Судот оцени дека оспорената одлука не била донесена во согласност со означената законска одредба.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.218/2007
23 септември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски