У.бр.201/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 23 декември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за надоместоците за користење на фонограми и изведби и Тарифата за надоместоци за користењето фонограми и изведби, во целина, донесени од Собранието на Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи „Македонска музичка индустрија“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2012).

2. Здружението на хотели, ресторани и кафетерии – ХОТАМ од Охрид, Фондацијата за интернет и општество МЕТАМОРФОЗИС и Слободен софтвер од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа две иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите наведени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во двете иницијативи, кои се сосема идентични во поглед на содржината, оспорените акти, во целина биле спротивни на Законот за авторското право и сродните права од причина што пред да се донесе оспорениот правилник, претходно морало да постои општ договор помеѓу организацијата и здруженијата на одделни категории корисници, односно нивните комори што го претставуваат мнозинството корисници и поединечен договор меѓу организацијата и поединечен корисник, па дури потоа можело да се донесува општ акт на организацијата за определување на висината на надоместоците (член 139 став 1 од Законот за авторското право и сродните права), што во конкретниот случај не било направено.

Според член 139 став 4 од Законот, само доколку корисникот и организацијата не склучат поединечен договор за условите и висината на надоместокот, корисникот бил должен да плаќа надоместок според општиот договор и тарифата. Во иницијативата се наведува дека не бил почитуван член 140 став 3 од Законот, кој предвидувал дека доколку организацијата не ги прифати предлозите и мислењата на субјектите, таа е должна во рок од 15 дена да побара мислење од Комисијата за посредување во авторското право, што не било сторено;

При донесувањето на оспорениот правилник, доносителот на правилникот не побарал од корисниците информации, мислења ниту документи потребни за определување на висината на надоместокот за користење на правото (согласно член 133 став 7 од Законот), ниту пак побарал мислење од Комисијата за посредување.

Од тие причини оспорениот правилник во целина не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4, 6 и 7, член 20, член 30, член 47, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија и со член 2 став 1, член 133 точка 7, член 135 став 7, член 137, 138, 139 и 140 од Законот за авторското право и сродните права, како и со член 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Правилникот не бил во согласност со одредбите од член 4, член 7, член 8 и член 20 од Законот за облигационите односи кои предвидуваат рамноправност на учесниците во облигационите односи, еднаквост на заемните давања и забрануваат искористување на монополската положба на пазарот.

Како причина за неуставност и незаконитост се наведува и тоа што веќе постои Правилник со Тарифа за користење авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.154/2011) така што корисниците не можеле да плаќаат надоместок по два правилници, односно по две основи.

Во однос на посебно оспорените одредби, во иницијативата се наведуваат следните аргументи:

Во врска со членот 6 став 4 од Правилникот, во иницијативата се наведува дека е спорно што се подразбирало под поимот „придонесува за зголемување на пријатноста“ и врз основа на кои законски критериуми и параметри тоа го утврдил доносителот на Правилникот.

Особено тарифните броеви 36 и 37г) биле во спрoтивност со дефиницијата за јавност, бидејќи тие настани се одвивале во потесниот круг на блиски роднини или лични пријатели.

Тарифните броеви кои се однесувале на деловни простории, бизниси и дејности, во кои пристап имаат мал број на луѓе, не можеле да претставуваат јавност, бидејќи не го исполнувале критериумот за „поголем број на лица“ и не би можеле да бидат товарени со надоместоците.

Целиот Правилник и Тарифа не биле засновани на општата одредба од член 2 став 1 и член 30 од Законот за авторското право и сродни права кои предвидувале дека: Јавност во смисла на овој закон, претставува достапност на авторското дело, односно на предметите на сродните права по еднакви услови, на поголем број лица надвор од потесниот круг на роднини или лични познанства.

Во врска со Тарифни броеви 31 став 2 и 3, 32 став 2 и 3, 33 ставови 2 и 3, 34 ставови 2 и 3, 35 став 7, кои предвидуваат пресметување на надоместокот во дупли износи, односно во десеткратен износ (тарифен број 35 став 7) поради недоставување на податоци, во инцијативата се укажува дека тоа биле застрашувачки казнени одредби кои немале уставен и законски основ и не биле во согласност со темелните вредности на уставниот поредок како што се владеењето на правото, поделбата на власта, заштитата на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото. Ова од причина што вакви одредби можеле да се пропишуваат само со закон и нив можело да ги изрече само суд, а не и Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи ММИ.

Основите за определување на надоместоците не биле определени согласно член 137 од Законот за авторското право и сродните права, затоа што надоместокот во оспорените тарифни броеви не бил определен во процент од приходот кој корисникот го остварува со користењето на авторското дело или предметот на сродното право, што било спротивно и на ставот на Уставниот суд изразен во Одлуката У.бр.135/2008 од 18 февруари 2009 година.

Во иницијативата се наведува дека при одлучувањето треба да се има предвид и член 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој со актите кои ги донесува министерот, директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа, односно со управната организација, не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Со иницијативата се предлага Судот да ги има предвид и следните одлуки: У.бр.71/2007 од 30 јануари 2008, У.бр.74/2007 од 13 февруари 2008 година.

Со иницијативата на крајот се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на Правилникот и Тарифата во целина и посебно на означените оспорени одредби, како и да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот правилник, бидејќи со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби ја имаат следнава содржина:

Според член 1 ставови 1, 2 и 3 од Правилникот за надоместоците за користење на фонограми и изведби, („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2012), со овој правилник се уредуваат правилата и основите за утврдување на висината на надоместоците за јавно соопштување (јавно пренесување, радиодифузно емитување, радиодифузно реемитување и кабелско реемитување) фонограми со изведби издадени за комерцијална цел и изведби што самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка (во понатамошниот текст: изведби), како и надоместокот од изнајмување на фонограми и видеограми (во натамошниот текст: користење) за кои ММИ има дозвола за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи согласно Решение за давање дозвола за колективно управување бр.54-5231/2 од 10.5.2012 година на Министерот за култура објавено во „Службен весник на РМ“ бр. 60 од 16 мај 2012 година. Висината на надоместоците за користење се утврдува со Тарифа за висината на надоместок за користење на фонограми со изведби издадени за комерцијални цели и изведби што самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка, како и надоместокот од изнајмување на фонограми и видеограми (во понатамошниот текст: Тарифа) која е составен дел на овој правилник. Корисникот е должен да плаќа надоместок во согласност со Тарифата доколку ММИ нема склучено Општ договор со здружение на посебната категорија корисници на која тој припаѓа, односно со комората на корисници што го претставува мнозинството корисници на таа категорија или поединечен договор со корисникот.

Во членот 2 од Правилникот е утврдено дека, надоместоците утврдени во член 1 став 1 од овој правилник се плаќаат и во случај кога фонограмот кој е издаден за комерцијални цели и/или изведбите што самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка, јавно се соопштува (јавно се пренесува, радиодифузно се емитува, радиодифузно се реемитува или кабелски се реемитува) или на друг начин биде ставен на располагање на јавноста и без дозвола на произведувачот на фонограм или изведувачот.

Надоместокот не се плаќа за користење на фонограми:
1) во настава или при образовни и научни истражувања до степен оправдан со некомерцијалната цел што треба да се постигне, ако нема никаков вид на наплата,
2) на училишни свечености – ако влезот е бесплатен
3) при известување за тековни настани со кратки делови од изведби,
4) за потребите на лица со посебни потреби на начин кој непосредно е поврзан со посебната потреба, до степен што таа го бара и без комерцијална цел,
5) за време на верски обреди или други службени одбележувања организирани од органите на државната власт и единиците на локалната самоуправа, во рамките на официјалниот протоколарен дел, одржани во седиштето или службените простории на организаторот,
6) за умножување на носач на тон и слика, јавно соопштување на изведбата од тој носач, како и јавно соопштување на изведбата што се емитува во продавници, на саеми и други места каде што се демонстрираат и продаваат фонограми и/или апарати за снимање, умножување и пренесување на тон и слика, во мера што е неопходна за демонстрирање на фонограмите и работата на апаратите. Снимките создадени по оваа основа веднаш треба да се избришат.

Според членот 6 став 1 точка 4 од Правилникот, надоместоците за користење се определуваат по следните основи:

4) кога користењето на фонограмите не е нужно за вршењето на дејноста на корисникот, меѓутоа придонесува кон зголемување на пријатноста на крајните корисници на нивните услуги, како во случај на: сместувачки капацитети, хотели, изложбени простори, угостителски објекти, превозни средства и другите слични објекти и дејности, висината на надоместокот е определена во паушален износ и тоа како за постојните, така и за повремените користења.

Од Тарифата за надоместоци за користење фонограми и изведби се оспорени следните одредби и тарифни броеви:

VII. УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ

A) Угостителски објекти кои дејноста ја обавуваат врз основа на лиценца

Тарифен број 8

– Ноќни барови
– Кабареа
– Диско клубови
– Диско клубови на отворен простор
Град Скопје и туристички подрачја во сезона

Работно време
Површина на простор во м2 до 24 часот По 24 часот
од 0-100м2 50 100
од 101-200м2 100 200
од 201-400м2 200 400
0д 401-800м2 350 700
Повеќе од 800м2 500 1000

Останати подрачја и туристички подрачја надвор од сезона

Работно време
Површина на простор во м2 до 24 часот По 24 часот
од 0-100м2 35 70
од 101-200м2 70 140
од 201-400м2 140 280
0д 401-800м2 245 490
Повеќе од 800м2 350 700

Б) Угостителски објекти за исхрана и пијалоци

Тарифен број 9

– Ресторани
– Гостилници
– Ресторани со самопослужување
– Киосци
– Млечни ресторани
– Ресторан бавчи
– Летни бавчи
– Кебапчилници
– Пицерии
– Бистроа
– Пивници
– Експрес Ресторани
– Кафеани
– Кафетерии
– Кафе барови

Град Скопје и туристички подрачја во сезона

Работно време
Површина на простор во м2 до 24 часот По 24 часот
од 0-30м2 15 30
од 31-100м2 25 50
од 101 – 200м2 50 100
0д 201 – 400м2 100 200
од 401 – 800м2 150 300
Повеќе од 800м2 200 400

Останати подрачја и туристички подрачја надвор од сезона

Работно време
Површина на простор во м2 до 24 часот По 24 часот
од 0 – 30м2 11 23
од 31 – 100м2 19 38
од 101 – 200м2 38 75
0д 201 – 400м2 75 150
од 401 – 800м2 110 220
Повеќе од 800м2 150 300

В) Локали и објекти во кои не се служи алкохол

Тарифен број 10

– Бурекџилници
– Слаткарници
– Интернет кафеа / играчници
– Кантини
– Детски игротеки во кои се служи храна и/или пи-
јалок

Град Скопје и туристички подрачја во сезона

Работно време
Површина на простор во м2 до 24 часот По 24 часот
од 0-30м2 7.5 15
од 31-100м2 12.5 25
од 101 – 200м2 25 50
0д 201 – 400м2 50 100
Повеќе од 400м2 75 200

Останати подрачја и туристички подрачја надвор од сезона

Работно време
Површина на простор во м2 до 24 часот По 24 часот
од 0-30м2 5 10
од 31-100м2 9.5 19
од 101 – 200м2 19 37.5
0д 201 – 400м2 37.5 125
Повеќе од 400м2 55 110

Г) Локали и објекти во кои понудата не се консумира на лице место

Тарифен број 11

– Скара на кило
– Сендвичари
– Семкарници (леблебиџилници)

Град Скопје и туристички подрачја во сезона

Работно време
Површина на простор во м2 до 24 часот По 24 часот
од 0-30м2 5 10
Повеќе од 30м2 8 16

Останати подрачја и туристички подрачја надвор од сезона

Работно време
Површина на простор во м2 до 24 часот По 24 часот
од 0-30м2 2.5 5
Повеќе од 30м2 4 8

Д) Угостителски објекти за сместување

Тарифен број 12

Ако со посебен договор не е поинаку утврдено:
– за користење на фонограми и изведби во собите на угостителски објекти за сместување како хотели, мотели, пансиони, хотелски населби, туристички апартмани, апартмански населби, туристички резиденции, бунгалови и депанданси преку интерна телевизија од затворен тип или било кај друга телевизија или кабелска мрежа, или преку радиоприемник, месечниот надомест изнесува 3 бодови по приемник или интернет приклучок.

VIII. ТРГОВСКИ И ДРУГИ РАБОТНИ ПРОСТОРИИ

Тарифен број 13

1. За користење на фонограми и изведби во трговски центар, супермаркет, стоковна куќа, продавница, постојан изложбен трговски простор, деловна просторија, берберски или фризерски салон, козметички салон, салон за убавина, занаетчиски дуќани, здравствена установа,агенција, банка, бензинска пумпа, производствен погон или слично, месечниот надомест во зависност од големината на просторот изнесува:

Површина на простор во м2 Цена во бодови по м2
до 50м2 0.2
од 50 – 200м2 0.15
Повеќе од 200м2 0.1

2. Доколку фонограмите и изведбите се употребуваат и на отворен јавен простор месечниот надомест од претходната табела се зголемува за 30 бодови.
3. За користење на фонограми и изведби на сезонски или повремени саеми дневниот надомест изнесува 10 бодови и по 2 бодови на ден за користење на фонограми на секој одделен изложбен простор (штанд).
4. За користење на фонограми и изведби во пропагандни цели со помош на возило со разглас дневниот надоместок изнесува 6 бодови

IX. ПРЕВОЗНИ СРЕДСТВА

Тарифен број 14

1. Ако со посебен договор не е поинаку утврдено:
– за користење на фонограми и изведби во средства кои вршат јавен превоз автобуси, возови, бродови, месечниот надомест изнесува 3 бодови по превозно средство.
– Ако со посебен договор не е поинаку утврдено:за користење на фонограми и изведби во излетнички автобуси на туристички агенции, месечниот надомест изнесува 15 бодови по превозно средство.
– Ако со посебен договор не е поинаку утврдено:за користење на фонограми и изведби во авиони, месечниот надомест изнесува 1,5 бодови по лет.
2. За користење на фонограми и изведби на автобуска, железничка станица, пристанишата, аеродроми, месечниот надомест изнесува 130 бодови.
3. За користење на фонограми и изведби во такси возила, обврзник е такси здружението, а месечниот надомест по регистрирано такси возило изнесува 0.3 бодови.

XVII. УЧИЛИШТА ЗА ТАНЦУВАЊЕ

Тарифен број 22

За користење на фонограми и изведби во училиштата за танцување месечниот надоместок изнесува 10 бодови.

XVIII. САЛОНИ ЗА ИГРА

Тарифен број 23

За користење на фонограми и изведби во салони за забава и/или игри, билијард клубови, флиперници, автомати, куглани, обложувалници и слично, кои користат музика по механички пат, доколку не пружаат угостителски услуги, месечниот надоместок изнесува 5 бодови.

XX. АЕРОБИК И ФИТНЕС КЛУБОВИ

Тарифен број 25

Ако со посебен договор не е поинаку утврдено, за користење на фонограми и изведби во центри за аеробик и сл. активности и фитнес клубови месечниот надоместок изнесува 100 бодови.

XXIII. ВЕРСКИ ОБЈЕКТИ

Тарифен број 28
Ако со посебен договор не е поинаку утврдено за користење на фонограми во верски објекти, надоместокот изнесува 10 бода месечно.

XXIV. ГРОБИШТА И КРЕМАТОРИУМИ

Тарифен број 29

За користење на фонограми во капели на гробишта и крематориуми надоместокот се плаќа месечно и изнесува 10 бода по капела.

XXV. ЈАВНИ ПАРКИНЗИ И ГАРАЖИ

Тарифен број 30

За користење на фонограми на јавни паркинзи и гаражи се плаќа месечен паушален износ во вредност од 16 бода зголемен за 0,1 бод за секое паркинг место.

XXVI. ТЕЛЕФОНСКИ УСЛУГИ

Тарифен број 31

Ако со посебен договор не е поинаку утврдено за користење на фонограми преку телефон месечниот надоместок изнесува 10 бода по влезна операторска линија.
Доколку не постои посебен договор, а корисникот не и достави на ММИ потполни и вистинити податоци за остварениот приход, надоместокот ќе се пресмета во дуплиран износ од последниот месец за кои постојат податоци. (оспорен став)
Доколку се работи за нов корисник, а тој не достави податоци за остварениот приход, надоместокот ќе се пресмета во дуплиран износ од познати податоци на други корисници. (оспорен став)

XXVII. ИНТЕРНЕТ УСЛУГИ

Симул кастинг
Тарифен број 32

Ако со посебен договор не е поинаку утврдено, за користење на фонограми и изведби преку истовремено радиодифузно емитување на радио или телевизиска програма по пат на сателит и/или веб стриминг, наречено симул кастинг, надоместок на годишно ниво се утврдува во износ од 20% од висината на надоместокот кој што соодветниот радиодифузер го плаќа согласно Тарифните броеви 1, 2 и 3, пропорционално на времето на емитување на програмата по пат на сателит и/или веб стриминг.
Доколку не постои посебен договор, а корисникот не и достави на ММИ потполни и вистинити податоци за времето на емитување на програмата по пат на сателит и/или веб стриминг, надоместокот ќе се пресмета во дуплиран износ од последниот месец за коj постојат податоци.
Доколку се работи за нов корисник, а тој не достави податоци за времето на емитување на програмата преку сателит и/или веб стриминг, надоместокот ќе се пресмета како да е програмата емитувана континуирано во текот на 24 часа, во текот на целата година.

XXVIII. ВЕБ КАСТИНГ

Тарифен број 33

Ако со посебен договор не е поинаку утврдено за користење на фонограми и изведби преку веб кастинг месечниот надоместок изнесува 0,001 бод по бројот на логирани корисници, но не помалку од 42 бода.
Доколку не постои посебен договор, а корисникот не и достави на ММИ потполни и вистинити податоци за бројот на логирани корисници во текот на еден месец, надоместокот ќе се пресмета во дупли износ од последниот месец за кои постојат податоци.
Доколку се работи за нов корисник, а тој не достави соодветни податоци надоместокот ќе се пресмета во дупли износ од познати податоци на други соодветни корисници.

XXIX. РИНГ ТОНОВИ

Тарифен број 34

Ако со посебен договор не е поинаку утврдено за користење на фонограми преку ринг тонови месечниот надоместок изнесува 4% од приходот оставарен од тие услуги према бројот на корисници, но не помалку од минималниот апсолутен износ кој изнесува 20 бода.
Доколку не постои посебен договор, а корисникот не и достави на ММИ потполни и вистинити податоци за остварениот приход, надоместокот ќе се пресмета во дупли износ од последниот месец за кои постојат податоци.
Доколку се работи за нов корисник, а тој не достави податоци за остварениот приход, надоместокот ќе се пресмета во дупли износ од познати податоци на други корисници.

НАДОМЕСТ ЗА КОНЦЕРТИ И ДРУГИ МАНИФЕСТАЦИИ

XXX. КОНЦЕРТИ И ДРУГИ ИНТЕРПРЕТАТОРСКИ ПРИРЕДБИ

Тарифен број 35
(оспорен е ставот 6 кој гласи:)

Организаторот на концертот или друг вид интерпретаторска приредба е должен истата да ја пријави на ММИ најмалку 15 дена пред одржувањето на истата, и да достави податоци за остварениот приход или направените трошоци, во рок од 15 (петнаесет) дена по одржувањето на истиот. Доколку корисникот не и достави на ММИ потполни и вистинити податоци за остварениот приход,или направените трошоци, надоместокот ќе се пресмета во десеткратен износ од минималниот износ утврден за плаќање согласно овој тарифен број.

XXXI. ЗАБАВНИ ПРИРЕДБИ

Тарифен број 36

За користење на фонограми:
а) на забава, игранка, другарска вечер, прослава, банкет, матурска, бруцошка, дипломска, клупска вечер и сл. со наплата на влезница или друг облик на наплата надоместот изнесува 4% од приходот, а најмалку 15 бода, колку што изнесува надоместот и во случај кога приредбата е без наплата.
б) на сезонски забавни приредби како што се бал, маскенбал, карневал, пречек на Нова година, 8 Март и слично со наплата на влезници или друг облик на наплата, надоместот изнесува 4% од приходот, а најмалку 20 бода, колку што изнесува надоместот и во случај кога приредбата е без наплата.

XXXII. ДРУГИ ПРИРЕДБИ

Тарифен број 37
(оспорена е точката г) која гласи:

За јавно соопштување на фонограми:
…….
г) на свадби, крштевки, сунет и слични приредби кои се одржуваат во простории во кои се врши угостителска дејност (ресторани, ноќни клубови и барови, диско клубови, домови на културата, саеми, музеи, шатор, дворови и сл. и надоместот по приредба изнесува 20 бода.

4. Врз основа на доставената документација, во претходна постапка беше утврдена следнава фактичка состојба:

„ММИ“ (Македонска музичка индустрија) претставува Организација за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи.

Колективното управување на наведените права ММИ го врши врз основа на Решение за давање дозвола за колективно управување бр.54-5231/2 од 10 мај 2012 година на Министерот за култура.

На 18 јули 2012 во весникот „Дневник“, ММИ објавила јавен повик до сите корисници на фонограми и изведби во рок од 30 дена од денот на објавувањето на повикот да дадат свое мислење по Предлог-правилникот за утврдување на висината на надоместоците за користење на фонограми и изведби заедно со Тарифата која била објавена на интернет страницата на ММИ.

На 24 јули 2012 година Здружението на хотели, ресторани и кафетерии – ХОТАМ (подносител на предметната иницијатива пред Уставниот суд) со писмен допис ја известило ММИ дека не се сложуваат со Предлог правилникот за утврдување на висината на надоместоците за користење на фонограми и Тарифата за висината на надоместоците за користење на фонограми изведби.

Мислења и забелешки на Предлог-правилникот дале: Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора – Здружение за угостителство и туризам, ХОТАМ здружение на хотели, ресторани и кафетерии, Македонија турист, Фершпед, Групација на националните радиодифузери при Стопанска комора на Република Македонија, Радио Канал 77 од Штип, Македонски телеком Скопје, Близуу Скопје, Диги плус мултимедија, ЈСП Скопје, Здружение на приватни превозници на град Скопје.

Со оглед на тоа што биле дадени забелешки и несогласувања со Тарифата, ММИ се обратила и побарала мислење по однос на отворените прашања од Комисијата за посредување согласно член 140 став 3 од Законот за авторското право и сродните права.

Комисијата за посредување при Министерството за култура дала писмено мислење на 22 октомври 2012 година.

Врз основа на мислењето од Комисијата, ММИ го изменила Предлог-правилникот (со Одлука од 5 ноември 2012 година).

Конечниот текст на Правилникот Собранието на ММИ го донело на 10 ноември 2012 и тој бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2012 од 13 ноември 2012 година.

На 19 декември 2012 година ММИ до Стопанската комора на РМ упатила писмен повик за започнување преговори во врска склучување на договори за утврдување на висината на надоместокот за јавно соопштување на фонограми издадени за комерцијална цел и изведби кои самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка.

На 25 декември 2012 година ММИ упатила ист таков повик до ХОТАМ, Охрид, со цел да биде постигнат општ договор за утврдување на висината на надоместокот.

Во октомври 2013 година, бил донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2013), со кој е воведен нов пододдел во Законот со наслов – Постапка за донесување на тарифа, со кој практично е изменета постапката за донесување на тарифата. Со новите одредби (од член 140 и 140-а) се предвидува Владата на Република Македонија да дава согласност на предлог- тарифата, по што Тарифата се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Во членот 30 од преодните и завршните одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права е предвидено дека организациите за колективно управување со авторското право и сродните права кои имаат дозвола за колективно управување и започнале со работа согласно со членот 150 став 3 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ број 115/10 и 51/11) се должни во рок од 30 дена сметано од денот на влегувањето во сила на овој закон да го објават јавниот повик од членот 12 став 1 од овој закон и во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат актите и работата со одредбите од овој закон. Доколку организациите од ставот (1) на овој член во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон не го објават јавниот повик од членот 12 од овој закон и во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон не ги усогласат актите и работата со одредбите на овој закон Министерството за култура со решение ќе ја одземе дозволата за колективно управување.

Во текот на 2014 година, по истекот на рокот од 4 месеци за усогласување на работата и актите на организациите за колективно управување со авторското право и сродните права, Уставниот суд неколку пати писмено се обрати до доносителот на оспорениот акт – Македонска музичка индустрија (ММИ) која го извести Судот дека во рокот предвиден со Законот организацијата го објавила јавниот повик, со што ја започнала постапката за донесување на нова тарифа.

Од дописот бр.141/0101 од 5 јануари 2015 година на ММИ се утврди дека ММИ во рокот предвиден со Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2013) ги изготвила Предлог-правилникот и Предлог-тарифата за висината на надоместоците за користење на фонограми и снимени изведби и истите ги доставила до Министерството за култура на Република Македонија, на натамошно постапување, односно на давање согласност.

Министерството за култура со допис УП1 58-4 од 27 февруари 2015 година, го извести Уставниот суд дека постапката за давање на согласност на Предлог-тарифата на организацијата за колективно управување со правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи ММИ се уште не е завршена, односно дека одлуката за давање или одлука со која не се дава согласност на предлог-тарифата се уште не е донесена.

Министерството за култура повторно на 30.06.2015 година, писмено го извести Судот, дека постапката за давање согласност на Предлог-тарифата на Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи ММИ е се уште во тек.

Од наведената фактичка состојба Судот утврди дека оспорениот правилник за надоместоците за користење на фонограми и изведби и Тарифата за надоместоци за користење фонограми и изведби („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2012) е се уште во примена, иако роковите за неговото усогласување, односно за донесување на нова Тарифа согласно нова, изменета процедура се одамна изминати.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 47 став 2 од Уставот се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво во Република Македонија се регулирани со Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2010, 51/2011 и 147/2013) со кој се уредува правото на авторите над своите авторски дела (во натамошниот текст: авторското право), правата на уметниците-изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми (филмски продуценти), на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни права (во натамошниот текст: сродните права), остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на законот.

Според членот 3 од Законот, авторот, односно носителот на сродно право, има право на правичен надомест за секој вид користење на авторското дело, односно предметот на сродно право, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Сродните права (кои се предмет на оваа иницијатива) се уредени во посебна глава од Законот, при што предметот на сродните права е уреден со членот 99. Според овој член, предмети на сродни права се изведбите на уметниците-изведувачи, фонограмите на произведувачите на фонограми, видеограмите на филмските продуценти, програмите на радио-телевизиските организации, изданијата на издавачите и базите на податоци на нивните изготвувачи.

Покрај моралните и материјалните права на изведувачот (уредени со член 103 и член 104 од Законот), согласно членот 105 изведувачот има право на дел од единствениот надоместок за секое јавно соопштување на фонограм со негова изведба, издаден за комерцијална цел, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Според член 109 од Законот, произведувач на фонограм, во смисла на овој закон, е физичко или правно лице што презема иницијатива, организација, финансирање и одговорност за прво снимање на звуците од изведба, на други звуци или звучни појави (во натамошниот текст: фонограм). 2. Фонограм, во смисла на овој закон, е снимка на звуци од изведба или други звуци или звучни појави, освен на снимка вградена во аудиовизуелно дело Правата над фонограмот на кој било начин не се ограничени со вградувањето на фонограмот во видеограм. 3. Снимка, во смисла на овој закон, е отелотворување (запис на носач на тон) на звуци или звучни појави од што тие може да бидат восприемани, умножени или соопштени со помош на технички средства.

Според членот 111 од Законот, произведувачот на фонограми има право на дел од единствениот надоместок од јавно соопштување на неговиот фонограм издаден за комерцијална цел. 2. Како фонограм издаден за комерцијална цел се смета и фонограм ставен на располагање на јавноста. 3. Произведувачот на фонограми и изведувачот на изведбата вградена во фонограмот имаат право на подеднаков дел од единствениот надоместок од ставот 1 на овој член, доколку со договор поинаку не е определено. 4. Во случај од ставот 1 на овој член корисникот е должен за секое користење да го плаќа надоместокот од ставот 1 на овој член за правата на произведувачот на фонограми и за правата на изведувачот, доколку со овој закон поинаку не е определено. 5. Произведувачот на фонограми има право на дел од единствениот надоместок за умножување за приватно користење, согласно со членот 46 од овој закон.

Колективното управување со авторското право и сродните права е уредено во глава четврта од Законот. Според член 129 од Законот, носителите на авторското право и на сродните права можат да ги остваруваат правата определени со овој закон индивидуално (одделно за секое авторско дело, односно предмет на сродно право), лично, односно преку застапник или колективно (заедно за повеќе дела или предмети на сродни права и за повеќе носители на правата) преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон. Колективното управување со правата од ставот (1) на овој член опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти.

Според членот 132 од Законот, колективното управување со авторското право и сродните права може да врши правно лице основано од носители на правата (физички и /или правни лица) за колективно управување со правата кое работи во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура (во натамошниот текст: организација). Организацијата работи со непрофитна цел врз принципите на рационалност и транспарентност и со почитување на правилата за конкуренција. Организацијата може да биде основана за одредени видови права или за права што припаѓаат на одделни носители.

Освен другите надлежности утврдени во членот 133 од Законот, организацијата е должна да донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето, во согласност со закон; ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти; бара од корисниците информации и документи потребни за определување на висината на надоместокот за користење на правата; врши контрола на користењето на авторските дела, односно предметите на сродните права, обезбедува и овозможува јавност на работењето (обезбедува пристап на носителите на правата до информациите за користење на правата, за прибраните средства и за распределбата.

Основ за донесување на оспорениот правилник е членот 139 став 1 од Законот за авторското право според кој висината на надоместоците за користење, доколку со овој закон поинаку не е определено, се определуваат со:
1) општ договор меѓу организацијата и здруженијата на одделни категории корисници, односно нивните комори што го претставуваат мнозинството корисници (општ договор);
2) поединечен договор меѓу организацијата и поединечен корисник (поединечен договор) и
3) општ акт на организацијата за определување за висината на надоместоци за користење (во натамошниот текст: тарифата).

Според ставот 4 на овој член од Законот, доколку корисникот и организацијата не склучат поединечен договор за условите и висината на надоместокот, корисникот е должен да плаќа надоместок според општиот договор, односно тарифата.

Оспорениот правилник и тарифа биле донесени во постапка која што била уредена со членот 140 од Законот за авторското право и сродните права, според кој организацијата е должна пред донесувањето на тарифата од членот 139 став 1 точка 3 да побара мислење од корисниците и од соодветните здруженија на корисниците, односно нивните комори. Доколку субјектите во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето не достават свои писмени мислења ќе се смета дека се согласни со предлог-тарифата. Доколку организацијата не ги прифати во целост или делумно предлозите и мислењата на субјектите, во рок од 15 дена од денот на приемот на истите, таа е должна да побара мислење од Комисијата за посредување во авторското право и сродните права во врска со предметот на несогласување. Комисијата ќе даде мислење во рок од 60 дена од денот на приемот на барањето. Мислењето содржи оцена за тоа дали предлог-тарифата на здружението ги опфаќа правата за кое тоа здружение има дозвола, како и тоа дали надоместоците во тарифата се определени во согласност со законот. Доколку Комисијата не даде мислење во определениот рок се смета дека е согласна со предлог-тарифата. Тарифата по нејзиното донесување од надлежен орган се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Овој член со Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2013) претрпел измени со кои се предвидува Тарифата да се носи по претходно дадена согласност од страна на Владата на Република Македонија (член 140 став 5).

Според изменетиот член 140 од Законот, организацијата е должна пред донесување на тарифата од членот 139 став 1 точка 3 од овој закон, со објавување јавен повик да побара мислење од корисниците, односно од соодветните здруженија на корисници, односно нивните комори. (2) Јавниот повик од ставот (1) на овој член се објавува во средствата за јавно информирање и на веб-страницата на организацијата и трае 30 дена од денот на објавувањето. Јавниот повик го содржи текстот на предлог-тарифата. Доколку субјектите од ставот (1) на овој член за времетраењето на јавниот повик не достават свои писмени мислења до организацијата ќе се смета дека се согласни со предлог-тарифата. (3) По истекот на рокот од јавниот повик од ставот (2) на овој член организацијата во рок од 15 дена утврдува предлог-тарифа и ја доставува на мислење до Комисијата за посредување во авторското право и сродните права (во натамошниот текст: Комисијата за посредување). (4) Кон барањето за мислење од ставот (3) на овој член организацијата е должна да ги достави писмените мислења од корисниците со образложение за причините за нивното прифаќање, односно неприфаќање.

Со новиот член 140-а е уредена постапката за донесување на тарифата. Согласно овој член, Комисијата за посредување во рок од 15 дена од денот на доставувањето на предлог-тарифата од членот 140 став 3 од овој закон до организацијата и до корисниците кои доставиле мислења по предлог-тарифата од членот 140 став 2 од овој закон, доставува мислење по предлог-тарифата. (2) Мислењето од ставот 1 на овој член содржи оценка за тоа дали предлог-тарифата на организацијата ги опфаќа правата за кои таа има дозвола, оцена за тоа дали надоместоците во предлог-тарифата се определени во согласност со одредбите на овој закон, оцена за висината на надоместоците, како и став по однос на предметот на несогласувањето по предлог-тарифата меѓу организацијата и корисниците. (3) Организацијата е должна во рок од десет дена од денот на приемот на мислењето од ставот 1 на овој член да го усогласи текстот на предлог-тарифата со мислењето на Комисијата за посредување и усогласениот текст на предлог тарифата да го достави до Комисијата за посредување. (4) Комисијата за посредување, во рок од десет дена од денот на доставувањето на предлог-тарифата од ставот (3) на овој член, предлог-тарифата со мислење од Комисијата за посредување по предлог-тарифата ја доставува до Владата на Република Македонија за добивање на согласност. (5) Владата на Република Македонија донесува одлука за давање на согласност, односно одлука со која не се дава согласност на предлог-тарифата од ставот (4) на овој член. (6) Тарифата за која Владата на Република Македонија донела одлука за давање на согласност, организацијата ја доставува за објавување во „Службен весник на Република Македонија“. (7) Доколку Владата на Република Македонија донесе одлука со која не дава согласност на предлог-тарифата од ставот 4 на овој член, Министерството за култура во рок од 30 дена со решение на организацијата и ја одзема дозволата за колективно управување. (8) Против решението од ставот 7 на овој член може да се поведе управен спор пред надлежен суд.“

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, била изменета и одредбата од членот 137 со која се определуваат основите за определување на надоместоците. Со изменетата одредба од членот 137 извршено е прецизирање, односно воведени се нови основи за определување на надоместоците (пр. кога користењето на авторското дело односно предметот на сродните права се врши од страна на радио-телевизиска организација, во случај кога се врши од страна на радио-телевизиска организација која со закон е обврзана да емитува музички дела на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници, кога користењето на авторското дело односно предметот на сродните права се врши од страна на кабелските оператори). Со изменетата одредба исто така е дефинирано што претставува корисник и траен корисник и е утврдено дека организацијата нема право да бара наплата на надоместоци од лица кои се крајни корисници (член 137 став 4).

Со оглед на тоа што станува збор за суштински измени (измени на постапката за донесување на тарифата како и измени на основите за определување на надоместоците), во членот 30 од преодните и завршните одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права е предвидено дека организациите за колективно управување со авторското право и сродните права кои имаат дозвола за колективно управување и започнале со работа согласно со членот 150 став 3 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ број 115/10 и 51/11) се должни во рок од 30 дена сметано од денот на влегувањето во сила на овој закон да го објават јавниот повик од членот 12 став 1 од овој закон и во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат актите и работата со одредбите од овој закон. Доколку организациите од ставот (1) на овој член во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон не го објават јавниот повик од членот 12 од овој закон и во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон не ги усогласат актите и работата со одредбите на овој закон Министерството за култура со решение ќе ја одземе дозволата за колективно управување.

Во членот 31 од наведениот закон е утврдено дека постапките за донесување на статутот, тарифата и општиот акт за распределба на надоместоците на организацијата за колективно управување со авторското право и сродните права започнати согласно Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/10 и 51/11) ќе завршат во согласност со одредбите од овој закон.

Поаѓајќи од начелото на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок како и од начелата на уставност и законитост утврдени во член 51 од Уставот, пред Судот основано се постави прашањето дали оспорениот правилник и тарифа можат и понатаму да егзистираат во правниот поредок, имајќи ги предвид наведените измени во Законот за авторското право и сродните права кои предвидуваат овие акти да се носат во изменета постапка, а исто така и поради тоа што во законот се утврдени прецизни рокови за усогласување на подзаконските акти со законот, кои што рокови се одамна поминати. Во вакви околности, Судот оцени дека натамошното егзистирање и примена на оспорените акти во правниот поредок е спротивно на наведените начела, поради што основано го постави прашањето за согласноста на целината на Правилникот за надоместоците за користење на фонограми и изведби и Тарифата за надоместоците за користење фонограми и изведби со одредбите од членот 8 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.201/2012
23.12.2015 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева