Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 септември 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 53 ставовите 1 и 2, член 54 и член 66 од Правилата за снабдување со топлинска енергија (”Службен весник на Република Македонија” број 97/2012).
2. Организацијата на потрошувачите на Македонија, Елеонора Стојкова и Никола Павловски, двајцата од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилата означени во точката 1 од ова решение.
Според Организацијата на потрошувачите на Македонија, оспорените одредби од член 53 ставовите 1 и 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија биле во јасна спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и со член 55 од Уставот. Спротивноста со член 8 став 1 алинеја 3 се огледала во постоењето неконзистентност на правниот поредок, имајќи ги предвид одредбите од Законот за енергетика, Законот за заштита на потрошувачите и оспорените правила, а во смисла на член 51 од Уставот. Оспорените одредби не биле во согласност со член 55 од Уставот, бидејќи со истите потрошувачите се доведувале во нееднаква положба. Доаѓало и до наметнување на монополската положба од страна на топлификација АД Скопје и нејзините ќерки снабдувачи со топлинска енергија, како поврзани лица, во врска со плаќањето за услуга која што потрошувачите не ја користат. На овој начин, не само што се ограничувало правото на потрошувачот сам да го избере лицето со кое што ќе биде во облигационен однос, туку и се наметнувало постоење на облигационен однос без согласност на потрошувачот. На овој начин, оспорените одредби биле во спротивност и со член 3 од Законот за облигационите односи.
Со оспорениот член 53 став 1 од Правилата, односно со барањето за исклучување од дистрибутивниот систем да се согласат 100% од потрошувачите во колективниот објект, потрошувачите од секој од посебните делови во колективен објект биле ставени во неразумно сложени меѓусебни односи особено имајќи ги предвид случаите каде потрошувачот од фактички причини не може да ја прибави согласноста на друг потрошувач од друг посебен дел (поради отсуство, поради недобрососедски односи, поради тоа што живее во странство и сл.) На таков начин потрошувачот бил доведен во нерамноправна положба, а истовремено му било ограничено правото на избор и слободата на носење одлуки, со што се повредувале и одредбите од Законот за сопственост и други стварни права, како и одредбите од Законот за домување, бидејќи доаѓало до неоправдано и противзаконско ограничување на правото на уживање на сопственоста на посебните делови на зградата за колективно домување со барање на согласност од другите корисници на системот на дистрибутиванта мрежа во конкретниот објект. Со тоа се повредувал и член 30 од Уставот.
Понатаму, со оспорениот член 53 став 2 од Правилата со кој се предвидува исклучените потрошувачи да плаќаат надоместок за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, покрај тоа што се загрозувало правото на избор на потрошувачот да одлучи кој ќе биде начинот на снабдување на топлинска енергија, потрошувачот се задолжувал да плаќа и покрај тоа што не бил корисник на услугата. На тој начин се повредувал член 55 од Уставот и член 3 од Законот за облигационите односи. Дотолку повеќе што со акт на регулаторно тело се определувала не само содржина на облигационен однос, туку истиот и се создавал без постоење на законски заснован правен факт. Така, посредно се доаѓало и до повреда на член 30 од Уставот, од причина што потрошувачот се задолжувал да плаќа за услуга која не ја користи, затоа што облигациониот однос кој што бил основ за давање на услугата, престанал.
Во иницијативата се наведува дека во Организацијата на потрошувачи на Македонија биле примени голем број претставки на потрошувачи кои го истакнувале своето незадоволство во однос на нееднаквоста во наплаќањето за услуга која не ја користат, поради што Организацијата ја поднесува иницијативата со предлог Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Правилата.
Елеонора Стојкова, како подносител на иницијативата, наведува дека бидејќи никогаш не биле приклучени на парно греење (само две цевки поминувале во станот и тоа било се), таму не живееле со години и немале потреба од греење и никогаш не добивале сметки за греење кое не го користеле, не го користат и немале намера да го користат, со добивањето на сметки според член 53 ставовите 1 и 2 и член 54 од Правилата за снабдување на топлинска енергија, повредени биле член 8 (заштита на сопственоста) и член 26 (неповредливоста на домот) од Уставот.
Подносителот Никола Павлоски го оспорува член 66 од Правилата, поради тоа што предвидувал недозволено повратно дејство за претходно исклучените корисници, спротивно на член 52 од Уставот, како и наведува дека во целокупниот текст на Правилата бил присутен монополистичкиот дух во корист на снабдувачот со топлинска енергија, што не било во согласност со член 55 од Уставот, кој определувал рамноправност на субјектите на пазарот. Имено, во Правилата се овозможувало едниот субјект (продавачот на топлинска енергија) да стапи во договорен однос со сите други субјекти (купувачи) без оглед на околноста дали купувачите имаат интерес да стапат во деловен однос со тој продавач. Како дополнителна аргументација, подносителот се повикува на одлука на Уставниот суд од 2009 година (без да ја прецизира одлуката), во која Судот утврдил дека:„ Исклучените потрошувачи не треба да плаќаат без оглед на околноста што цевководите поминуваат низ нивните станови за да се снабдат со топлинска енергија становите над нивните.“
3. Судот на седницата утврди дека според член 53 став 1 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошувачите по нивно барање, по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект. Според став 2 на истиот член, исклучените потрошувачи од став 1 на овој член се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.
Според член 54 од Правилата, потрошувачот кој што живее во индивидуален објект и кој од било кои причини не сака да користи топлинска енергија е должен да го одјави користењето на топлинска енергија, со писмено барање(образец) за исклучување насловено до снабдувачот (став 1). Потрошувачот е прописно исклучен кога грејните тела физички се одвоени од грејната инсталација на објектот, и записнички констатирано од страна на снабдувачот (став 2). Исклучување и приклучување на затоплуваниот простор на потрошувачот може да се изврши, по барање на потрошувачот, само вон грејна сезона, односно во период од 30 мај до 30 август во годината (став 3). По барањето на потрошувачот од став 3 на овој член, снабдувачот е должен да постапи најкасно до 15 септември во годината, а доколку снабдувачот не го испочитува крајниот рок, потрошувачот нема да биде задолжуван за периодот во кој се греел по вина на снабдувачот (став 4). Доколку потрошувачот поднесе барање по истекот на рокот утврден во став 3 на овој член, снабдувачот ќе постапи по барањето кога ќе бидат создадени услови за тоа, без да се наруши режимот на греење на останатите потрошувачи, а потрошувачот доколку се работи за исклучување ќе биде задолжуван со надомест до денот на исклучувањето (став 5). Потрошувачот при поднесување на барање за исклучување должен е да ги подмири сите заостанати обврски према снабдувачот по основ на испорачана топлинска енергија (став 6).
Според член 66 од истите правила, со денот на влегувањето во сила на овие Правила сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување се должни да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година (став 1). Сите исклучени потрошувачи на топлинска енергија кои нема да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година, должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија (став 2). Снабдувачот е должен да им достави договор за снабдување со топлинска енергија на сите исклучени потрошувачи во колективни објекти за домување најдоцна до 01.09.2012 година (став 3). Трошокот за приклучување на потрошувачите од став 1 на овој член е на сметка на дистрибутерот (став 4).
4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Според член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Уставниот суд со Одлука У.бр. 125/2012 од 10 јули 2013 година („Службен весник на Република Македонија“, бр.102 од 18 јули 2013 година) ги укина член 13 и член 53 став 1 во делот: „по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект“ од Правилата за снабдување со топлинска енергија (”Службен весник на Република Македонија” број 97/2012), затоа што утврди дека истите не се во согласност со Уставот и закон.
Со сега доставената иницијатива повторно се бара поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 53 став 1 од Правилата.
Тргнувајќи од правното дејство на одлуките на Уставниот суд, кои се конечни и извршни, произлегува дека со денот на објавувањето на Одлуката У.бр.125/2012 во „Службен весник на Република Македонија“ (18 јули 2013 година), член 13 и член 53 став 1 во делот: „ по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект“ од Правилата за снабдување со топлинска енергија не се повеќе дел од правниот поредок во Република Македонија, поради што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата во делот што се однесува на барањето за оценување на уставноста и законитоста на член 53 став 1 во делот: „по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект“ од Правилата.
Уставниот суд веќе ја ценеше уставноста и законитоста на член 53 став 1 во делот: „Во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошувачите по нивно барање“ и став 2 од Правилата, при што со Решение У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на овие одредби. Во ова решение Судот ја имаше предвид спецификата на колективните објекти за домување, на која се укажува од страна на Регулаторната комисија за енергетика, во одговорот на наводите во иницијативите. Имено, во објектите за колективно домување, исклучените станови од грејната инсталација заради пасивното преземање на топлинската енергија добиена како последица на поминување на топлинсктата енергија низ вертикалните цевки, како и заради непосредниот пренос на топлинската енергија низ материјата, односно од стан кој се снабдува со топлинска енергија кон стан кој не се снабдува со топлинска енергија, односно од подрачје со повисока температура кон подрачје со пониска температура (кондукција на топлината), предизвикуваат одземање на топлинската енергија од прилкучените станови во колективното домување. Заради појавата на кондукција на топлина, исклучените станови од грејната инсталација во објектите за колективно домување се подгреваат на сметка на приклучените, а исклучените само се догреваат до бараната температура и затоа имаат помал трошок на греење во однос на оние кои се приклучени на грејната инсталација. Така, со исклучувањето всушност се нанесува штета на останатите приклучени корисници, бидејќи дел од топлинската енергија, според законот на физиката, се шири линеарно во сите правци, така што дел се пренесува и кај исклучениот корисник, без оглед дали тој тоа го бара или не. Снабдувањето со топлинска енергија во објекти на колективно домување нема ист третман како и снабдувањето со вода или електрична енергија, како што тоа најчесто се објаснува. Во колективните објекти исклучените корисници од снабдувањето со вода или електрична енергија немаат влијание врз останатите корисници на вода и електрична енергија, но исклучените станови од грејната инсталација имаат негативно влијание врз останатите корисници на топлинска енергија. Исклучените станови се пасивни корисници на топлинска енергија добиена од соседните и останатите станови во колективниот објект.
Во објекти за колективно домување каде снабдувањето со топлинска енергија е предвидено да биде преку системите за дистрибуција на топлинска енергија, не може да стане збор за несакана испорака на топлинска енергија. Сите станбени единици во колективниот објект се снабдуваат со топлинска енергија, а кај исклучените станови топлинската енергија се испорачува преку ѕидовите, подот и таванот со кои се граничи со соседните станови кај кои има испорака на топлинска енергија, како и преку вреловодните цевоводи за испорака и поврат на топлоносителот кои поминуваат низ просторот на исклучениот корисник
Оттука, произлегува дека корисникот на топлинска енергија во колективен објект не е во субординарен (подреден) однос со останатите корисници, туку станува збор за меѓусебно поврзана зависност во користењето на топлинската енергија, како и од аспект на трошоците.
Имајќи го предвид наведеното, според Судот, неспорно произлегува заклучок дека во колективните објекти за домување, и исклучените потрошувачи од топлинскиот систем објективно користат одредена топлинска енергија поради неможноста тоа да се отстрани, од каде произлегува и основаноста на обврската за истата да платат, пропорционално на потрошената енергија, а не да ја користат на сметка на неисклучените потрошувачи. Тоа значи дека исклучените потрошувачи, со оспорениот член 53 став 2 од Правилата, се задолжуваат да платат за услуга која, поради техничките карактеристики на пренос на топлинска енергија, особено изразени во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, и покрај исклучувањето од системот, сепак ја плодоуживаат услугата, поради што основано се задолжени да платат за користењето на истата.
Поради наведеното, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека со ваквата регулатива се овозможувало и поттикнувало монополското однесување и монополската положба на снабдувачот на топлинска енергија, спротивно на член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, овозможувајќи му да наплаќа за услуги што воопшто не ги испорачува.
Со новодоставената иницијатива, се бара од Судот повторно да ја оценува уставноста и законитоста на истите одредби од Правилата, од истите причини како во предметот У.бр.125/2012. Имајќи предвид дека Судот веќе ги анализирал одредбите од аспект на нивната уставност и законитост и оценил дека нема основ за изразување сомнеж во нивната уставност и законитост, а нема аргументи за промена на овој став, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата која се однесува на оценување на уставноста и законитоста на член 53 став 1 во делот: „Во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошувачите по нивно барање“ и став 2 од Правилата,.
Иако во една од иницијативите се бара оценување на уставноста на член 54 од Правилата, во иницијативата воопшто не постојат аргументи за изразување сомнеж во уставноста на оваа одредба, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека истата треба да се отфрли во овој дел.
Во однос на прашањето за ретроактивното дејство на член 66 од Правилата, кое се поставува со една од иницијативите, Судот имаше предвид дека и за ова прашање Уставниот суд се произнел со Решението У.бр. 125/2012 година. Имено, Судот утврдил дека со член 66 став 1 од Правилата, кој е систематизиран во главата 15. Преодни и завршни одредби, се пропишува дека со денот на влегувањето во сила на овие Правила сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување се должни да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година.
Според ставот 2 на овој член, сите исклучени потрошувачи на топлинска енергија кои нема да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година, должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.
Тоа значи дека со овие одредби се воведува задолжителна обврска за сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување, во еден преклузивен рок да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветен снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција, а во спротивност се должни да плаќаат надоместок за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија.
Поаѓајќи од ваквата цел на одредбите, кои по својата природа се преодни одредби кои имаат темпорален карактер, кој се исцрпел по определениот краен рок за нивната примена (01.10.2012 година ), Судот оценил дека оспорените одредби ја исцрпеле својата содржина и дејство и веќе не се во правниот поредок, односно дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.
Со новодоставената иницијатива се оспорува уставноста на членот 66 од Правилата во целина, а не само ставот 1 и 2, како што е во Решението У.бр.125/2012. Имајќи предвид дека и одредбата од став 3 на овој член предвидува обврска за снабдувачот да им достави договор за снабдување со топлинска енергија на сите исклучени потрошувачи во колективните објекти за домување најдоцна до 01.09.2012 година, произлегува дека и оваа преодна одредба има исто така темпорален карактер кој се исцрпел по определениот краен рок за негова примена (01.09.2012 година), поради што и оваа одредба, исто како и одредбите од став 1 и став 2 на истиот член, ја исцрпела својата содржина и дејство и веќе не е во правниот поредок. Ставот 4 од членот 66 се однесува на тоа дека трошокот за приклучување на потрошувачите од став 1 на овој член е на сметка на дистрибутерот, од каде произлегува дека одредбата е во зависност од ставот 1 на членот и не може самостојно да опстојува и дека ја следи правната судбина на ставот 1.
Поради наведеното, Судот оцени дека членот 66 ја исцрпел својата содржина и дејство и веќе не е во правниот поредок, поради што постојат процесни пречки за постапување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.197/2012
11 септември 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски