У.бр.188/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јануари 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Неготино и државните службеници-матичари за учество при склучување на бракови под бр.07-402/12 од 26.05.2009 година („Службен гласник на општина Неготино“ бр.5 од 10.07.2009).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесено од Пане Трајков – градоначалник на општина Неготино, со Решение У.бр.188/2009 од 25 ноември 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста и законистоста на одлуката означена во точката 1 на оваа одлука Според подносителот на иницијативата, оспорената Одлука била незаконита затоа што истата не била во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, принципите на Уставот на Република Македонија, Законот за локалната самоуправа и Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Макеоднија и другите избрани и именувани лица.

Подносителот на иницијативата бара да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката како и да се запираат од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на истата одлука.

5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Неготино на седницата одржана на 26 мај 2009 година донел: Одлука за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Неготино и државните службеници-матичари за учество при склучување на бракови.

Според член 1 од оваа одлука, на членовите на Советот на општина Неготино за учество при склучување на бракови им припаѓа надоместок во висина од 1.000,00 денари неделно, а на државните службеници-матичари им следува надоместок на товар на општина Неготино согласно Законот за државните службеници. Овие надоместоци им следуваат доколку членовите на Советот на општина Неготино и државните службеници-матичари учествуваат во склучување на бракови до денот од викендот.

Со член 2 од Одлуката се утврдува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Неготино“.

6. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од истата одредба, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓа­ни­те.

Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдeни со закон.

Согласно членот 100 од Законот кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“ до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Според член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 121/2007) во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ“ број 36/90 и „Службен весник на Република Македонија“ број 38/91, 23/97, 37/2005 и 84/2005), по Дел “V. Надоместок на определени материјални трошоци и други примања“ се додава дел V-a со пет нови членови 29-а, 29-б, 29-в, 29-г и 29-д.

Во Делот V-a, се предвидени надоместоците на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје.

Според член 29-а, од наведениот закон на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патните и дневните трошоци. Според ставот 2 на истиот член, средствата за исплата на надоместоците од ставот 1 на овој член се обезбедуваат во буџетот на општината и во Буџетот на градот Скопје.

Според член 29-б од наведениот закон месечниот надоместок за присуство на седници на советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од 84%. Според став 2 од истиот член, висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.

Според член 29-в од истиот закон, на претседателите на советите на општините и на претседателот на Советот на градот Скопје, за раководењето и организирањето на работата на советот, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.

Според член 29-г од Законот, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се исплатува за присуство на сите седници на советот во тековниот месец. Според став 2 од истиот член, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се намалува за 30% за секое отсуство од седница на советот. Според став 3, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот не се исплатува, доколку членот на советот не присуствувал на ниту една седница на советот во тековниот месец. Според став 4, месечниот надоместок за присуство на седниците не се исплатува, доколку советот во тековниот месец не одржал седница.

Според член 29-д од Законот, на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата на градот Скопје.

Имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.

Во Законот за локалната самоуправа, притоа, законодавецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот не само што го утврдил туку и го лимитирал и тој може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на патните и дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници. Исто така, законодавецот упатува кон тоа дека овој надоместок ќе биде утврден додека не се донесе новиот закон. Со Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 121/2007), исто така е уредено прашањето на надоместоците на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје.

Со оглед на тоа што со оспорената Одлука правото на надоместок на членовите на Советот на општина Неготино и државните службеници-матичари за учество при склучување на бракови не е утврденo во согласност со членот 29-а од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, Судот утврди дека оспорената Одлука не е во согласност со Уставот и Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.

Оспорената Одлука, исто така не е во согласност и со наведените одредби од Законот за локалната самоуправа. Ова од причина што во цитираните законски одредби се предвидува надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, како и надоместок за дневни трошоци врз основа на прописите кои се однесуваат на државните службеници, но не се предвидува надоместок на членовите на советот што учествуваат во постапката за склучување на брак во деновите од викендот, односно не се предвидува фиксен износ на надоместокот на членовите на советот и државните службеници-матичари во склучување на бракови, како што предвидува оспорената Одлука.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот, Законот за локалната самоуправа и Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Макеоднија и другите избрани и именувани лица.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова одлука.

8. Ова одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.188/2009
20 јануари 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски