У.бр.170/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 21 јуни 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 98 ставовите 1 и 2 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 69/2015, 227/2015, 177/2016 и 197/2016).

2. Митко Чавков, Директор на бирото за јавна безбедност до Уставниот Суд на Република Македонија поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 98 ставови 1 и 2 од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 98 ставови 1 и 2 од Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 197/2016), не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 став 2, член 32 ставови 4 и 5, член 51, и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија како и со член 116 став 1, член 117 ставови 2 и 3, член 132 став 1 и член 133 од Законот за работните односи.

Одредбата од оспорениот член 98 став 1 од Колективниот договор била незаконита бидејќи го утврдувала траењето на работното време од најмалку 12 часа редовна работа и 12 часа платен одмор ,што значело дека редовната работа можела да трае и повеќе од 12 часа.Наведената одредба била контрапродуктивна ако се има во предвид дека денот трае 24 часа, што е во спротивност со одредбата од членот 133 од Законот за работните односи каде се утврдувало времетраењето на дневниот одмор од најмалку 12 часа во текот на 24 часа.Тоа значело дека работодавачот можел да го намали траењето на дневниот одмор „помалку од 12 часа“ со што би се скратило времетраењето на дневниот одмор.

Исто така со оспорениот член се утврдувало дека „платениот одмор“ се смета за дел од работното време и се евидентира во службената документација на организационите единици.

Ова според подносителот значело дека работникот ќе бил платен 24 часа ,без оглед дали работи или се одмара, бидејќи целиот негов престој од 24 часа во издвоениот објект му се евидентирал како работно време. Со ваквиот начин на работа, тој и кога се одмара во објектот ќе остварува и прекувремена работа, работа ноќе и работа во викенд.

Според подносителот терминот „платен одмор“ бил дефиниран во членот 146 од Законот за работните односи каде точно биле утврдени случаите кога работникот има право на платен одмор, што не се однесува на тоа што е утврдено во членот 98 од Колективниот договор.

Во конкретниот случај не се работело за платен одмор, туку за дневен одмор кое право е утврдено за сите работници и истиот не може да се смета за дел од работното време.

Воедно, работниците во издвоените објекти од причина што одморот го користат во објектите, а не дома, добиваат додаток од 10% на платата и за секои 24 часа непрекинат престој во објектот добиваат 24 часа слободни што е во рамките на Законот.

Со тоа на полициските службеници од издвоените објекти со измените на членот 98 им се утврдува право:
– „платен одмор“ кој ќе се смета за дел од работното време.
– додаток од 10% на плата,
– како и право за секои 24 часа непрекинат престој во објектот да им следи одмор од 72 часа (три дена) одмор, на кој начин овие полициски службеници се поставуваат во поповолна положба во однос на останатите работници во Министерството, а особено на работниците кои работат во смени.

Според подносителот, со таквиот начин на уредување на прашањето се повредувал член 32 став 4 од Уставот.

Воедно, подносителот смета дека со изменетиот член 98 од Колективниот договор се повредувал и членот 7 од Законот за работните односи во кој е предвидена забрана на директна или индиректна дискриминација на работникот.

Согласно наведените одредби од Законот за работните односи, според подносителот оспорениот член 98 од Колективниот договор бил во спротивност со членот 9, членот 32 и членот 51 од Уставот чија содржина ја цитира во иницијативата.

Со оглед на наведеното, подносителот му предлага на Судот да донесе Решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 98 ставови 1 и 2 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, да донесе Решение за времена мерка , како и да донесе Одлука за поништување на оспорениот член 98 ставовите 1 и 2 од наведениот колективен договор.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 98 ставови 1 и 2 од Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни (“Службен весник на Република Македонија” број 197/2016), не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 став 2, член 32 ставови 4 и 5, член 51, и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија како и со член 116 став 1, член 117 ставови 2 и 3, член 132 став 1 и член 133 од Законот за работните односи.

Одредбата од оспорениот член 98 став 1 од Колективниот договор била незаконита бидејќи го утврдувала траењето на работното време од најмалку 12 часа редовна работа и 12 часа платен одмор ,што значело дека редовната работа можела да трае и повеќе од 12 часа.Наведената одредба била контрапродуктивна ако се има во предвид дека денот трае 24 часа, што е во спротивност со одредбата од член 133 од Законот за работните односи каде се утврдувало времетраењето на дневниот одмор од најмалку 12 часа во текот на 24 часа.Тоа значело дека работодавачот можел да го намали траењето на дневниот одмор „помалку од 12 часа“ со што би се скратило времетраењето на дневниот одмор.

Исто така со оспорениот член се утврдувало дека „платениот одмор“ се смета за дел од работното време и се евидентира во службената документација на организационите единици.

Ова според подносителот значело дека работникот ќе бил платен 24 часа ,без оглед дали работи или се одмара, бидејќи целиот негов престој од 24 часа во издвоениот објект му се евидентирал како работно време. Со ваквиот начин на работа, тој и кога се одмара во објектот ќе остварува и прекувремена работа, работа ноќе и работа во викенд.

Според подносителот терминот „платен одмор“ бил дефиниран во членот 146 од Законот за работните односи каде точно биле утврдени случаите кога работникот има право на платен одмор, што не се однесува на тоа што е утврдено во членот 98 од Колективниот договор.

Во конкретниот случај не се работело за платен одмор, туку за дневен одмор кое право е утврдено за сите работници и истиот не може да се смета за дел од работното време.

Воедно, работниците во издвоените објекти од причина што одморот го користат во објектите, а не дома, добиваат додаток од 10% на платата и за секои 24 часа непрекинат престој во објектот добиваат 24 часа слободни што е во рамките на Законот.

Со тоа на полициските службеници од издвоените објекти со измените на членот 98 им се утврдува право :
– „платен одмор“ кој ќе се смета за дел од работното време.
– додаток од 10% на плата,
– како и право за секои 24 часа непрекинат престој во објектот да им следи одмор од 72 часа (три дена) одмор,на кој начин овие полициски службеници се поставуваат во поповолна положба во однос на останатите работници во Министерството, а особено на работниците кои работат во смени.

Според подносителот, со таквиот начин на уредување на прашањето се повредувал член 32 став 4 од Уставот.

Воедно, подносителот смета дека со изменетиот член 98 од Колективниот договор се повредувал и член 7 од Законот за работните односи во кој е предвидена забрана на директна или индиректна дискриминација на работникот.

Согласно наведените одредби од Законот за работните односи, според подносителот оспорениот член 98 од Колективниот договор бил во спротивност со членот 9, членот 32 и членот 51 од Уставот чија содржина ја цитира во иницијативата.

Со оглед на наведеното, подносителот му предлага на Судот да донесе Решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 98 ставови 1 и 2 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, да донесе Решение за времена мерка , како и да донесе Одлука за поништување на оспорениот член 98 ставовите 1 и 2 од наведениот колективен договор.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 98 ставови 1 и 2 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи е предвидено дека:

Во организациските единици на Министерството каде работата од страна на работникот се извршува со непрекинат престој во одредени издвоени објекти на Министерството подолго од 24 часа, работењето се организира на начин што работното време е во траење од најмногу 12 часа редовна работа и 12 часа одмор на работникот во објектот. Платениот одмор се смета за дел од работното време и се евидентира во службената документација на организационите единици (оспорен став).

За секои 24 часа непрекинат престој на работникот од ставот 1 на овој член, му следува одмор од 72 часа ( три дена ), кој се користи непосредно по завршување на престојот во објектот.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Членот 9 од Уставот предвидува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 4 од Уставот, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Според став 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во членот 51 од Уставот, е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, секое работно место е достапно секому под еднакви услови, и правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, при што граѓаните на Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите. Со други зборови, уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучително и правото на соодветна заработувачка и право на платен дневен, неделен и годишен одмор, граѓаните да ги става во еднаква правна положба.

Воедно, уставотворецот, при утврдување на економските права утврдил дека остварувањето на правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори што подразбира дека формулацијата, “со закон”, наведува на заклучок дека тоа може да се стори со еден, но и со повеќе закони и колективни договори од соодветната област.

Со Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015 и 27/2016), се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Во членот 12 од Законот за работни односи е предвидено дека:

(1) При склучувањето и престанувањето на договорот за вработување и во времетраењето на работниот однос работодавачот и работникот се должни да ги почитуваат одредбите на овој и други закони, меѓународните договори што ја обврзуваат Република Македонија и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот.

(2) Со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон.

(3) Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

(4) Правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Според член 116 став 1 од наведениот закон полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно.Според став 1 од член 117 од Законот, работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа):

1) во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата;
2) ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес;
3) ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата;
4) ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и
5) во други случаи определени со закон или колективен договор.

Во ставот 2 од членот 117 од Законот е предвидено дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.

Во ставот 3 од членот 117 од Законот за работни односи е предвидено дека за работниците од Министерството за внатрешни работи, кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебен закон, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Во член 132 став 1 од наведениот закон е предвидено дека за време на дневното работно време работникот кој работи шест часа и подолго од шест часа има право на пауза во траење од 30 минути.

Според член 133 од Законот, работникот има право на дневен одмор од најмалку 12 часа непрекинато меѓу два последователни работни дена во текот на 24 часа.

Согласно член 203 од Законот, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач.

Од анализата на Законот за работните односи, како lex generalis, произлегува дека со него се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување и работниот однос се уредува со овој закон кој ги пропишува основните, односно минималните права и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување, при што со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни. Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон. Правата од работниот однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Врз основа на членот 203 од Законот за работните односи (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 167/15 -пречистен текст) и согласно член 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија (,Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/2008, 85/2009), Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат, склучиле Колективен договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.69/2015, 227/2015, 177/2016 и197/2016).

Со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работен однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи (член 1).

Во членот 6 од Колективниот договор е предвидено дека со овој колективен договор, односно со договорот за вработување, можат да се предвидат права кои за работниците се поповолни од правата утврдени со законите со кои се уредуваат права на работниците, докол- ку тоа не е во спротивност со одредбите од тие закони,а според членот 7 за прашањата кои не се уредени со овој колективен договор, се применуваат одредбите од соодветните закони и подзаконските прописи донесени врз основа на закон.

Во главата V. ПРАВА НА РАБОТНИЦИТЕ И НИВНАТА ПОЛОЖБА поднасловот „Работно време“во членовите од 95 до 102 од колективниот договор е уредено прашањето за траењето на работното време кое може да трае 40 часа во работната недела, работно време пократко од 40 часа и работа во смени непрекинато.

Во членот 97 од Колективниот договор е предвидено дека:

(1) Во зависност од природата и карактерот на работите и задачите во одделни организациски единици во Министерството, работата се врши во смени и трае непрекинато.

(2) Работата во смени од ставот (1) на овој член, го подразбира секој метод на организирање на работата во смени во која работниците се сменуваат едноподруго на исто работно место во согласност со одреден план и кое може да биде континуирано или со прекини, вклучувајќи ја потребата за работниците да работат во раз- лично време во даден период на денови или недели.

(3) Министерот со претходно мислење на Синдикатот, донесува правилник за организациските единици во Министерството и издвоените објекти на Министерството кои работат во смени и системот на работата во смени.

Во членот 98 став 1 од Колективниот договот кој е оспорен со иницијативата е предвидено дека:

Во организациските единици на Министерството каде работата од страна на работникот се извршува со непрекинат престој во одредени издвоени објекти на Министерството подолго од 24 часа, работењето се организира на начин што работното време е во траење од најмногу 12 часа редовна работа и 12 часа одмор на работникот во објектот. Платениот одмор се смета за дел од работното време и се евидентира во службената документација на организационите единици.

Во оспорениот став 2 од членот 98 од наведениот договор е предвидено дека:

За секои 24 часа непрекинат престој на работникот од ставот 1 на овој член, му следува одмор од 72 часа ( три дена ) кој се користи непосредно по завршување на престојот во објектот.

Во ставот 3 од наведениот член е предвидено дека издвоените објекти на организациските единици од ставот 1 на овој член, се утврдени во прописот од член 97 став 3 од овој колективен договор, а во ставот 4, пак,е предвидено дека евидентирањето на работните часови од овој член се врши согласно посебниот интерен акт од членот 173 од овој колективен договор.

Во членот 99 од Колективниот договор е предвидено:

(1) Работното време на вработените во Министерството може да трае подолго од со закон пропишаниот максимум во работната недела во услови кога се извршуваат неодложни работи и задачи согласно Законот за внатрешни работи и Законот за полиција или во врска со тие работи и задачи. (2) Работа подолга од 40 часа во неделата може да нареди министерот, директорот на Бирото односно Управата и раководен работник.
(3) Наредбата од ставот (2) на овој член, се издава во писмена форма, а по исклучок може да се издаде и усна наредба, која се изготвува во писмена форма по создавање услови за тоа, но не подоцна од два дена.

(4) При издавање на наредбата од ставот (2) на овој член, задолжително треба да се имаат предвид законските одредби кои го ограничуваат или на друг начин го регулираат обемот и постапката за работа подолга од полното работно време.

(5) Во случаите од ставовите (1), (2) и (3) на овој член, работникот е должен да ги извршува работите и задачите со кои е задолжен.

Од изнесеното, произлегува дека во суштина спорно за подносителот на иницијативата е уредувањето со оспорениот член 98 од Колективниот договор, конкретно пропишувањето кое се однесува на правата и обврските на вработените кои работат во издвоените објекти на Министерството.

Во Законот за полиција („Службен весник на Република Македонија“ број 114/2006, 6/2009, 145/2012, 41/2014, 33/2015, 31/2016, 106/2016, и 120/2016 ) година, во главата V. РАБОТНИ ОДНОСИ, односно во членот 94 е предвидено дека правата и обврските од работниот однос, полицискиот службеник ги остварува согласно со прописите за внатрешни работи, работни односи, Колективниот договор на Министерството и овој закон.

Според член 102 од наведениот закон:

1) Полицискиот службеник е должен по наредба на непосредниот раководен полициски службеник, полициските работи да ги извршува и подолго од полното работно време, ако е тоа нужно заради нивно успешно и навремено извршување.

2) На полицискиот службеник за работата подолга од полното работно време му припаѓа паричен надоместок или слободни денови, согласно со прописите за работни односи и Колективниот договор на Министерството.

Во Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2014, 116/2014, 33/2015, 5/2016, 120/2016, 127/2016, 142/2016 и 190/2016) во главата VIII. РАБОТНИ ОДНОСИ, односно во членот 65 е предвидено дека правата и обврските од работниот однос, работниците во Министерството ги остваруваат согласно одредбите од овој закон, Законот за полиција, прописите од областа на работните односи и Колективниот договор на Министерството.

Во членот 140 од наведениот закон е предвидено дека:

(1) Работникот има право на плата и надоместок на плата, согласно со закон, Колективен договор на Министерството и договор за вработување. (2) Плаќањата од ставот (1) на овој член се остваруваат согласно со овој закон, Законот за полиција, Колективниот договор на Министерството и прописите од областа на работните односи.

Во членот 148 од Законот за внатрешни работи во насловот „Работен додаток на плата и вонреден работен додаток на плата“ е предвидено:

(1) Работниот додаток на плата се исплаќа за ноќна работа, работа во недела, работа за време на празници утврдени со закон, работа во смени, како и заради посебни услови за работа и опасност по живот, односно постоење на висок ризик во извршувањето на работите и задачите на работниците во одредени организациски единици утврдени со Колективниот договор на Министерството.

(2) Вонредниот работен додаток на плата се исплаќа за работа подолга од полно работно време – прекувремена работа.

(3) Работниот додаток на плата од ставот (1) на овој член и вонредниот работен додаток на плата од ставот (2) на овој член, како и нивната висина и постапката за нивно утврдување се уредуваат со Колективниот договор на Министерството.

Од анализата на наведените одредби јасно произлегува дека со оспорениот Колективен договор може да се предвидуваат одделни права кои за работниците се поповолни од правата што ги определува Законот за работните односи, Законот за полиција и Законот за внатрешни работи (како lex specialis), на кои закони се повикува и Колективниот договор.

Колективниот договор уредува повеќе работно-правни институти, а особено: засновање на работен однос, обука, права на работниците и нивната положба, осигурување на работниците, плата, надоместоци на плата и други примања, информирање на работниците, материјална одговорност, односно надомест на штета, синдикатот, престанок на работен однос, заштита на правата на работниците и други прашања во врска со оваа проблематика.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека подносителот на иницијативата оспорените одредби од Колективниот договор ги гледа изолирано сами по себе и само во однос на уставните одредби кои се однесуваат на економските права на вработените и одредбите на Законот за работните односи, без да ги има предвид и другите одредби од Законот за полиција и Законот за внатрешни работи, кои според мислењето на Судот се резултат на специфичниот карактер на видот на работата, поради што истите се уредени на начин кој е сосема прифатлив и поповолен за вработените во издвоените објекти на организационите единици на Министерството за внатрешни работи, а што е во согласност со законската определба дека со колективен договор можат да се предвидат и поголеми права на вработените од правата определени со закон.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 98 ставови 1 и 2 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи со уставните одредби и одредбите од Законот за работните односи на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.170/2016
21 јуни 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски