У.бр.157/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 21 јуни 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија бр.08-44681 од 18 октомври 2016 година, донесена од Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.193/2016 од 18.10.2016 год.) и

– Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија бр.09-4469/1 од 18 октомври 2016 година, донесено од Претседателот на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.193/2016 од 18.10.2016 год.).

2. Народно движење на Македонија, преку претседателот д-р Јанко Бачев до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија означена во точката 1 алинеја 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека се поставува прашањето за согласност на Одлуката со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 51 и член 63 став 3 од Уставот на Република Македонија, како и со член 4 став 7 од Изборниот законик.

Според подносителот на иницијативата, Собранието на Република Македонија со оспорената одлука заземало став дека предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 година можеле да се одржат во рок пократок од 60 дена, иако според членот 63 став 1 од Уставот избори за пратеници се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Исто така, Собранието било на становиште дека можат да се одржат предвремени парламентарни избори без да се изврши усогласување со бројот на запишаните избирачи во шестата изборна единица каде бројот на гласачите бил за 5,28% поголем споредено со другите изборни единици, иако според членот 4 став 7 од Изборниот законик во изборните единици во Република Македонија бројот на избирачите може да отстапува најмногу од минус 5% до плус 5% во однос на просечниот број на избирачи во изборната единица.

Исто така, Уставниот суд со Одлука У.бр.104/2016 од 25.05.2016 година веќе се произнел дека одлуката за распуштање на Собранието има карактер на пропис од каде произлегувало дека оспорената одлука е подобна за уставно-судска оцена.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитираат уставните и законски одредби за кои подносителот на иницијативата смета дека се повредени, па се појаснува дека од истите произлегувало дека Уставот ги уредил статусните прашања на Собранието на Република Македонија, како орган на државната власт.

Во Уставот експлицитно било уредено прашањето за рокот во кој се одржуваат избори за пратеници во случај на распуштање на Собранието, односно рокот од 60 дена од член 63 став 3 од Уставот бил многу јасен и прецизен и истиот не трпел одлагање или поставување на дополнителни рокови. Значи Уставот не познавал распуштање на Собранието во рок пократок или подолг од 60 дена.

Од содржината на оспорената одлука било евидентно дека со неа се вршело дополнително регулирање надвор од Уставот, всушност „креативно“, дополнително нормирање на уставните одредби кои се однесувале на распуштање на Собранието, кои како такви не биле предвидени во Уставот.

Во таа насока, било и научното толкување на Уставот од страна на универзитетскиот професор д-р Светомир Шкариќ, според кое:

„Собранието е правен суверен, а граѓаните политички суверен. Уставот целосно ја уредува положбата и надлежноста на Собранието и не дозволува тие прашања да бидат уредувани со закон. Собранието е уставна, а не законска материја.“

Ова значело дека самото Собрание не може да ја пропишува неуставно својата надлежност и да одлучува на поинаков начин, односно надвор од она што е регулирано во самиот Устав по однос на рокот за неговото распуштање и работа.

Подносителот на иницијативата го цитира член 4 став 7 од Изборниот законик и наведува дека одредбата не дозволувала поголемо отстапување од минус 5%, односно плус 5% избирачи, меѓутоа во шестата изборна единица бројот на гласачите бил за 5,28% поголем споредено со другите изборни единици со што се доведувала во прашање законитоста на шестата изборна единица и уставното начело на еднаквоста на избирачкото право.

Вака наведената состојба доведувала до правна несигурност и повреда на владеењето на правото како темелна вредност на Уставниот поредок утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, бидејќи Собранието на Република Македонија е должно да ги почитува Уставот и законите, што овде не било случај.

Поради сето наведено подносителот на иницијативата смета дека Судот треба да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и да донесе одлука за нејзино поништување.

Во иницијативата е содржано и посебно барање за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука, а имајќи предвид дека предвремените избори треба да се одржат на 11.12.2016 година и со цел спречување на настанување на тешко отстранливи последици.

Во иницијативата на Зулфи Адили, предмет на оспорување е решението за распишување на предвремени избори за пратеници, означено во точката 1 алинеја 2 од ова решение, а од причина што смета дека со него се повредувал членот 22 од Уставот кој гарантира еднаквост на избирачкото право, како и членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Устав и со закон. Исто така, се доведувале во прашање темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, како што било владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитира членот 22 од Уставот, како и член 4 ставови 2 и 7 од Изборниот законик, каде бил утврден моделот на поделба на изборните единици според пропорционалниот модел во шест изборни единици на територијата на Република Македонија и каде во секоја изборна единица се избирале по 20 пратеници и било утврдено отстапувањето на бројот на избирачите најмногу од минус 5% до плус 5% во изборната единица.

Со оспореното решение се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 22 став 2 и член 51 од Уставот, како и наведената законска одредба поради фактот што не биле земени предвид разликите во бројот на избирачите во изборната единица. Имајќи го предвид фактот дека во изборната единица број шест бројот на избирачите бил зголемен и го надминувал избирачкиот праг, имало раст на бројот на избирачите повеќе од дозволениот процент, кој не бил во согласност со законското отстапување утврдено во членот 4 од Изборниот законик.

Со ваквото законско отстапување се вршела и повреда на член 22 став 2 од Уставот, се вршела дискриминација на граѓаните на Република Македонија во нивното право за политичко учество, односно за остварување на власта преку демократски избрани претставници, бидејќи гласовите на избирачите од изборната единица шест немале иста вредност со другите избирачи од другите изборни единици.

Имајќи го предвид наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспореното решение, а потоа истото да го поништи.

Судот одлучи двете одделни иницијативи да се работат под ист У.бр.157/2016.

3. Судот на седницата, утврди дека, врз основа на член 68 став 2 и член 63 став 6 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 17 октомври 2016 година, донесе

О Д Л У К А
ЗА РАСПУШТАЊЕ НА СОБРАНИЕТО
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 1

                     Собранието на Република Македонија се распушта.

Член 2

                    Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Бр.08-4468/1
18 октомври 2016 година
Скопје

Претседател
на Собранието на Република Македонија
Трајко Вељаноски, с.р.

Исто така, Судот утврди дека, врз основа на член 67 став 4 од Уставот на Република Македонија и член 12 став 1 и член 15 ставови 1 и 2 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016 и 142/2016) претседателот на Собранието на Република Македонија, на 18 октомври 2016 година, донесе

РЕШЕНИЕ
ЗА РАСПИШУВАЊЕ НА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ
ЗА ПРАТЕНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО НА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

I

Се распишуваат предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија.

II

Изборите ќе се одржат на 11 декември 2016 година.

III

Роковите за извршување на изборните дејствија почнуваат да течат од денот на објавувањето на Решението во “Службен весник на Република Македонија“.

IV

Решението ќе го спроведат Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, избирачките одбори и избирачките одбори за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија.

V

Ова решение влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Бр.08-4469/1
18 октомври 2016 година
Скопје

Претседател
на Собранието на Република Македонија
Трајко Вељаноски, с.р.

Оспорените акти се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.193 од 18 октомври 2016 година.

4. Според член 63 став 6 од Уставот, Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Според член 68 став 2 од Уставот, Собранието за вршење на работите од своја надлежност донесува одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.

Цитираните уставни одредби претставуваат уставен основ за донесување на оспореното решение за распуштање на Собранието на Република Македонија.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во членот 110 од Уставот, произлегува дека за ваквиот вид на акти како што е оспорената одлука, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Според Судот Одлуката за распуштање на Собранието нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена, бидејќи не содржи општи норми на однесување и не уредува односи на субјектите во правото на општ начин. Оспорената одлука според формата и доносителот спаѓа во групата на правни акти со кои се одлучува за конкретна правна ситуација и се исцрпува еднократно. Со оваа одлука Собранието на Република Македонија ја реализирало својата уставна можност за распуштање определена во член 63 став 6 од Уставот во форма на правен акт предвиден во член 68 став 2 од Уставот.

Различно од правната ситуација по предметите У.бр.9/2016 и У.бр.104/2016 е тоа што сега оспорената одлука, не содржи во себе одложено дејство на распуштање на Собранието на Република Македонија како највисоко избрано претставничко тело на државата кое има законодавна надлежност, за разлика од претходните одлуки кои беа предмет на уставно-судска анализа, со што се потврди ставот на Судот дека актот не е подобен за уставно-судска анализа.

Исто така, во оспорената одлука за распуштање на Собранието отсуствува било како уредување по однос на роковите за одржување на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, како и по однос на бројот на запишани избирачи според изборните единици. Оттаму иницијативата погрешно упатува на овие моменти како причина за покренување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот.

Имајќи предвид дека оспорената одлука нема карактер на пропис произлегува дека се исполнети условите за отфрлање согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

– Имајќи ја предвид досегашната уставно-судска практика (Решенијата на Уставниот суд на Република Македонија У.бр. 156/1994 од 28 септември 1994, У. бр.169/1994 од 19 октомври 1994, како и У.бр.86/2006 од 10.05.2006 година) пред Судот се постави прашањето дали оспореното решение воопшто претставува пропис, осносно акт подобен за уставно-судска оцена. Имено, поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото. Оспореното решение според Судот, не содржи општи норми на однесување, односно не уредува воопшто односи на општ начин. Тоа според неговата форма и доносителот спаѓа во групата правни акти што имаат поединечен карактер, односно со кои се одлучува за поединечни правни ситуации во кои примената на некој општ пропис се исцрпува еднократно. Оспореното решение разгледувано и според неговата содржина не уредува правни односи на општ начин. Со оспореното решение не се вршат никакви измени и дополнувања на системот на општи норми кои се однесуваат на изборите, затоа што со него не се утврдуваат ниту условите за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, ниту постапката за избор, ниту пак, на општ начин се утврдува времето, односно роковите за спроведување на изборите, а неговата функција се исцрпува единствено во тоа тие општи норми што се однесуваат на роковите за изборите да ги примени на еден конкретен случај на избор на пратеници за Собранието на Република Македонија кој ќе се исцрпи со спроведувањето на изборните дејствија.

Имајќи ги предвид наведените причини, Судот оцени дека оспореното решение не претставува општ правен акт, односно пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија по кој би постапувал Уставниот суд, од каде се исполнети условите за отфрлање на предметната иницијатива.

Во врска со предлогот во иницијативата на Народно движење за Македонија за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспореното решение, имајќи го предвид исходот на направената анализа Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот за донесување на вакво решение.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.157/2016
21 јуни 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски