У.бр.151/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 март 1994 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 38 и 56 од Статутот на Новинско-издавачкото и радиодифузно претпријатие во општествена сопственост “Радио Гевгелија” во Гевгелија, донесен на 30 октомври 1991 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во Радиодифузното претпријатие на начин предвиден за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.151/92 од 23 февруари 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од статутот означен во точката 1 од оваа одлукаа, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со закон.

4. На седницата Судот утврди дека Собранието на Општина Гевгелија со Одлука од 21 мај 1992 година ги презело основачките права спрема Радио Гевгелија и како носител на правото на сопственост средствата за работа ги дало на користење на Радио Гевгелија за вршење на неговата дејност. Понатаму, Судот утврди дека според член 38 од Статутот, орган на управување е собирот на работните луѓе и дека не е предвидено учество на претставници на основачот во управувањето и одлучувањето во оваа новинско-издавачка и радиодифузна организација. Во член 56 од Статутот е предвидено собирот на работните лу|е да го именува директорот и главниот и одговорен уредник по предлог на конкурсната комисија.

Согласно член 58 став 1 од Уставот на Република Македонија, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а според став 2 на овој член учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Според член 30 став 1 од Законот за радиодифузијата (“Службен весник на СРМ” бр.30/74), директорот на радиодифузната организација го именува и разрешува од должност основачот на радиодифузната организација по претходно прибавено мислење од радиодифузната организација. Согласно член 7 од овој закон, во поглед на условите за именување и вршење на функцијата главен и одговорен уредник на радиодифузната организација се применуваат прописите за јавното информирање. Според член 48 став 2 од Законот за јавно информирање (“Службен весник на СРМ” бр.20/94) и член 5 од Законот за основите на системот на јавното информирање (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички пропис, главниот и одговорен уредник го именува основачот по претходно мислење на редакцијата на весникот, односно радиодифузната организација.

Со оглед на тоа што во член 38 од Статутот не е предвидено учество на претставниците на основачот во управувањето и одлучувањето за прашањата од јавното информирање, како и со оглед на тоа што во член 56 од Статутот е предвидено именувањето и разрешувањето на директорот и главниот и одговорен уредник да го врши собирот на работните луѓе, а не основачот по претходно мислење на радиодифузната организација, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените уставни и законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.