У.бр.120/2001 и У.бр.54/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 11 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 13 февруари 2002 година донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за определување потписници на жиро сметката на Фондот за локални патишта, улици и уредување на градежно земјиште за општина Демир Капија бр.07-49/18 од 6.03.2001 година (“Службен гласник на општина Демир Капија” бр.1/2001),

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на членовите 3 и 4 од Одлуката за определување на патни и дневни трошоци на членовите на Советот на општина Демир Капија за нивно учество во работата на Советот и на комисиите и другите работни тела на Советот, како и за трошоците направени во извршувањето на задачите доверени од страна на Советот, бр.07-49/17 од 6.03.2001 година (“Службен гласник на општина Демир Капија” бр.1/2001).

3. Трајче Димитриев, градоначалник на општина Демир Капија и Владата на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за оценување на законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, од причина што истите не биле во согласност со Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95).

Одлуката означена во точката 1 од ова решение не била во согласност со членот 43 став 1 точките 3, 4 и 8 од Законот. Според подносителите на иницијативата, со оглед на тоа што со одлуката се определувале тројца потписници на жиро сметката на Фондот, а потпишувањето да се врши со два потписа истовремено, се вршело одземање, односно ограничување на извршната власт на градоначалникот.

Цитираните одредби од Одлуката означена во точката 2 од решението не биле во согласност со членот 37 од Законот. Според подносителите на иницијативите, рамките во кои ќе се определува надоместокот на патните и дневните трошоци на членовите на Советот биле утврдени со закон и Советот на општината не можел со своја одлука да ја определува висината на овие надоместоци. Во иницијативата се наведува дека законски утврдената рамка на надоместокот на дневни трошоци на членовите на советот за присуство на седница на Советот е 8% од просечната плата по работник исплатена во стопанството на Републиката во претходните три месеци, што би изнесувало 708,00 денари.

4. Судот на седницата утврди дека во одлуката за определување потписници на жиро сметката на Фондот определени се три лица (градоначалникот на општината, претседавачот на Советот и претседателот на Управниот одбор), при што во точката 2 стои дека потпишувањето на жиро сметката ќе се врши со два потписи. Во точката 3 е означено дека одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Демир Капија”.

Во членот 3 од второоспорената одлука е утврдено дека на членовите на Советот за присуство на седница на Советот им се определува надоместок на дневни трошоци во висина од 1.500,00 денари, а на претседавачот на Советот 2.000,00 денари.

Според оспорениот член 4 од Одлуката, на членовите на работните тела на Советот на Општината за учество во работата на комисиите и одборите, им се определува надоместок на дневни трошоци за присуство на седница на работното тело, во висина од 500,00 денари.

5. Со донесувањето на Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) престана да важи Законот за локалната самоуправа од 1995 година на кој се повикуваат и подносителите на иницијативите. Сепак, со оглед на тоа што иницијативите се поднесени во време на важење на Законот за локалната самоуправа од 1995 година и истите се однесуваат на оценување на законитоста на актите од аспект на нивната согласност со овој закон, Судот оцени дека постојат процесни претпоставки за одлучување по истите.

Согласно член 29 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Општината основа јавни служби, јавни установи и јавни претпријатија во согласност со закон и врши контрола над нивната работа.

Согласно член 29 став 1 точка 11 од Законот, Советот има право да врши надзор над работата на органите, службите, установите и претпријатијата што ги основа единицата на локалната самоуправа.

Оттука, неспорно е правото на Советот да донесе одлука која е во функција на ефектуирање на жиро сметка на Фондот за локални патишта, улици и уредување на градежно земјиште.

Согласно член 43 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот се грижи и го обезбедува извршувањето на одлуките на Советот.

Меѓутоа, со одлуката за определување потписници на жиро сметката за функцијата на Фондот се предвидува колективно потпишување од три физички лица, при што потпишувањето ќе се врши со два потписа. Иако со Одлуката е определен Градоначалникот на Општината, како еден од тројцата овластени потписници, сепак постои можност жиро сметката на Фондот да биде потпишана (и како таква полноважна) од преостанатите двајца овластени потписници (претседавачот на Советот и претседателот на УО на Фондот), со што би се вршело одземање, односно ограничување на извршната власт на подносителот.

Врз основа на изнесеното, Судот изрази сомнение дека со оспорената одлука на Советот на Општина Демир Капија е сторена повреда на одредбата од членот 43 став 1 точка 3 од Законот, од причини што истата остава можност извршната власт и функција на Градоначалникот во извршувањето и спроведувње на одлуките на Советот да биде дезавуирана.

Што се однесува до оспорените одредби од Одлуката за определување на надоместок на патни и дневни трошоци на членовите на Советот…, Судот оцени дека не постојат основи за поведување постапка за оценување на нивната законитост од следните причини.

Според оспорениот член 3 од Одлуката, на советниците и на претседавачот на Советот им се определува надоместок на дневни трошоци за присуство на седница.

Според членот 4 од Одлуката, за присуство на седница на работното тело на Советот на општината, на членовите на работните тела исто така им се определува соодветен надоместок на дневни трошоци.

Согласно член 114 став 4 од Уставот на Република Македонија, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Според членот 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со закон, а надзор над законитоста на нејзиното работење го врши Републиката.

Во членот 37 од Законот за локалната самоуправа (оној на кој се повикуваат подносителите) е утврдено дека членовите на Советот имаат право на надоместок на патните и дневните трошоци во со закон утврдени рамки, како и на трошоците направени во извршувањето на задачите што им ги доверил Советот.

Оттука, јасно произлегува дека општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со закон и таа се финансира од сопствени извори на приходи и од средства на Републиката. При тоа, со членот 37 од Законот, на членовите на Советот им се гарантира правото на надоместок на патните и дневните трошоци, како и на трошоците направени во извршувањето на доверените задачи од Советот на Општината.

Оттука, Судот оцени дека право е на Советот на општината да донесе одлука за исплата на одреден надоместок на советниците (и претседавачот на Советот) за ангажирање во работата на Советот, и тоа за присуство на седниците на Советот и на работните тела (комисиите и одборите) на Советот. При тоа, таа е овластена самостојно да ја утврди нивната висина во рамките утврдени со закон.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека со оспорените членови од Одлуката не е сторена повреда на членот 37 од Законот за локалната самоуправа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов, и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.54/2001; У.бр.120/2001
13 февруари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов