У.бр.1/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 октомври 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 144 став 2 од Уредбата за утврдување на поблиските критериуми и начинот на спроведување на постапката со економски ефект, донесена од Владата на Република Македонија на 7 март 2000 година (“Службен весник на РМ” бр.20/2000 од 15 март 2000 година).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на АД “Крзно” од Ресен, со Решение У.бр.1.2001 од 11 јули 2001 година поведе постапка за оценување законитоста на одредбата од Уредбата означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што со неа се определува до 30 септември 2000 година да можат да се поднесуваат барањата за враќање на увозната царина за извезената стока произведена од увезените суровини, а не тоа да може да се прави 6 месеци од извршениот извоз како што било порано, поради што оспорената одредба не била во согласност со член 215 од Царинскиот закон според кој започнатите постапки ќе се завршеле според старите прописи.

Доносителот на оспорената одредба од Уредбата не достави одговор на наводите содржани во Решението за поведување постапка.

4. На седницата Судот утврди дека одредбата од Уредбата предвидува “За стоките кои што се извозно оцаринети по влегувањето во сила на оваа Уредба, а се произведени од стоки увозно оцаринети од 1.04.1999 до 31.03.2000 година, може да се одобри враќање на царината согласно одредбите на Уредбата за враќање на царината за увезени стоки употребени во производство на стоки за извоз (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/96) под услов барањето за враќање на царината да биде поднесено заклучно со 30.09.2000 година”.

5. Според член 215 од Царинскиот закон (“Службен весник на РМ” бр.21/98, 26/98, 63/98, 86/99, 25/2000 и 109/2000) “управните постапки започнати пред влегувањето во сила на овој закон се завршуваат според прописите што важеле до неговата примена”.

Според Уредбата за враќање на царина за увезени стоки употребени во производство на стоки за извоз (“Службен весник на РМ” бр.59/96), кој пропис важел до почетокот на примената на Законот, “барањето за враќање на платената царина се поднесува во рок од 6 месеци од денот на извршениот увоз” (став 1), при што како “ден на извршениот извоз се смета денот кога стоката ја преминала царинската линија” (став 2).

Со оглед на тоа што членот 144 став 2 од Уредбата определува до 30 септември 2000 година да можат да се поднесуваат барањата за враќање на увезената царина за извезената стока произведена од увезените суровини, што всушност значи предвидување нови правила над започнатите царински постапки за враќање на царината бидејќи старите правила овозможуваа барањата да се поднесуваат 6 месеци од извршениот извоз, Судот утврди дека одредбата од Уредбата не е во согласност со наведената законска одредба.

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.1/2001
24 октомври 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов