У.бр.82/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.82/2024
Скопје, 25.09.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 септември 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 26 алинеја 4, насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на Општи акти“ и членовите 107, 108, 109 и 110 содржани во глава XIII. Постапка за донесување на општите акти од Деловникот на Советот на Општина Сарај, број 07-151/1 од 06.04.2006 година.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 26 алинеја 4, насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на Општи акти“ и членовите 107, 108, 109 и 110 содржани во глава XIII. Постапка за донесување на општите акти од Деловникот на Советот на Општина Сарај, број 07-151/1 од 06.04.2006 година.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение
I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива со Решението У.бр.82/2024 од 27 март 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.

II

На седницата Судот утврди дека во член 26 алинеја 4 од Деловникот на Советот на Општина Сарај се предвидува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за автентично толкување на актите што ги носи Советот.

Судот, исто така, утврди дека во Деловникот на Советот на Општина Сарај , во глава XIII.Постапка за усвојување на акти, е содржано поглавје 9 „Автентично толкување на општи акти“, во кое се уредени членовите 107, 108, 109 и 110.

Имено, Судот утврди дека според член 107 од Деловникот барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавно претпријатие коешто извршува дејност на подрачјето на општината и државните органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење.

Според член 108 од Деловникот, барањето за давање на автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседателот на Советот кој барањето веднаш го доставува до Kомисијата за статут и прописи.

Со член 109 од Деловникот е утврдено дека Статутарно-правната комисија по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од општинската администрација.

Според член 110 од Деловникот, ако Статутарно-правната комисија оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано, ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на Општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Статутарно-правната комисија за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај”.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 51 од Уставот, е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Со член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) се уредени надлежностите на Советот, а според став 1 точка 1 на наведениот член, советот е надлежен да донесува статут на општината и други прописи. Според член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Согласно погоре цитираните законски одредби, неспорно е дека совет на општина е надлежен да донесува статут и други прописи, меѓутоа, Законот со ниту една одредба не предвидува надлежност на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот дава овластување на општините да можат, во своите прописи (деловник или статут) да уредат одредби за автентично толкување на општи акти.

Органите на локалната власт може да го употребуваат институтот автентично толкување, само ако истото е предвидено во закон, како што тоа е предвидено за законодавецот како орган на државната власт и тоа изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, додека, постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 152/2019).

Во конкретниот случај, законска основа за овој институт нема за органите на локалната власт, па оттука, не може совет на општина во деловник или статут изворно да го уредува институтот автентично толкување и процедура за истиот, како што во конкретниот случај овој институт е уреден во Деловникот на Советот на Општина Сарај, со што Советот на Општина Сарај излегол надвор од своите надлежности утврдени во Законот за локалната самоуправа.

Имајќи го предвид погоре наведеното, како и имајќи ги предвид одредбите од член 51 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, Судот одлучи за согласноста на член 26 алинеја 4 од Деловникот на Советот на Општина Сарај и согласноста на насловот на поглавјето 9„Автентично толкување на општи акти“ и членовите 107, 108, 109 и 110 содржани во глава XIII. Постапка за донесување на општите акти од Деловникот на Советот на Општина Сарај со Законот за локалната самоуправа, вклучително Судот одлучи и за нивната согласност со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека член 26 алинеја 4, насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на Општи акти“ и членовите 107, 108, 109 и 110 содржани во глава XIII. Постапка за донесување на општите акти од Деловникот на Советот на Општина Сарај, број 07-151/1 од 06.04.2006 година не се во согласност со Уставот и законите.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски