У.бр.50/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.50/2024
Скопје, 18.09.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 18 септември 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Карпош, објавен во „Службен гласник на Општина Карпош“ број 3/2006.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Карпош, објавен во „Службен гласник на Општина Карпош“ број 3/2006.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение
I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), по сопствена иницијатива со Решението У.бр.50/2024 од 9 мај 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Деловникот на Општина Карпош, означена во точката 1 од оваа одлука.

II

На седницата Судот утврди дека според член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината, член на Советот, меѓу другото, има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање автентично толкување на прописите.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според уставната одредба пропишана во член 68 став 1 алинеја 2, Собранието на Република Северна Македонија, има уставно овластување да донесува закони и да дава автентично толкување на законите.

Член 110 алинеја 2 од Уставот, пропишува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Со член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) се уредени надлежностите на советот, а според став 1 точка 1 на наведениот член, советот е надлежен да донесува статут на општината и други прописи.

Според член 62 став 1 од наведениот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Со член 43 од Законот за локалната самоуправа се уредени правата и должностите на членовите на советот, а во таа смисла според став 2 на наведениот член, членовите имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот, а според став 5 од истиот член, членовите на советот имаат и други права и должности утврдени со статутот и други прописи, во согласност со овој закон.

Според тоа, со статут и други прописи може да се утврдат и други права и должности за членовите на советот, меѓутоа, како што произлегува од член 43 став 5 од Законот, уредувањето на други права и должности, треба да биде во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби произлегува дека законите се носат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и закон, односно само Собранието има уставно овластување за донесување на закони и нивно автентично толкување, во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.

Во конкретниот случај, се утврди дека Советот на Општина Карпош, врз основа на член 3 став 2 од Статутот на Општина Карпош („Службен гласник на Општина Карпош” број 1/2006), на седница одржана на 13.03.2006 година, донел Деловник на Советот на Општина Карпош со број 07-1299/2, според кој, член на Советот има право на седниците на Советот да поднесува барање за давање на автентично толкување на прописите.

Правото, коешто Советот на Општина Карпош го пропишал за членовите на Советот во Деловникот, е поврзано со институтот „автентично толкување на прописите”. Меѓутоа, Законот за локалната самоуправа, не содржи одредби од кои произлегува надлежност за совет на општина да може да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот дава овластување на општините да можат, во своите прописи (деловник или статут) да уредат одредби за давање автентично толкување на општи акти, па оттука, Советот на Општина Карпош излегол надвор од своите законски надлежности уредувајќи во Деловникот на Советот на Општината, право на членовите на Советот на Општината да можат на седниците на Советот да поднесат барање за давање на автентично толкување на прописите.

Институтот автентично толкување, мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го употребуваат, а како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт и тоа изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, при што, постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 248/2023). Во конкретниот случај, законска основа за овој институт нема за органите на локалната власт, па оттука, не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот.

Од овие причини Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, по сопствена иницијатива го покрена прашањето за согласноста на означената одредба од Деловникот на Општината со Уставот и Законот за локалната самоуправа. Со оглед на тоа дека нејзиното уредување во Деловникот на Општината е без уставен и законски основ, Судот оцени дека одредба не е во согласност со принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска за усогласеност на прописите со Уставот и законите, определена во член 51 од Уставот, како и со одредбите од Законот за локалната самоуправа во кој се уредени овластувањата на единиците на локалната самопуправа.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски