У.бр.97/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, и членот 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 12 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 1, 2, 4, 5 и 6 од Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.84/2020 и 89/2020).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 3 од Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

3. Светскиот македонски конгрес, претставуван од Тодор Петров од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека Уставниот суд по службена должност можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата, меѓутоа не можел да биде супститут на Собранието со надлежност од член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот: „Собранието врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието“.

Исто така, подносителот наведува дека не смеело да се заборави дека на потврдување пред Собранието подлежела само одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба што ја донесувало Собранието во согласност со член 125 став 4 од Уставот.

Уредбите со законска сила донесени за време на вонредна состојба не подлежеле на потврдување од Собранието, бидејќи биле со важност додека трае вонредната состојба.

Дури, потврдувањето на вонредната состојба утврдена од претседателот на Републиката од страна на Собранието веднаш штом ќе заседава, не значело по автоматизам или службена должност, согласност на уредбите со законска сила кои за време на вонредната состојба ги донела Владата.

Основно било правилото и уставната конотација дека уредба на Владата, макар и со законска сила, не била закон! Во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот многу јасно било определено дека само „Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите“. Донесувањето на закони и изменувањето, дополнувањето или престанувањето на важноста на законите не била надлежност на Владата, туку само на Собранието, дури и за време на вонредна состојба.

Понатаму, според прифатената номотехника на Владата, Уставот утврдувал дека уредбите на Владата за време на вонредна состојба имаат законска сила, ама тоа не морало да се повторува во насловот и содржината на секоја уредба што ја донесувала Владата, тоа според член 126 став 1 од Уставот се подразбирало.

Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила во согласност со член 126 став 2 од Уставот не значело дека Владата го супституира Собранието, дека Владата ја врши и законодавната власт! Во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот многу јасно било утврдено дека „темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се: владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска!“

За жал, наместо да донесува уредби со законска сила, речиси сите уредби со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба, претставувале изменување и дополнување на законите, што било во надлежност на Собранието! Дури, истите биле донесени без постоење на закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието според член 126 став 2 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата, голем дел од мерките за време на вонредната состојба, Владата можела да ги донесе со примена на Законот за управување со кризи и Законот за заштита од заразни болести.

Владата без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието во согласност со член 126 став 2 од Уставот, немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраењето на вонредната состојба!

Врз основа на оваа иницијатива и даденото образложение, од Уставниот суд се бара да ги поништи сите уредби со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба, бидејќи не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.

Исто така, се предлага, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба во врска со пандемијата со коронавирусот од 18 март 2010 година, поради штетни последици по владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 30 март 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА РОКОВИТЕ ВО СУДСКИТЕ ПОСТАПКИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА И ПОСТАПУВАЊETO НА СУДОВИТЕ И ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА

Член 1

Законските и преклузивните рокови за поднесување на тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување на вонпарнична постапка, поднесување на барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање на постапка пред Уставен суд или иницирање и поведување на друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа уредба се до престанување на вонредната состојба.

Член 2

Законските и преклузивните рокови за изјавување на правни лекови, правни средства или за преземање процесни дејствија во постапките од член 1, престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па се до завршување на вонредната состојба. Во кривичните и прекршочните постапки, роковите за изјавување на жалба или приговор на одлуките со кои постапката завршува, како и за изјавување на вонредните правни лекови, престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па се до завршување на вонредната состојба.

Член 3

На судиите–поротници на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба, по сила на оваа уредба, мандатот им се продолжува се до завршување на постапката по судскиот предмет.

Член 4

Доколку некој суд или негово одделение, заради преземени мерки за спречување на ширење на вирусот КОВИД-19 (изолација на судии и сл.), не може да постапува по итни предмети, Судскиот совет ќе определи да постапува друг стварно надлежен суд од ист степен. Судскиот совет може да донесе одлука и да пропише начин за одржување на расправи и преземање на сите други дејствија на постапката со користење на електронски технички средства кои обезбедуваат двонасочна комуникација без заедничко физичко присуство на учесниците во постапката.

Член 5

Судовите во Република Северна Македонија, се должни при постапувањето, закажувањето и одржувањето на расправите да се придржуваат на одлуките на Судскиот совет на Република Северна Македонија, за постапување на судовите во Република Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот КОВИД-19. Се задолжуваат јавните обвинители извршувањето на функцијата на јавното обвинителство да ја организираат и извршуваат согласно Задолжителните упатства на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, донесени во врска со вирусот КОВИД-19.

Член 6

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 2 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА РОКОВИТЕ ВО СУДСКИТЕ ПОСТАПКИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА И ПОСТАПУВАЊETO НА СУДОВИТЕ И ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањeтo на судовите и јавните обвинителства („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.84/20), во членот 1, зборовите „иницирање на постапка пред Уставен суд или“ се бришат

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Амандман XXV (со точката 1 од овој амандман се заменува членот 98 од Уставот), пропишува дека, судската власт ја вршат судовите (став 1). Судовите се самостојни и независни.

Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот (став 2). Забранети се вонредни судови (став 3).

Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, органи­зацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозин­ство гласови од вкупниот број пратеници (став 4).

6. Во Законот за парничната постапка, Законот за кривичната постапка, Законот за општата управна постапка, Законот за јавното обвинителство, Законот за прекршоците, Законот за извршување на санкциите, Законот за управните спорови и Законот за извршување предвидени се рокови за преземање на процесни дејствија, вложување на редовни и вонредни правни лекови, рокови за застареност, рокови за извршување од чие запазување директно зависи остварувањето на одредени права и обврски на граѓаните.

Во услови на прогласена вонредна состојба, а со цел граѓаните во настанатите услови да не изгубат одредени права за кои се води постапка, Владата со оспорената уредба утврдила дека предвидените рокови и дејствија коишто треба да бидат преземени во конкретните случаи, да престанат да течат во моментот на стапување во сила на оспорената уредба до престанување на вонредната состојба.

Воедно со оспорената уредба, а поради настанатата вонредна состојба, некој суд или негово одделение, поради преземени мерки за спречување на ширење на вирусот не може да постапува по итни предмети, Судскиот совет определува кој стварно надлежен суд ќе постапува. Исто така судскиот совет со одлука може да го пропише начинот на одржување на расправи вклучувајќи и користење на електронски технички средства.

Исто така, со Уредбата се пропишува дека судовите во Република Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот, должни се при постапувањето, закажувањето и одржувањето на расправите да се придржуваат на одлуките на Судскиот совет.

Со Уредбата исто така, се пропишува дека јавните обвинители се должни да ја организираат и извршуваат функцијата согласно задолжителните упатства на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, донесени во врска со вирусот КОВИД – 19.

7. Во Република Северна Македонија, согласно член 125 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, поради неможноста на Собранието како надлежен орган за прогласување на вонредна состојба да се состане, од страна на претседателот на Република Северна Македонија, донесени се две последователни одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба заради заштита и спречување со последиците од коронавирусот COVID 19, првата на ден 18.03.2020 година и втората на ден 16.04.2020 година, а во моментот кога Собранието ќе биде во можност да се состане ќе му бидат поднесени на потврдување согласно член 125 став 4 од Уставот.

Владата на Република Северна Македонија, при постоење на воена или вонредна состојба во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Ваквото овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Имено, уредбите со законска сила се специфични правни прописи, и токму нивната специфичност не ни овозможува ниту да се третираат како закони, поради фактот што не се донесуваат од Собранието како законодавен орган туку од Владата, основ за нивно носење е уставната одредба којашто уредува исто така една специфична состојба како што е вонредната состојба, правното дејство на овие прописи е со ограничен временски рок – за времетраење на вонредната состојба, имаат за цел ефикасност и флексибилност во соочувањето со причините коишто довеле до прогласување на вонредната состојба но и со последиците од истата. Од овој аспект, според наше мислење станува збор за специфичен правен пропис којшто не е ниту закон, ниту подзаконски пропис, туку правен пропис со привремена сила на закон.

Оттука, Владата може да запре од извршување одреден закон за одредено време, може да одредува нови рокови, може да ги ограничува и менува постојаните и да носи нови законски решенија, меѓутоа ваквите овластувања не се неограничени. Имено Уставот има две уставни ограничувања уредени со членот 54 и со суштината на вонредната состојба односно членовите 125 и 126 од Уставот.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

8. Во конкретниов случај, тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членовите 1, 2 4, 5 и 6 од Уредбата, со уставните норми на кои упатува иницијативата.

Имено, мерките коишто се преземаат од владите во вонредна состојба мора да бидат дизајнирани и насочени кон справување со причинителот на состојбата, последиците од состојбата, да презема мерки кои се во суштинска врска со причинителот и последиците, со времен карактер и лимитиран интензитет. Вонредната состојба е уставна материја, и во време на вонредна состојба Владата мора да ги почитува темелните вредности на уставниот поредок особено владеењето на правото.

Во услови кога во државата е прогласена вонредна состојба, Владата покрај нејзините основни надлежности со статус на извршна власт, согласно уставните и законските овластувања уредува прашања од надлежност на Собранието, меѓутоа Владата со материјата која е уредена во оспорената уредбата, не излегла надвор од своите овластувања утврдени со Уставот

Согласно погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на членовите 1, 2, 4, 5 и 6 од Уредбата со законска сила со член 8 став 1 алини 3 и 4, Амандманот XXV, Амандманот XXIX и членот 128 од Уставот на Република Северна Македонија.

9. Судот на седницата, исто така утврди дека со Одлука У.бр.56/2020 од 03.06.2020 година го поништи членот 3 од оспорената уредба .

Во образложението на Одлуката, Судот утврдил дека согласно член 42 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 62/2006, 35/2008, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019), судиите-поротници ги избира и разрешува Судскиот совет на Република Македонија под услови и во постапка определена со закон.

Според член 49 од истиот закон, судија-поротник се избира за време од четири години и може повторно да биде избран.

Членот 2 од Законот за Судскиот совет („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019) пропишува дека, Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите.

Согласно член 53 од истиот закон, Советот избира и разрешува судии-поротници по предлог на претседателот на надлежниот основен и апелационен суд (став 1). Советот го утврдува бројот на судиите-поротници по предлог на претседателот на судот за кој се избираат судиите-поротници (став 2). Кога Советот избира судија-поротник во суд кој се наоѓа на подрачје на единица на локална самоуправа каде што 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови кои припаѓаат на заедниците коишто не се мнозинство во Република Северна Македонија (став 3).

10. Во конкретниот случај, од наведената судска анализа, Судот оцени дека, оспорената уредба не е во согласност со уставните одредби коишто се наведени во иницијативата.

Имено, мерките коишто се преземаат од Владата во вонредна состојба мора да бидат дизајнирани и насочени кон справување со причинителот на состојбата, последиците од состојбата, да презема мерки коишто се во суштинска врска со причинителот и последиците, со времен карактер и лимитиран интензитет. Вонредната состојба е уставна материја, и во време на вонредна состојба Владата мора да ги почитува темелните вредности на уставниот поредок особено владеењето на правото.

Имајќи го во предвид изнесеното, Владата со оспорениот член 3 од Уредбата, регулира материја којашто веќе е уредена во постоечка законска регулатива, односно настаната е состојба на двојство на примена на различни прописи по однос на исто фактичко прашање, односно не е предвидена околноста со влегувањето во сила на истата да престанат да важат одредбите од актот со кој е регулирано истото прашање, што доведува до правна несигурност и двојно уредување на иста материја што е спротивно на начелото на владеење на правото утврдено со Уставот.

За принципот на правна сигурност како дел од темелната вредност – владеење на правото, од суштествена важност е меѓу другото, правниот поредок да содржи норми коишто се применливи без да бидат извор на можни забуни во примената што може да резултира со повреда на правата и слободите.

Во услови кога во државата е прогласена вонредна состојба, Владата покрај нејзините основни надлежности со статус на извршна власт, согласно уставните и законските овластувања уредува прашања од надлежност на Собранието, меѓутоа Владата со материјата којашто е уредена во оспорената одредба од членот 3 на Уредбата, излегла надвор од своите овластувања утврдени со Уставот, при што ја презела улогата на Судскиот совет кој како самостоен и независен орган во судството ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт преку остварувањето на своите функции. Преземањето на улогата на судската власт, значи мешање на извршната власт во судската власт, спротивно на уставниот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, а со тоа се нарушува правната сигурност во правниот поредок со што се доведува во прашање и уставно загарантираната самостојност и независност на судството.

Членот 128 од Уставот на Република Северна Македонија прецизно пропишува на кои носители на јавни функции им се продолжува мандатот за време на воена или вонредна состојба, односно се продолжува мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Судскиот совет. Со продолжувањето на мандатот на членовите на Судскиот совет за време на вонредната состојба истиот е во можност во полн капацитет да ги извршува своите надлежности односно да врши повторен избор на судии-поротници, Во конкретниот случај со Уредбата, Владата директно навлегла во надлежностите на Судскиот совет, продолжувајќи им го мандатот на судиите-поротници во услови кога Судскиот совет непречено може да изврши избор на нови судии-поротници на местото на оние на кои им завршил мандатот за време на вонредната состојба. Исто така, Владата како доносител на Уредбата со законска сила, односно со уредената материја во оспорениот член 3, всушност вметнува уште една категорија на носители на јавни функции, на кои им се продолжува мандатот за време на вонредната состојба, во случајов судии-поротници, со што излегува надвор од рамките утврдени во членот 128 од Уставот.

Со оглед на фактот што Уставниот суд го поништил членот 3 од Уредбата и истиот не е во правниот поредок, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, според кој Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

9. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Елена Гошева, Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски, а во однос на точката 2, Решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.97/2020
12.06.2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати