У.бр.84/2020-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницата одржана на 24 јуни 2020 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Северна Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијативата поднесена од Светскиот македонски конгрес од Скопје, со Решение У.бр.84/2020 од 14 мај 2020 година, поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020), и го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на наведената уредба затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 1 од оспорената уредба со законска сила, Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2006, 88/2008, 159,/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/2015, 129/2015, 154/2015, 23/2016, 35/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. Според ставот 2 за висината на каматата којашто се наплатува на износот на помалку или повеќе платениот данок за секој ден задоцнување и за објавата на листата на должници на доспеани и неплатени долгови се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Според член 2 од оспорената уредба со законска сила, на износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки освен каматата, се пресметува и наплатува, односно плаќа камата во висина од 0,015% за секој ден задоцнување.

Судот исто така утврди според член 3 од Уредбата, Управата за јавни приходи нема да објавува листа на должници на доспеани и неплатени долгови за месеците април, мај и јуни 2020 година.

Согласно член 4, оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

6. По поведувањето на постапката на 14 мај 2020 година и изрекувањето на времената мерка од страна на Уставниот суд, Владата на Република Северна Македонија донесе две уредби со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020), и тоа, на 17 мај 2020 година Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.128/2020) при што со членот 1 од оваа уредба се определува дека во Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020), по членот 3 се додава нов член 3-а кој гласи „Одредбата во член 2 од оваа уредба со законска сила ќе се применува за време на вонредната состојба, како и 60 дена по престанувањето на траењето на вонредната состојба. Во членот 2 од дополнувањето на Уредбата се определува дека „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

На 29 мај 2020 година донесена е втората Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.140/2020) при што со членот 1 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/20 и 128/20) во членот 1 во ставот 2 по зборот „задоцнување“ се става запирка и се додаваат зборовите „за постапката на присилна наплата како“. Согласно членот 2 од Уредбата, „во член 2 по зборот „камата“ се додаваат зборовите „по каматна стапка“. Според членот 3 од Уредбата, по членот 2 се додава нов член 2-а, кој гласи: „Член 2-а Управата за јавни приходи нема да издава опомена за плаќање на данок и нема да отпочнува постапка на присилна наплата за време на траењето на вонредната состојба како и по престанокот на траењето на вонредната состојба до 30 јуни 2020 година и тоа за: – даночен долг кој е доспеан, а неплатен, и за кој не се отпочнати постапки на присилна наплата; – даночен долг по сите основи кој ќе доспее во месеците мај и јуни 2020 година и – судски такси и парични казни, односно глоби и трошоци изречени во парнични, прекршочни, кривични и управни постапки во корист на Република Северна Македонија, а кои ги наплатува Управата за јавни приходи, кои се доспеани, а неплатени, и за кои не е отпочната постапка на присилна наплата.“ и во членот 4 од дополнувањето на Уредбата се определува дека „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

7. Според член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународ­ното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Членот 125 од Уставот пропишува дека постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2). Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3).

Согласно член 126 став 2 од Уставот, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Според членот 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, број 09-1690/2 од 18.03.2020 година, донесена од страна на претседателот на Републиката, на територијата на Република Северна Македонија е утврдено постоење на вонредна состојба за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19, во која се наведува дека за времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на член 126 став 1 од Уставот, донесува Уредба со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија” број 79/2020).

Со оспорената Уредба со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020), се уредува материјата за висината на каматата којашто се наплатува на износот на помалку или повеќе платениот данок за секој ден задоцнување и за објавата на листата на должници на доспеани и неплатени долгови.

Според член 9 став 6 од Законот, објавата на листата на должници на доспеани и неплатени долгови се врши еднаш месечно, најдоцна до 10 во месецот. Најдоцна 15 дена пред рокот од ставот (6) на овој член Управата за јавни приходи го известува должникот дека доколку не го намири долгот по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, истиот ќе биде објавен на листата на должници на доспеани и неплатени долгови (став 7).

Членот 123 од истиот закон уредува дека на износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки освен каматата се пресметува и наплатува камата во висина од 0.03% за секој ден задоцнување.

Во претходно цитираните одредби од наведениот закон децидно се уредува висината на каматата на износот на помалку или повеќе платениот данок за секој ден задоцнување и за објавата на листата на должници на доспеани и неплатени долгови коишто изворно се наведуваат во овој реферат.

8. Имено, оваа уредба до одредена мерка го суспендира Законот за даночната постапка и се предвидуваат решенија кои се спротивни на овој закон што не е во рамките на законската дефиниција за уредбите со законска сила, истата не може да опстојува во правниот промет од причина што овие прашања се регулирани со одредби во веќе важечки закон.

Исто така, ако се имаат предвид причините и целта којашто сакала да се постигне со прогласувањето на вонредната состојба, а тоа е да се спречи ширењето на коронавирусот и да се заштити населението од последиците по здравјето од тоа ширење, неспорно може да се заклучи дека овластувањата на Владата да донесува уредби со законска сила, треба да бидат во контекст на остварување на таа цел, односно во функција на преземање на мерки со кои ќе се пресретне брзото ширење на заразата и мерки во функција на навремено дејствување заради справување и заштита на населението од последиците од ширењето на коронавирусот.

Членот 126 од Уставот на кој се повикува Владата, не го оправдува ваквото ограничување. Уставниот член само уредува овластување на Владата да може да донесува уредби со законска сила до завршување на вонредната состојба, меѓутоа, тоа уставно овластување никако не значи и не подразбира да може Владата, арбитрарно, кои и какви уредби да донесува, туку да донесува уредби во функција за донесување на решенија неопходно потребни во едно демократско општество, а не со истите изворно, оригинерно да се нормира одредена ситуација којашто не е предвидена со Уставот или со закон. Уставната определба, уредбите со законска сила да мора да бидат во согласност со Уставот и со закон, упатува на тоа дека уредбите со законска сила можат да бидат донесени само во функција на операционализација на уставни и законски одредби

Ова ограничување за Владата при донесувањето на уредбите со законска сила да мора да бидат во согласност со Уставот и закон претставува гаранција за остварување на темелните вредности – владеењето на правото и поделбата на државната власт, но и гаранција за почитувањето на слободите и правата утврдени со Уставот.

9. Со оглед на тоа што донесе конечна одлука, Судот оцени дека се исполнети условите од член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд за ставање надвор од сила на времената мерка определена со точка 2 од Решението У.бр.84/2020 од 14 мај 2020 година, поради што одлучи како во точката 2 од оваа одлука.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од оваа одлука.

11. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.84/2020
24 јуни 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати