У.бр.83/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 март 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Правилникот за категоризација на спортистите од Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 51/2002 и 50/2004), донесен од директорот на Агенцијата за млади и спорт.

2. Македонската традиционална карате федерација-Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата со оспорениот правилник спортистите од традиционалното карате биле ставени во дискриминаторска положба во однос на спортистите од модерното карате со што тие не можеле да си ги остварат и заштитат своите права признати со меѓународното право и со Уставот на Република Македонија. Не можело да биде применето начелото на владеењето на правото, а нарушено било и начелото за заштита на сопственост.

Оспорениот правилник не овозможувал поттикнување и помагање на традиционалното карате како спорт во кој масовно членувале граѓани на Република Македонија. Дискриминацијата и нееднаквиот третман на спортистите од традиционалното карате во однос на спортистите од модерното карате се согледувало од одредбите во оспорениот правилник, посветени на модерното и традиционалното карате. Во членот 3 од оспорениот правилник, традиционалното карате не било посебно издвоено, туку било сместено во иста точка 13 на членот 3 од оспорениот правилник, заедно со модерното карате, што водело до заклучок дека се подвлекувала еднаквост на овие два карате спорта, иако тие постоеле како два одвоени спорта, со две одделни федерации во земјата и во светски рамки. Од тоа ќе се вочело дека директорот на Агенцијата за млади и спорт како да водел сметка за еднаков третман на модерното и традиционалното карате, инаку засега, два вида одвоени карате спортови, меѓутоа, впечатокот за нивниот еднаков третман, се бришел ако се погледнел членот 16 од оспорениот правилник со кој сепак била направена разлика уште во насловите за тие два спорта.

Според подносителот, за двата спорта ќе било подобро во членот 3 од оспорениот правилник под одделни точки да биле сместени секое карате посебно, а во таков случај и членот 16 од оспорениот акт ќе се однесувал само за модерното карате, а за традиционалното карате ќе се пропишувале мерила и критериуми со некој друг член во оспорениот правилник. Подносителот повикувајќи се на содржината на членот 16 од оспорениот правилник, наведува дека нејасно останувало прашањето зошто за традиционалното карате, за разлика од модерното карате, не било предвидено стекнување на звање спортист од светска категорија.

Стандардите и критериумите за стекнување на спортист од меѓународна категорија за спортистите од модерното карате биле поблаги во однос на спортистите од традиционалното карате. За спортистите од традиционалното карате не било пропишано стекнување на звање за освоено прво место на младинско првенство. По сите основи со оспорениот акт се правела неприфатлива разлика помеѓу постигнатите резултати во едниот и во другиот спорт, а со тоа се деградирале спортистите од традиционалното карате во однос на спортистите од модерното карате. Поврзувањето на спортските успеси на спортистите од традиционалното карате со бројот на земјите учеснички како основ за евалуација било невозможна мисија за секој спортист од традиционалното карате, бидејќи било надвор од нивните можности да влијаат на бројот на присутните репрезентации на некое светско или европско првенство. Вакви слични услови биле предвидени само за уште еден спорт од вкупно наброените во членот 3 од оспорениот правилник, а за сите други спортови, па ниту за модерното карате, ваков услов, не се предвидувал.

Апсурдот бил уште поголем кога со измените на оспорениот правилник, вкупниот број на учесници на земји на светско првенство, требало да изнесува 44 земји за да им се признаеле постигнатите резултати на спортистите. Ваквите заострени критериуми за спортистите од традиционалното карате, а не и за спортистите од модерното карате, водело до заклучок дека така уредениот оспорен акт, можело да предизвика само негодување и дискриминација помеѓу граѓаните кои одлучиле да се занимаваат со традиционално карате.

Дискриминацијата која се правела на спортистите од традиционалното карате, а се фаворизирало модерното карате и други спортови не била ниту во спортскиот дух, ниту со позитивните прописи, а особено не било во согласност со членот 3 од самиот оспорен правилник, ниту со Уставот на Република Македонија (член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 11, член 9, член 20 ставови 1 и 2 и член 47 ставови 3 и 5) во поглед на начинот на кој се вреднувале спортистите од традиционалното карате и начинот на нивната еваулација.

Немало никаква основа да се направи разлика помеѓу спортистите на овие два вида карате спортови кои како такви ниту биле издвоени со членот 3 точка 13 од оспорениот правилник. Наведеното дотолку повеќе што спортистите со призната категорија и статус добивале стипендии, парична помош како и доживотна пензија, што ги стимулирало спортистите да се занимаваат со спортот што го одбрале како свој спорт.

Според подносителот на иницијативата, не само членот 16, туку и останатите одредби од Правилникот биле неприфатливи и заради други причини. На оспорениот правилник му недостигала одредена систематика и прецизност во вообличувањето на пропишаното, на што реагирале и спортисти од други спортови.

Со писмен допис до Агенцијата за млади и спорт се укажувало на нелогичностите и апсурдностите на одредбите од оспорениот правилник, особено во делот што се однесува на традиционалното карате, но зачудувачки бил одговорот во известувањето дека согласно член 16 од оспорениот правилник, во спортот традиционалното карате се стекнувало со светска категорија и меѓународна категорија, еквивалентно како и во останатите олимписки и неолимписки спортови. Тоа не било вистина, бидејќи членот 16 од оспорениот правилник, тоа не го пропишувал, туку така како што погоре се наведува.

Подносителот на иницијативата дополнително со допис наведува дека Македонската традиционална карате федерација на повеќе наврати писмено се обраќала до Агенцијата за млади и спорт со барање да бидат отстранети дискриминаторските членови од подзаконскиот акт, но во сите случаи нивните поднесоци биле игнорирани од Агенцијата. Во врска со последното барање кое го доставиле до Агенцијата со кое Македонската традиционална карате федерација предлагала изменување и дополнување на Правилникот за категоризација на спортистите од Република Македонија, Агенцијата за млади и спорт со допис од 01.12.2017 година, ги известила дека во 2018 година, планирале измени и дополнувања на Правилникот, меѓутоа според подносителот тоа било само фраза која на повеќе наврати ја слушале веќе 15 години наназад, а спортистите од традиционалното карате продолжувале да трпат материјална и финансиска штета.

Со иницијативата се предлага поништување на оспорениот акт, како спротивен на одредбите од член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 11, член 9, член 20 ставови 1 и 2, член 47 ставови 3 и 5 во врска со член 50 и член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е систематизиран во три дела со вкупно 44 члена и тоа: I. Основни одредби (членови 1 до 3), II. Мерила и критериуми за стекнување со спортска категорија (членови 4 до 42) и III. Преодни и завршни одредби (членови 43 и 44).

Со членот 1 на оспорениот правилник се определува дека, со Правилникот за категоризација на спортистите од Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 29/2002 и 50/2004) се пропишуваат мерилата и критериумите за утврдување на статусот и рангот на спортистите во Република Македонија, кои остваруваат високи спортски резултати и стекнуваат спортска категорија.

Со членот 2 на оспорениот правилник се пропишува дека со примена на овој правилник се овозможува: вреднување на творечките остварувања на спортистите; еквивалентен пристап во вреднување на спортските резултати во спортот; решавање на статусните прашања на спортистите; стимулирање на спортистите за занимавање со спортски активности и вреднување на творечките остварувања на стручните лица.

Според членот 3 точки 1 до 38 на оспорениот правилник, врз основа на остварените резултати во одреден временски период спортистите во Република Македонија (во натамошниот текст: спортистите) се стекнуваат со спортски категории-спортист од светска категорија, спортист од меѓународна категорија и спортист од државна категорија во следните спортови: 1. Автомобилизам-моторциклизам и картинг; 2. Атлетика; 3. Бокс; 4. Борење; 5. Велосипедизам; 6. Ватерполо; 7. Воздухопловство; 8. Веслање; 9. Гимнастика; 10. Едрење; 11. Кајак на диви води; 12. Кајак на мирни води; 13. Карате (модерно и традиционално); 14. Коњички спорт; 15. Кошарка; 16. Кревање товар; 17. Куглање; 18. Кик бокс; 19. Мечување; 20. Одбојка; 21. Планинарски спортови (ориентационен спорт, алпинизам и спортско качување); 22. Пливање; 23. Пинг понг; 24. Параглајдерско-змајарски; 25. Пеливанство; 26. Ракомет; 27. Скијање; 28. Спортски риболов; 29. Стрелаштво; 30. Стреличарство; 31.Спорт за инвалидизирани лица; 32. Тенис; 33. Тријалтон; 34. Таеквондо; 35. Фудбал; 36. Хокеј на мраз; 37. Џудо и 38. Шах.

Со членовите 4 до 42 на оспорениот правилник, се утврдени мерилата и критериумите за стекнување со спортска категорија на спортистите опфатени со членот 3 од оспорениот правилник.

Членовите 43 и 44 на оспорениот правилник, се однесуваат на преодните и завршни одредби на Правилникот.

Во прилог на оспорениот правилник се и 6 табели во кои се пропишани норми за стекнување на спортска категорија спортист од меѓународна и државна категорија во атлетика (табели 1 и 2), норми за стекнување на спортска категорија спортист од меѓународна и државна категорија во пливање (табели 3 и 4), норми за стекнување на спортска категорија спортист од меѓународна и државна категорија во стрелаштво (табели 5 и 6).

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Предмет на оспорување со иницијативата е целината на Правилникот за категоризација на спортистите од Република Македонија.

Причините за неуставноста на целината на Правилникот за категоризација на спортистите од Република Македонија, подносителот ги аргументира со наводите дека модерното и традиционалното карате биле различни видови на спорт, а како такви тие не требало да бидат опфатени во истата точка 13 на членот 3 од оспорениот правилник, туку ќе било подобро во членот 3 од оспорениот правилник под одделни точки да биле сместени секое карате посебно, а во таков случај и членот 16 од оспорениот акт ќе се однесувал само за модерното карате, а за традиционалното карате ќе се пропишувале мерила и критериуми со некој друг член во оспорениот правилник.

Во членот 16 од оспорениот правилник немало уредување за стекнување на звање спортист од светска категорија за спортистите од традиционалното карате, како што тоа било предвидено за спортистите од модерното карате. Исто така, немало уредување за стекнување на звање за освоено прво место на младинско првенство за спортистите од традиционалното карате, како што тоа било предвидено за спортистите од модерното карате. Во членот 16 од оспорениот правилник немало уредување за спортистите од модерното карате за број на остварени победи за да ја стекнат категоријата спортист од меѓународна категорија, како што тоа било предвидено за спортистите од традиционалното карате.

Понатаму, оспорениот правилник, не бил уставен бидејќи стандардите и критериумите за стекнување на спортист од меѓународна категорија не биле еднакво пропишани за спортот модерно карате и за спортот традиционално карате, односно тие биле поблаги за спортистите од модерното карате. Конкретно, верификацијата на остварениот пласман на светско или европско првенство за спортистите од традиционалното карате се условувала со потребен број на земји учеснички на тие првенства, но тоа не било пропишано и за спортистите од традиционалното карате. Такви слични услови биле предвидени само за уште еден спорт од вкупно наброените во членот 3 од оспорениот правилник, а за сите други спортови, па ниту за модерното карате, ваков услов, не се предвидувал.

Ваквите наводи, меѓутоа, не кореспондираат со она што навистина е уредено со оспорениот правилник, бидејќи условот „потребен број на земји учеснички” за верифицирање на остварен пласман, е уреден и за други спортови (член 14, член 16, член 20, член 21, член 24, член 28, член 32, член 38). Конкретно, остварениот пласман за спортистите од модерното карате е условен со учество од најмалку 22 земји учеснички на европско и 44 земји учеснички на светското првенство, а остварениот пласман за спортистите од традиционалното карате е условен со учество од најмалку 20 земји учеснички на европско, што значи во помал број во однос на спортистите од модерното карате и 44 земји учеснички на светското првенство.

Спротивноста на целината на Правилникот со низа одредби од Уставот, подносителот ја аргументира со начинот на уредувањето на член 3 точка 13 и членот 16 од оспорениот правилник, како и отсуството на содржини во делот од членот 16 од оспорениот правилник, посветен на традиционалното карате, кои содржини подносителот смета дека требало да бидат уредени во функција на постигнување на еднаков третман на спортистите од двата спорта. Поточно, со оглед дека доносителот на оспорениот акт, мерилата и критериумите кои ги уредил за спортот модерно карате за стекнување со спортска категорија, не ги уредил истите тие мерила и критериуми и за спортот традиционално карате, оспорениот правилник не бил во функција на поттикнување и помагање на традиционалното карате како спорт бидејќи ги фаворизирал спортистите од модерното карате, а спортистите од традиционалното карате ги ставал во нееднаква и дискриминирачка положба.

Наводите во иницијативата за отсуство на содржини во оспорениот правилник, а кои според подносителот на иницијативата требало да бидат уредени од страна на доносителот на оспорениот акт за да се постигнела еднаквост на субјектите во правото, како и наводите дека не само членот 16, туку и останатите одредби од Правилникот биле неприфатливи и заради други причини, односно дека на оспорениот правилник му недостигало одредена систематика и прецизност во вообличувањето на пропишаното, на што реагирале и спортисти од други спортови, не се аргументи за мериторно впуштање на овој суд во испитувањето на согласноста на целината на оспорениот правилник со уставните одредби, наведени во иницијативата.

Во надлежност на Уставниот суд е да оценува дали одреден пропис или содржина која ја има во одреден пропис, е во согласност со одредбите на Уставот или не, па врз основа на исходот од уставно-судската оцена, може да се впушти во одлучување за уставноста на прописот или дел од содржината на прописот, за што треба да бидат исполнети процесни претпоставки за таа цел.

Во конкретниот случај, со иницијативата не е прецизно и јасно, која содржина од оспорениот правилник е предмет на оспорување со иницијативата. Неспорно е дека со иницијативата предмет на оспорување е целината на Правилникот, но целината на Правилникот содржи вкупно 44 члена, и таа се оспорува општо, преку изнесување на забелешки како не требало да бидат уредени член 3 точка 13 и членот 16 од оспорениот правилник, посветени на модерното и традиционалното карате и какви содржини требало да бидат уредени.

Но и тука, со иницијативата воопшто нема наведување дали овие членови посебно се оспоруваат од Правилникот, односно кој дел и содржина од членот 16 од оспорениот правилник предизвикува повреда на членот 9 од Уставот, дали делот кој се однесува на модерното карате или делот кој се однесува на традиционалното карате, за да може овој суд да се впушти во оцена дали конкретна содржина го повредува принципот на еднаквост кој налага еднакво постапување со еднаквите, односно со правни или физички лица кои се во иста ситуација да се постапува на ист начин, а со субјекти кои се во различна ситуација на различен начин. Дел од наводите воопшто не кореспондираат со она што навистина е уредено со членот 16 од оспорениот правилник, а на тие изнесени наводи, подносителот го заснова своето тврдење за повреда на уставниот принцип на еднаквост.

Во суштина целта на поднесување на предметната иницијативата е утврдување на нееднаков третман и утврдување на дискриминација на спортистите од традиционалното карате во однос на спортистите од модерното карате, со цел да се елиминира оспорениот акт од правниот поредок, бидејќи измени и дополнувања на Правилникот на барање од Македонската традиционална карате федерација до Агенцијата за млади и спорт, биле ветувани, но не биле направени, како што се тврдело и во последниот допис од Агенцијата до подносителот на иницијативата дека во 2018 година, биле планирани измени и дополнувања на предметниот правилник.

Во врска со погоре наведеното, за Судот разбирлива е интенцијата на подносителот која сака да ја постигне, меѓутоа постапувањето пред овој суд е детерминирано со исполнување на процесни претпоставки, кои во конкретниот случај не се исполнети, бидејќи наведените причини за спротивност на целината на Правилникот со одредбите од Уставот, не се аргументи и образложени причини како основа за мериторно впуштање на овој суд во одлучување за согласноста на целината на оспорениот правилник со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

Ова посебно, не од аспект на повреда на член 110 алинеја 3 од Уставот кој се однесува на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, во однос на кој член подносителот смета дека оспорениот правилник бил во спротивност. Наведеното од причини што оспорениот правилник воопшто не може да се разгледува од аспект на неговата согласност со член 110 алинеја 3 од Уставот, бидејќи за постапување по овој член од Уставот, треба да бидат исполнети соодветни процесни претпоставки како од аспект кој може да бара заштита на слободи и права, што се однесуваат на забрана на дискриминација по некој од наведените основи утврдени во овој член од Уставот, така и од аспект на останатите процесни претпоставки утврдени во глава IV од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки за мериторно впуштање на овој суд во одлучување по иницијативата, што е причина за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.83/2017
14 март 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски