У.бр.74/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 22 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/2020).

2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената уредба со законска сила не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба со законска сила гласи:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 21 март 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРАШАЊА ПОВРЗАНИ СО ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

Член 1

Со оваа уредба се регулираат прашања поврзани со изборниот процес, се изменува и дополнува Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16 и 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 и 42/20) и се утврдува прашањето за примена на одредби од законите кои се однесуваат на изборниот процес.

Член 2

Мандатот на членовите на Државата изборна комисија се продолжува и ќе трае 6 месеци од денот на одржување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Член 3

Со денот на стапување во сила на оваа уредба се прекинуваат сите изборни дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои се закажани за 12 април 2020 година.

Член 4

Се задолжува Државната изборна комисија да ја обезбеди и чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите.

Член 5

Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба.
Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување во сила на оваа уредба се сметаат за важечки.

Член 6

Се задолжува Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

Член 7

Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик.
Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се преземаат никакви дејствија врз основа на Изборниот законик.

Член 8

Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применува членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2019).

Член 9

Оваа уредба стапува на сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2413/1                                                                                                                                                                                                   Претседател на Владата
21 март 2020 година                                                                                                                                                                             на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                     Оливер Спасовски

4. Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со закон.

Во согласност со членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата:
-ако не е надлежен да одлучува за барањето;
-ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и
-ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/2020). Притоа, со Решение У.бр. 42/2020 од 14 мај 2020 година, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на наведената уредба.

Со сега доставената иницијатива, истиот подносител на иницијативата, повторно ја оспорува уставноста на истата уредба со законска сила.

Со оглед на фактот дека за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на оваа иницијатива.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.74/2020
22 мај 2020 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати