У.бр.71/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020) на седницата одржана на 22.09.2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на заклучоците на Владата на Република Северна Македонија за изготвување на Електронски Картички (М-Смарт Кард) за патнички моторни возила на туристи од Република Србија кои би транзитирале на Коридор 10 за време на летната сезона (15.06.2021 до 15.08.2021 година) донесени на 72-рата седница одржана на 25 мај 2021 година.

2. Политичката партија Алијанса за Албанците, застапувана од Абидин Абдули, адвокат од Тетово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека Владата донела одлука за ослободување од плаќање на патарина за граѓаните кои влегуваат на територија на Република Северна Македонија само за Коридорот 10, кој водел од Табановце кон граничниот премин „Богородица“ од 15.06.2021 година до 15.08.2021 година. Зо ваквата одлука Владата издвоила 2,8 милиони евра за картичките кои ќе ги користеле српските државјани за плаќање на патарините.

Според подносителот на иницијативата со одлуката биле повредени уставноста и законитоста, поточно членот 66 од Законот за јавните патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2008, 52/2009, 114/2009, 124/2010, 23/2022 и 53/2011) бидејќи во оваа одредба не било предвидено ослободување од плаќање на патарина за државјани на странска држава. Поради наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.

Судот утврди дека во иницијативата погрешно се означува дека оспорениот акт е донесен во форма на одлука бидејќи од увидот на Записникот за одржаната седница на Владата од 25 мај 2021 година произлегува дека се во прашање повеќе (пет) заклучоци.

3. Судот на седницата, утврди дека Владата на Република Северна Македонија на 72-рата седница одржана на 25.05.2021 година, меѓу другото, одлучувала по поднесена информација изготвена од Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски, а во врска со изготвување на Електронски Картички (М-Смарт Кард) за патнички моторни возила на туристи од Република Србија кои би транзитирале на Коридор 10 за време на летната сезона (15.06.2021 до 15.08.2021 година).

Владата ја разгледала поднесената информација од Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски и ги усвоила следниве заклучоци:
1. Се задолжува Министерството за финансии да префрли средства во износ од 172.000.000,00 денари за набавка на 200.000 М- Смарт Кард на сметка на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.
2. Се задолжува Јавното претпријатие за државни патишта да изврши сукцесивна испорака на предвидените количини на М-Смарт Кард.
3. Се задолжува Јавното претпријатие за државни патишта, откако ќе заврши Проектот, во случај на неискористени средства, истите да ги врати на сметката на Буџетот на Република Северна Македонија.
4. Се задолжува Министерството за внатрешни работи изработените М-Смарт Кард да ги распределува на возилата со српски туристи кои ќе влегуваат на територијата на Република Северна Македонија преку Граничниот премин Табановце.
5. Се задолжуваат Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, врз основа на протокот на возила на граничните премини сукцесивно да ја утврдуваат динамиката на нарачка и плаќање на електронските картички (М-Смарт Кард) и за истото да ја информираат Владата.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот, ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од анализата на оспорените заклучоци произлегува дека истите требало да се спроведат и применат во периодот на летната сезона, односно помеѓу 15.06.2021 и 15.08.2021 година, по кој период заклучоците повеќе не произведуваат правно дејство од каде повеќе и не се дел од правниот поредок на Република Северна Македонија.

Судот имајќи предвид дека заклучоците имале примена и дејство заклучно со 15.08.2021 година и повеќе не се дел од правниот поредок оцени дека постои процесна пречка за навлегување во оцена на нивната уставност и законитост од каде се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.71/2021
22.09.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска