У.бр.69/2024-1


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.69/2024
Скопје, 10.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 70 и член 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10.07.2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Демир Капија, број 0701-487/5 од 23.12.2005 година.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Демир Капија, број 0701-487/5 од 23.12.2005 година.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, оформи предмет и со Решението У.бр.69/2024 од 9 април 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Деловникот на Советот на Општина Демир Капија, означен во точката 1 од оваа одлука.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Демир Капија во свој пропис – Деловникот на Советот Општина Демир Капија, во главата III. Права и должности на членовите на Советот, поглавје 3 „Покренување иницијативи и поднесување предлози“, го уредил член 15 алинеја 3, според кој член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 51 од Уставот, е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Според член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Со член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) се уредени надлежностите на советот, а според став 1 точка 1 на наведениот член, советот е надлежен да донесува статут на општината и други прописи. Според член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Согласно со погоре цитираните законски одредби, неспорно е дека совет на општина е надлежен да донесува статут и други прописи, меѓутоа, Законот со ниту една одредба не предвидува надлежност на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот дава овластување на општините да можат, во своите прописи (деловник или статут) да уредат одредби за автентично толкување на општи акти.

Органите на локалната власт можат да го употребуваат институтот автентично толкување, само ако истото е предвидено во закон, како што тоа е предвидено за законодавецот како орган на државната власт и тоа изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, додека, постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 152/2019).

Во конкретниот случај, законска основа за овој институт нема за органите на локалната власт, па оттука, не може совет на општина во деловник или статут изворно да го уредува институтот автентично толкување и процедура за истиот, како што во конкретниот случај овој институт е уреден во Деловникот на Советот на Демир Капија, со што Советот на Демир Капија излегол надвор од своите надлежности утврдени во Законот за локалната самоуправа.

Имајќи го предвид погоре наведеното, како и одредбите од член 51 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, Судот оцени дека член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Демир Капија број 0701-487/5 од 23.12.2005 година, е во спротивност со Законот за локалната самоуправа и со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

Согласно член 73 од Деловникот на Судот, при одлучувањето беа земени предвид сите околности од значење за заштита на уставноста и законитоста, односно фактот што во правниот поредок не може да опстојуваат прописи или нивни одредби за кои не постои законски основ, а особено што односите што се воспоставени врз основа на такви акти или нивни одредби, навлегуваат во правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски