У.бр.67/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 31 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт И 10, Општина Аеродром, Плански период 2016-2021, број 09-161/22 од 6.04.2017 година, донесена од Советот на Општина Аеродром, на 5 април 2017 година, („Службен гласник на Општина Аеродром“ бр.7/2017).

2. Друштвото за промет на големо и мало увоз извоз „Милема„ Кире ДООЕЛ Скопје; Друштвото за транспорт, шпедиција и услуги „Цетранс“ ДОО експорт импорт Скопје; Друштвото за логистика „Виатор и Вектор“ ДОО Скопје; Друштвото за производство, трговија, промет и услуги „Интер Стар“ ДОО Куманово; Друштвото за промет и консалтинг „Мио Фил“ Власте ДООЕЛ Скопје; Друштвото за транспорт, производство и услуги „Елан Транс“ ДООЕЛ увоз извоз Гостивар; Димитар Митев од Скопје; Бранко Насковски од Скопје; Фидан Бибај од Изола, Словенија; Лидија Теофиловска од Скопје; Златко Трајковски од Скопје и Кире Таневски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била во спротивност со важечкиот Генерален урбанистички план на Градот Скопје и поради тоа не била во согласност со член 51 став 1 од Уставот и членот 11 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Одлуката го содржела Деталниот урбанистички план за градска четврт И10 Општина Аеродром Скопје, блок 3, во кој спаѓале и градежните парцели 3.23, 3.24, 3.25. Предлачите на оваа иницијатива биле сопственици на катастарски парцели КП 222/25, КП 222/15, КП 222/19, КП 222/18, КП 222/29, КП 239/12, КП 239/8, КП 222/24 и други, сите на КО Кисела Вода 2, кои се опфатени со градска четврт И10 Општина Аеродром Скопје, блок 3.

Во иницијативата е наведено следното: „Со решението во донесениот ДУП за Скопје, градска четврт И10 Општина Аеродром Скопје, блок 3, за градежните парцели 3.23, 3.24 и 3.25, 13 се поништени сите можности за развој и реализација на содржините кои претходно се предвидени како намени за предметното земјиште согласно Генералниот урбанистички план за Град Скопје. Со претходниот ДУП, за тој блок (горните градежни парцели) се предвидуваше намена Б1 мали комерцијални и деловни единици. Со донесениот ДУП повторно се предвидува истата намена Б1, која е спротивна на намената на земјиштето предвидена во ГУП-от на Град Скопје каде за тој блок е предвидена намена А – домување. Од горното се заклучува дека решенијата во донесениот ДУП се спротивни на важечкиот ГУП на Град Скопје. Со решението во предложениот ДУП, за другите соседни парцели во истиот блок е предвидена намена А ~ домување (3.22, 3.21, 3.20), додека пак за градежните парцели на подносителите тоа не е предвидено, со што им се намалени и поништени можностите за развој.

Во техничка и планерска смисла Општина Аеродром како доносител на овој ДУП, не смеела да постапува спротивно на ГУП-от и не смеела да ги поништи можностите за развој на предметното земјиште.

Општина Аеродром не смеела да предвидува намени на земјиштето кое е во приватна сопственост на предлагачите без нивна согласност и знаење, и морала да ги почитува одредбите и да предложи коректно решение во овој ДУП согласно намените на земјиштето предвидени со ГУП на Град Скопје. Со донесениот ДУП, Општината Аеродром ги ставила сопствениците на земјиштето под градежните парцели 3.23, 3.24 и 3.25 во неповолна и нерамноправна положба спрема соседите, на кои се донесениот ДУП име се дозволува катност и поголем коефициент на градба како и поинаква намена на земјиштето – секако овој пат согласно ДУП-от, уште во фаза на јавна анкета реагирале и испратиле претставки/барања до Народниот правобранител, Државниот правобранител и Општина Аеродром за измена на предлозите во ДУП-от уште во фаза на јавна анкета, поради спротивност на истите со ГУП-от на Град Скопје“.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека поднеле претставка доставена до Народниот правобранител и побарале заштита на нивните права во смисла: „да се сменат намените и предложеното решение на градежните парцели на предпагачите, да се предвиди намена “А” согласно изводот од ГУП и на предвидените градежни парцели и да се даде можност за максимално искористеност на земјиште, % на изграденост (до 70%) и коефициент на искористеност и висина на градба и катност (како кај околните постојни објекти), а сето погоре согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и постојните важечки правилници. Бараме од Уставниот Суд на Република Македонија да ја испита уставноста и законитоста на оваа одлука како и да постапи согласно член 27 од Деловникот и да донесе решение за запирање на поединечните акти или дејствија кои се преземени врз основа на оваа спорна одлука“.

Во продолжение на иницијативата се цитираат член 51 од Уставот, член 62 став 1 од Законот за локална самоуправа, член 10 став 1, член 11 ставови 1 и 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и се наведува дек со донесување на Одлу¬ката била сторена повреда на член 11 став 6 од Законот бидејќи биле предложени решенија со поинаква намена од намената „А“ домување, т.е. со намена „Б1“, а истата била спротивна на членот 51 од Уставот на РМ, бидејќи како пропис (одлука) не била донесена во согласност со закон.“

3. Судот на седница утврди дека врз основа на членот 36 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на РМ“ бр.5/2002), а во врска со член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 199/2014, 44/2015 и 193/2015), а согласно член 16 и 24 од Статутот на Општина Аеродром-пречистен текст („Службен гласник на Општина Аеродром”, број 20/2012) Советот на Општина Аеродром на 66-та седница одржана на ден 05.04.2017 година, донесе Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт И 10, Општина Аеродром, Плански период 2016-2021

Според членот 1 од Одлуката, со истата се донесува Детален урбанистички план за градска четврт И10, Општина Аеродром. Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт И 10, Општина Аеродром, Скопје ги почитува определбите на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 199/14, 44/15 и 193/15), Правилникот за поблиска содржина, форма и начин на обработка на генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план вон населено место и регулациски план, формата, содржината и начинот на обработка на урбанистичко-планс¬ките документации и архитектонско-урбанистичкиот проект и содржина, формата и начинот на обработка на проектот за инфраструктура („Службен весник на РМ“ бр. 142/2015) и Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 142/2015, 217/2015, 222/2015 и 228/2015).

Согласно членот 2 од Одлуката, просторот за кој се донесува Деталниот урбанистички план за градска четврт И10, Општина Аеродром е со вкупна површина до регулациони линии на граница на блок од 40.80 ха и површина на плански опфат по осовина на примарните и секундарните сообраќајници од 53.58 ха и е во рамките на следните граници: Од Север; по осовина на речно корито на реката Вардар и по осовина на бул.„АСНОМ“ од Исток: по осовина на бул.“Васко Карангелески“, од Југ: по осовина на бул. „Кузман Јосифовски Питу“ и бул.„ Јане Сандански“ ,од Запад: по осовина на ул. Борис Кидрич…

Во членот 3 од Одлуката е утврдено дека Деталниот урбани-стички план во предлогот, содржел: текстуален дел на документациона основа, планска документација, нумерички дел и услови за изградба. Графичките прилози, текстуалниот дел и параметрите за спроведување на планот се составен дел на планот, направен според Правилникот за поблиска содржина, форма и начин на обработка на генерален урбани-стички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план вон населено место и регулациски план, формата, содржината и начинот на обрбаотка на урбанистичко-планс¬ките докумен-тации и архитектонско-урбанистичкиот проект и содржина, формата и начинонот на обработка на проектот за инфраструктура („Службен весник на РМ“ бр. 142/2015).

Според членот 4 од Одлуката, Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на Општина Аеродром и потпис на претседавачот на Советот на Општина Аеродром.

Согласно членот 5 од Одлуката , донесениот урбанистички план задолжително се прикачува во електронска форма во информа-цискиот систем е-урбанизам.

Според членот 6 од Одлуката, овој урбанистички план е составен дел на електронски регистар на донесени урбанистички планови во рамки на информацискиот систем е-урбанизам.

Во членот 7 од Одлуката, примерок од донесениот урбанистички план овој орган во електронска форма ќе го објави на својата веб страна.

Со членот 8 од Одлуката се уредува дека за донесениот урбанистички план ќе се извести Агенцијата за катастар на недвижности во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам а заради извршување на дигитално преклопување.

Во членот 9 од Одлуката е утврдено дека истата стапува на сила со денот на објавување во Службенн гласник на Општина Аеродром.

4. Судот на седница ја утврди следната фактичка состојба: Одлуката за донесување на ДУП за градска четврт И 10, Општина Аеродром, плански период 2016-2021,број 09-161/22 од 06.04.2017 година („Службен весник на РМ“ број 7/2017), е донесена на шеесет и шестата седница на Советот на Општина Аеродром одржана на ден 05.04.2017 година, врз основа на претходно водена постапка за изработка и донесување на детален урбанистички план целосно усогласена со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 199/2014, 44/2015 и 193/2015), преку е – урбанизам.мк.

Во иницијативата е наведено дека со оспорената одлука бил повреден член 11 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 199/2014, 44/2015 и 193/2015), според кој деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план односно со регулацискиот план на Генерален урбанистички план доколку истиот е донесен. Оспорениот детален урбанистички план е донесен по претходно обезбедено позитивно мислење од страна на Градот Скопје, како доносител на генералниот урбанистички план, со што се потврдува усогласеноста на ДУП за градска четврт И 10, со ГУП на Град Скопје плански период 2012-2022 („Службен гласник на Град Скопје “број 18/12) и целосно се испочитувани одредбите за примарната сообраќајна мрежа на ГУП-от, како и по издадена согласност од Министерството за транспорт и врски на Република Македонија, со која се потврдува дека планот е изработен во согласност со одредбите на закон и прописите донесени врз основа на закон.

Постапката за донесување на ДУП е отпочната согласно одобрената Програма Ф1 од 2016 година од Советот на Општина Аеродром, 09-488/10 од 16.12.2015 година и истата е водена од страна на Комисија за урбанизам на Општина Аеродром формирана од страна на градоначалникот на општината, со Решение број 24-3007/1 од 25.06.2015 година; Предлогот на ДУП за четврт И 10, е изработен од страна на овластен изработувач со соодветна лиценца „Билд урбан“ ДООЕЛ Скопје, врз основа на одобрена планска програма од Комисијата за урбанизам на Општина Аеродром.

Во согласност со членот 35 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 1992014, 44/2015 и 193/2015), организирала јавна презентација и јавна анкета за која соодветно ја известила јавноста, истата е одржана во постапка, согласно законските рокови и изготвен е Извештај со образложение за прифа¬тените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината. За прифатени и неприфатени забелешки или предлози, Комисијата во законскиот рок доставила известувања до секој субјект и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за истото.

Согласно членот 36 од Законот, општината ги обезбедила сите потребни мислења и согласности преку информацискиот систем е-урбанизам во електронска форма, од органот надлежен за заштита на културното наследство, органот надлежен за заштита на животната средина, Агенцијата за катастар за недвижности и Градот Скопје;извршена е стручна ревизија од страна на правното лице „НИМАЕР“ -де Скопје, кое поседува лиценца за ревизија на урбанистички планови, која со позитивен Извештај за извршена стручна ревизија, потврдила дека конкретниот ДУП е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според членот 38 од Законот, Општината Аеродром ја обезбедила согласноста од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека ДУП-от е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Од сето горенаведено Судот констатира дека оспорената одлука е во целост усогласена со: Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 199/2014, 44/2015 и 193/2015), Законот за локална самоуправа („Службен весник на РМ“ број 05/02), ГУП на Град Скопје плански период 2012-2022, па оттука сметаме дека се неосновани наводите на подносителите на иницијати¬вата за неусогласеност на Одлуката со членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според Судот, од анализата на доставената документација може да се заклучи дека Министерството за транспорт и врски по разгледувањето на потребната документација, со барањето за Согласност на Детален урбанис¬тички план за градска четврт И10, општина Аеродром, со површина на опфатот (53,58 ха), изработен од „Билд Урбан“, ДООЕЛ Скопје, со тех.бр.0801/200/16 од април 2017 година и врз основа на членот 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (Службен весник на Република Македонија бр.199/2014, 44/2015,193/2015, 31/2016 и 163/2016), ја издал потребната согласност.

Со цел да ја прибави потребната согласност Општината Аеродром до Министерство за транспорт и врски поднесе барање 18-1623/4 од 04.04.2017 година, за издавање на Согласност на Детален урбанистички план за градска четврт И10, Општина Аеродром, со површина на опфатот (53,58 ха), за што бил доставена следнота документација: Програма (Ф) за урбанистичко планирање и уредување на просторот на Општина Аеродром за 2016 година, со број 09-488/10 од 16.12.2015 година; Решение за формирање Комисија за урбанизам на Општина Аеродром со број 24-3007/1 од 25.06.2015 година; Планска програма за изработка на Детален урбанистички план за градска четврт И10, одобрена со Потврда за заверка издадена од Комисија за урбанизам, број 18-4160/3 од 30.09.2016 година; Одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина, со број 18-5171/1 од 19.12.2016 година; Известување за прифаќање на одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина, од Министерство за животна средина и просторно планирање со број УП1- 15-940/2016 од 03:01.2017 година;

До Советот на Општина Аеродром доставени биле податоци и информации од субјектите: Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи дооел -Скопје, со број 03- 2656 од 31.08.2016 година; Јавно претпријатие Македонски железници – инфраструктура, со број 4994/1 од 05.12.2016 година; Министерство за култура, Управа за заштита на културното наследство, со број 17-1115/5 од 09.09.2016 година; ЕВН Македонија, КЕЦ Аеродром, со број 24-3/259 од 02.09.2016 година; Агенција за електронски комуникации, со број 1404-2848/2 од 13.09.2016 година; Македонски Телеком АД Скопје со број 346713/1 од 15.09.2016 година; Јавно комунално претпријатие “Водовод и канализација” Скопје, со број 1302-3227/2 од 07.10.2016 година; ГА-МА АД Скопје.

Понатаму, биле доставени Предлог – Детален урбанистички план за градска четврт И10, Општина Аеродром, со површина на опфатот (53,58 ха), изработен од Билд Урбан, ДООЕЛ Скопје, со тех.бр.0801/200/16 од февруари 2017 година; Мислење по Предлог детален урбанистички план за градска четврт И10 од Комисија за урбанизам на Општина Аеродром со број 18-4640/1 од 10.11.2016 година; Мислење по Предлог детален урбанистички план за градска четврт И10, од Комисија за урбанизам на Општина Аеродром со број 18-4640/1 од 14.11.2016 година; Одлука за организи¬рање јавна презентација и јавна анкета, со број 18- 4680/2 од 15.11.2016 година; Соопштение за организирање јавна анкета и јавна презентација со број 18-4680/1 од 15.11.2016 година; Објава во јавни гласила од 15.11.2016 година; Известување за одржување јавна анкета и јавна презентација до субјекти од член 32, со број 18-4681/1 од 15.11.2016 година; Решение за формирање Комисија за извештај, со број 18-4680/3 од 15.11.2016 година; Записник од спроведена јавна анкета и јавна презентација со број 18-4681/2 од 21.11.2016 година; Извештај за прифатени и неприфатени забелешки од спроведена јавна анкета и јавна презентација, број 18-5280/1 од 22.12.2016 година; Извештај за постапу-вање по одржани стручни консултации, бој 18-5280/2 од 28.12.2016 година; Заклучок за продолжување на постапката, со број 18-5280/3 од 28.12.2016 година; Барање за мислење број 18-5404/1 од 28.12.2016 година; – Мислење од Министерство за одбрана, број 19/1-11/16 од 24.01.2017 година; Мислење од Управа за заштита на културното наследство, со број 17- 45/2 од 05.01.2017 година; Известување од општина Центар со број 27-486/2 од 31.01.2017 година; Мислење од Управа за заштита на културното наследство, со број 17- 45/4 од 17.02.2017 година; Мислење од Град Скопје, со број 13-1319/2 од 02.03.2017 година; Мислење за утврдена состојба од Агенција за катастар на недвижности со број 0928-126/9 од 10.03.2017 година; Барање за изработка на Стручна ревизија со број 18-1184/1 од 10.03.2017 година; Извештај за извршена стручна ревизија од дооел “НИМАЕР” – де Скопје со број 03-76/17 од март 2017 година; Предлог- Детален урбанистички план за градска четврт И10, Општина Аеродром, со површина на опфатот (53,58 ха), изработен од Билд Урбан ДООЕЛ Скопје, со тех.бр.0801/200/16 од април 2017 година; Заклучок за неспроведување на јавна анкета и јавна презентација од Стручна комисија на Општина Аеродром со број 18-1623/1 од 04.04.2017 година; Повторно барање мислење по членот 36 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, заведено со број 18-1623/1 од 04.04.2017 година; Барање за изработка на Стручна ревизија со број 18-1623/3 од 04.04.2017 година; Извештај за извршена стручна ревизија од ДООЕЛ “НИМАЕР”-де Скопје со број 03-76/17 од април 2017 година; Мислење за утврдена состојба од Агенција за катастар на недвижности со број 0928-126/11 од 05.04.2017 година; Мислење од Министерство за здравство со број 17-1847/2 од 03.04.2017 година; Мислење од Министерство за образование со број 10-4456/2 од 03.04.2017 година; Барање за повлеку¬вање на изработката на урбанистичкиот план за четврт И10 од Општина Аеродром со број 18-1633/1 од 04.04.2017 година и Повлекување на барањето за согласност на урбанистичкиот план за четврт И10 Општина Аеродром, од Град Скопје со број 13-2309/3 од 05.04.2017 година.

Министерството за транспорт и врски по разгледување на доставеното барање и приложената документација, согласно наведениот закон ја издал бараната согласност.

5. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање (член 1).

Во членот 3 од Законот е предвидено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија, урбанистичките планови, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко планската документација и урбанистичко – проектната документација се работи од јавен интерес.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови:

1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план;
– детален урбанистички план;
– урбанистички план за село и
– урбанистички план за вон населено место.

Според член 11 став 1 од Законот за просторно и урбанис¬тичко планирање, детален урбанистички план е урбанистички план кој се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план, а според став 6 деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план, односно, со регулацискиот план на генерален урбанистички план доколку истиот е донесен.

Во главата VI од Законот (членови 24-43) е пропишана постапката за изработување и донесување на урбанистички планови и урбанистичко-плански документации.

Според член 38 став 1 од Законот, на плановите од член 7 став (1) точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог-план и за кои е изготвен позитивен извештај за стручна ревизија согласно член 37 на овој закон, согласност дава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според член 41 став 4 од Законот, советите на општините во Градот Скопје донесуваат: – детален урбанистички план, – урбанистички план за село и – урбанистички план вон населено место.

Согласно член 43 став 1 алинеја 3 од Законот, планирањето на просторот се врши за период од најмалку пет години за детален урбанистички план., а според ставот 3 на истиот член, урбанистичкиот план важи до донесување на нов урбанистички план.

Во членот 20 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), е предвидено дека општи-ните, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијар¬ност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Според членот 21 од наведениот закон се пропишува дека: (1) Општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење,(2)Со законот со кој се утврдуваат други надлежности на општината се определуваат и изворите на финансирање за вршење на тие надлежности.(3) Надлежностите од ставот (1) на овој член по правило се целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон.

Во членот 22 од Законот таксативно е утврдена листа на надлежности на општините, при што, покрај другото, општините се надлежни за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.

Согласно членот 15 од Законот за Градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” број 55/2004 и 158/2011), утврдени се надлежности на општините во Градот Скопје, при што, надлежности, односно, работи од јавен интерес од локално значење на општините во Градот Скопје се: 1. Планирање и уредување на просторот – покрену¬вање иницијативи за донесување, измена и дополнување на просторниот план на Градот Скопје и генералниот урбанистички план на градот Скопје; – давање мислења по нацртите на просторниот план на Градот Скопје и генералниот урбанистички план на Градот Скопје; – донесување детални урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места во општината; – спроведување урбанис¬тички планови и проекти и издавање документација за изградба на објекти од локално значење (услови за – спроведување урбанистички планови и проекти и издавање документација за изградба на објекти од локално значење (услови за градба, урбанистичка согласност, одобре¬нија за градење).

Постапката за донесувањето на предметниот план донесен со оспорената одлука е водена со примена на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (Службен весник на Република Македонија бр.199/2014, 44/2015,193/2015, 31/2016 и 163/2016), кој важел во време на водењето на постапката.

Согласно членот 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, кое во својата суштина ја содржи правната сигурност на граѓаните во правниот поредок, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Од наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Во конкретниот случај, од презентираната фактичка сос¬тојба, утврдена врз основа на доставената писмена документација од страна на Советот на Општина Аеродром, според Судот произлегува дека доносите-лот на оспорениот акт ги спровел фазите во постапката за донесувањето на предметниот детален урбанистички план, согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, видно од документацијата подносителите на иницијативата поднеле забелешки преку анкетни листови и со тоа земале активно учество во постапката за донесување на оспорениот Детален урбанистички план. Видно од Извештајот за прифатени и неприфатени забелешки од спроведена јавна анкета и јавна презентација, број 18-5280/1 од 22.12.2016 година, нивните забелешки за пренамена на веќе постоечките објекти со класа на намена Б1-мали комерцијални единици во А2-домување во станбени згради или обратно, биле разгледувани и согласно со дадениот извештај биле прифатени делумно или целосно, односно не биле прифатени.

Од изнесената анализа, како и правната и фактичка состојба според Судот произлегува дека уставноста и законитоста на Одлуката со која е донесен предметниот план не може да се оспори од наводите изнесени во иницијативата, со оглед на тоа што во постапката се спроведени фазите на донесување на планот согласно одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање и во согласност со тоа и надлежното Министерство за транспорт и врски дало согласност на предлог-планот.

Имајќи го во предвид член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија според кој Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на деталните урбанистички планови со генералниот урбанистички план, како акти од ист ранг, со оглед на тоа дека се подзаконски акти.

Во однос на барањето од иницијативата за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука, Судот утврди дека не се исполнети условите за донесување на решение за запирање предвидени во членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), со оглед на тоа дека Одлуката е донесена во постапка пропишана со Законот за просторното и урбанистичко планирање.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.67/2017
31.10.2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски