У.бр.64/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 15 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

-Уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2147/5 од 19 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 70/2020) и

-Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2922/1 од 8 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 95/2020).

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актите, означени во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, оспорената уредба со законска сила и нејзиното дополнување, не била согласна со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во продолжение на иницијативата, подносителот ги цитира содржините на погоре наведените одредби од Уставот.

Според подносителот на иницијативата при одлучувањето за уставноста на оспорените уредби со законска сила, требало да се има во предвид дека изборите за пратеници се одржувале во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието (член 63 став 3 од Уставот), а уставната одредба, Владата не можела да ја менува со уредба со законска сила.

Потоа да се имало во предвид дека мандатот на пратениците се продоложувал во случај на вонредна состојба (член 63 став 4 од Уставот), дека со распуштањето на Собранието не престанувал мандатот на пратениците, освен во случаите наведени во член 65 став 3 од Уставот, дека Собранието според член 66 став 1 од Уставот, било во постојано заседание, дури и кога било распуштено, односно дека ако имало потреба, требало да се свика и да заседава.

Според подносителот на иницијативата Собранието требало да заседава, заради парламентарна контрола врз одлуките на Владата. Уставниот суд по службена должност можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата, меѓутоа Уставниот суд не можел да биде супститут на Собранието со надлежност од член 68 став 1 алинеја 17 од Уставот според кој Собранието врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието.

На потврдување од Собранието, според член 125 став 4 од Уставот, била само Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, а уредбите на Владата со законска сила донесени за време на вонредна состојба не подлежеле на потврдување од Собранието бидејќи биле со важност додека траела вонредната состојба и тие не важеле по завршувањето на вонредната состојба.

Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила не значело дека Владата го супституира Собранието во вршењето на законодавната власт и преку уредби со законска сила да изменува и дополнува закони како што се правело со уредбите со законска сила, тоа било во надлежност на Собранието, како и тоа дека според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Покрај тоа, уредбите со законска сила биле донесени без постоење на закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието согласно член 126 став 2 од Уставот, според кој овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Голем дел од мерките за време на вонредна состојба, Владата можела да ги донесе со примена на Законот за управување со кризи и Законот за заштита од заразни болести, а без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието во согласност со член 126 став 2 од Уставот, Владата немала овластување да донесува уредби со законска сила со важност за времетраење на вонредната состојба.

Од наведените причини со иницијативата се бара поништување на оспорените уредби со законска сила како несогласни со одредбите на Уставот наведени во иницијативата, а до донесувањето на конечната одлука со иницијативата се предлага донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорените уредби со законска сила, поради штетни последици од владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените уредби со законска сила ја имаат следната содржина:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 ), Владата на Република Северна Македонија, на седница, одржана на 19 март 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/16, 142/16 и 233/18), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. За полагање на нотарскиот испит за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Полагањето на нотарскиот испит, се одложува за време на траењето на вонредната состојба.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2367/1                                                                                                                                                                                        Претседател на Владата
19 март 2020 година                                                                                                                                                                   на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                    Оливер Спасовски, с.р.

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 8 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.70/20), во член 1, во ставот 2 по зборот „испит“ се додаваат зборовите „и продолжување на мандатот на претседателот на Нотарската комора и на членовите на органите на Нотарската Комора,“.

Член 2

Во член 2, по ставот 1 се додават два нови става 2 и 3, кои гласат: „Мандатот на претседателот на Нотарската комора и на членовите на органите на Нотарската комора избрани во 2017 година, се продолжува за време на траењето на вонредната состојба.

Собранието на Нотарската комора е должно во рок од 30 дена од денот на престанување на траењето на вонредната состојба да започне, односно да ја продолжи постапката за избор на претседател на Нотарската комора и на членовите на органите на Нотарската комора.“

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“

Бр. 44-2922/1                                                                                                                                                                                     Претседател на Владата
8 април 2020 година                                                                                                                                                               на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                  Оливер Спасовски, с.р.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Со членот 44 од Уставот е уредено дека секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 126 став 1 од Уставот, е утврдено дека при постоење на воена или вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 на членот од Уставот, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Со Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016, 142/2016 и 233/2018) се уредуваат организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составувањето на нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања коишто се однесуваат на нотаријатот.

Според член 3 став 1 од Законот, нотарот е лице што врши јавни овластувања утврдени со закон, именувано од Министерството за правда, кое нотарската служба ја врши како единствено професионално занимање.

За нотар може да биде именувано лице кое ги исполнува пропишаните услови од член 10 став 1 од Законот, меѓу кои и да има положено нотарски испит.

Со член 121 став 5 од Законот, е уредено дека членовите на Управниот одбор, претседателот на Комората и на другите органи се избираат за време од три години.

Според член 161 став 10 од Законот, нотарскиот испит се полага пред Комисија формирана од министерот составена од три членови, нивни заменици и секретар, а со ставот 14 на членот од Законот е уредено дека начинот на организирањето и полагањето на нотарскиот испит поблиску ги пропишува министерот со Правилник.

Според член 2 став 1 од Правилникот за начинот на организирањето и полагањето на нотарскиот испит („Службен весник на Република Македонија” број 32/2019 и 47/2019), испитот се полага во: априлска, јунска, септемвриска и декемвриска испитна сесија, а според ставот 3, пријавувањето за испитот е од први до петнаесетти во месецот кој претходи на месецот од испитната сесија.

Претседателот на Републиката со две последователни одлуки од 18.03.2020 и 16.04.2020 година, утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката, за период од 30 дена, а потоа со втората одлука уште за 30 дена, заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19.

Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на прогласената вонредна состојба и овластувањето од член 126 став 1 од Уставот, донела Уредба со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредна состојба, број 44-2147/5 од 19 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 70/2020) и Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредна состојба, број 44-2922/1 од 8 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 95/2020).

Со иницијативата се оспорува предметната уредба со законска сила и нејзиното дополнување како спротивна на повеќе уставни одредби, со изложување на наводи и заклучоци во однос на тоа што тие уредувале и како требало да се толкуваат и применуваат, меѓутоа во истата не се изнесени конкретни и образложени наводи за причините поради кои се смета дека неуставно било во услови на прогласена вонредна состојба заради епидемија, да се одлага примена на закон, а коешто е предмет на уредување со оспорената уредба со законска сила и нејзиното дополнување.

Со оспорената уредба со законска сила и нејзиното дополнување, Владата уредила дека за време на траењето на вонредната состојба Законот за нотаријатот ќе се применува, но, дека за време на траењето на вонредната состојба нема да се спроведува полагање на нотарски испит и дека мандатот на претседателот на Нотарската комора и на членовите на органите на Нотарската комора избрани во 2017 година, се продолжува за време на траењето на вонредната состојба, а воедно Владата го задолжува Собранието на Нотарската комора во рок од 30 дена од денот на престанување на траењето на вонредната состојба да започне, односно да ја продолжи постапката за избор на претседател на Нотарската комора и на членовите на органите на Нотарската комора.

Со временото одлагање на постапката за полагањето на нотарскиот испит и постапките за избор за вршители на функциите претседател на Нотарската комора и на членовите на органите на Нотарската комора избрани во 2017 година, според Судот, не се доведува во прашање остварувањето на уставните права на граѓаните на образование и на правото да учествуваат во вршењето на јавни функции, а воедно со оспорената уредба со законска сила и нејзиното дополнување, не се повредува Законот за нотаријатот, бидејќи не е во насока на воспоставување на нови норми, различни од веќе уредените со Законот во однос на условите и критериумите за полагање на нотарскиот испит и за избор и именување на вршители на функции во Нотарската комора, туку само за времено одлагање на периодот за фактичка реализација на постојните норми со Законот за нотаријатот, а кое одлагање наоѓа свое оправдување во затекнатата состојба со појавата на коронавирусот на територијата на Републиката, и со цел да се минимизираат последиците од ширењето на коронавирусот меѓу населението.

Што се однесува до наводите од подносителот на иницијативата дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила, истите не се основани, бидејќи овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила при постоење на воена или вонредна состојба, директно произлегува од одредбите на Уставот, поточно од членот 126 од Уставот.

Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања кои воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин којшто не дозволува ефикасно преземање мерки кои ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините коишто довеле до вонредната состојба но и последиците од истата, и враќање во редовниот уставно правен поредок.

Уредбите со законска сила се разликуваат од законите според постапката за донесување и според органот којшто ги донесува, но се соодветни со законите по предметот на нивното регулирање и по нивната правна сила. Од тие причини, овие уредби се разликуваат од другите уредби коишто ги донесува Владата согласно член 36 став 2 од Законот за Владата, кои имаат карактер на подзаконски акти кои се носат во функација на извршување на законите.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чиешто задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека од аспект на наводите содржани во иницијативата, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената уредба со законска сила и нејзиното дополнување со уставните одредби на коишто се повикува подносителот со иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.64/2020
15 мај 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати