У.бр.62/2024-1


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.62/2024
Скопје,10.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 70 и член 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10 јули 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.16/2014).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба, означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, по сопствена иницијатива со Решението У.бр.62/2024 од 3 април 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за локалната самоуправа.

II

На седницата Судот утврди дека според член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Охрид член на Советот, меѓу другото, има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање автентично толкување на прописите.

III

Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд е определено дека Судот може и сам да поведе постапка за оценување на уставноста на закон, односно уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт.

Согласно со член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Охрид, врз основа на член 4 став 2 од Статутот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид” број 9/07), на седницата одржана на 04.12.2014 година го донел Деловникот на Советот на Општина Охрид кој е објавен во „Службен гласник на Општина Охрид” бр.16/2014.

Деловникот на Советот на Општина Охрид содржи дел со наслов 3 „Покренување иницијативи и поднесување предлози” во кој е содржан член 15 алинеја 3 каде се уредува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт, односно Собранието, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите. Постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, со оспорената одредба е дадено право на член на Советот на Општината да поднесе барање за автентично толкување на прописите, и покрај тоа што станува збор за Совет на Општина кој претставува орган на локалната власт.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од истиот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Правото на давање автентично толкување на прописи е прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Врз основа на направената анализа произлегува дека предмет на уредување е определено право за член на Советот да бара автентично толкување на донесените акти, иако од Уставот и Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување за совет на општина или негов член да дава или бара автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту наведениот закон упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се уреди постапка за автентично толкување на општите акти.

Од овие причини Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, го покрена прашањето за согласноста на означената одредба од Деловникот на Општина Охрид со Уставот и Законот за локалната самоуправа. Со оглед дека нејзиното уредување во Деловникот на Општината е без уставен и законски основ, Судот оцени дека одредбата не е во согласност со принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска за усогласеност на прописите со Уставот и законите, определена во член 51 од Уставот, како и со одредбите од Законот за локалната самоуправа во кој се уредени овластувањата на единиците на локалната самоуправа.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски