У.бр.59/2024-1


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.59/2024
Скопје, 10.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 и член 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10 јули 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Брвеница, бр.01-179/1 од 02.03.2006 година („Службен гласник на Општина Брвеница“ број 11/2006).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Брвеница, бр.01-179/1 од 02.03.2006 година („Службен гласник на Општина Брвеница“ број 11/2006).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива со Решението У.бр.59/2024 од 9 мај 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот, означен во точката 1 од диспозитивот на Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.

II

На седницата Судот утврди дека според член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Брвеница „Членот на Советот има право на седниците на Советот да поднесува барање за давање на автентично толкување на прописите”.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 51 од Уставот е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Според член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Со член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) се уредени надлежностите на советот, а според став 1 точка 1 на наведениот член, советот е надлежен да донесува статут на општината и други прописи.

Според член 62 став 1 од погоре наведениот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Со член 43 од Законот за локалната самоуправа се уредени правата и должностите на членовите на советот, а во таа смисла според став 2 на наведениот член, членовите имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот, а според став 5 од истиот член, членовите на советот имаат и други права и должности утврдени со статутот и други прописи, во согласност со овој закон.

Според тоа, со статут и други прописи може да се утврдат и други права и должности за членовите на советот, меѓутоа, како што произлегува од член 43 став 5 од Законот, уредувањето на други права и должности, треба да биде во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека Советот на Општина Брвеница во свој пропис – Деловникот на Советот на Општина Брвеница го уредил член 15 алинеја 3, според кој член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање автентично толкување на прописите.

Правото, коешто Советот на Општина Брвеница, го пропишал за членовите на Советот во Деловникот, е поврзано со институтот „автентично толкување на прописите”. Меѓутоа, Законот за локалната самоуправа, со ниту една одредба не предвидува надлежност на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот дава овластување на општините да можат, во своите прописи (деловник или статут) да уредат одредби за автентично толкување на општи акти.

Органите на локалната власт можат да го употребуваат институтот автентично толкување, само ако истото е предвидено во закон, како што тоа е предвидено за законодавецот како орган на државната власт и тоа изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, додека, постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 152/19).

Меѓутоа, за органите на локалната власт, со закон не е предвиден институтот автентично толкување на општите акти коишто ги донесуваат, така што не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот. Оттука, член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Брвеница, со кој се утврдува право на членовите на Советот на Општината да можат на седниците на Советот да поднесат барање за давање автентично толкување на прописите, е пропишан без законски основ, со што Советот на Општина Брвеница излегол надвор од своите надлежности утврдени во Законот за локалната самоуправа.

Имајќи го предвид погоре наведеното, како и имајќи ги предвид одредбите од член 51 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, Судот оцени дека член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Брвеница не е во согласност со Законот за локалната самоуправа, и со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Брвеница, бр.01-179/1 од 02.03.2006 година („Службен гласник на Општина Брвеница“ број 11/2006) не е во согласност со Уставот и законите.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски