У.бр.59/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.59/2024
Скопје, 09.05.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 мај 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Брвеница бр.01-179/1 од 02.03.2006 година („Службен гласник на Општина Брвеница“ број 11/2006).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Брвеница бр.01-179/1 од 02.03.2006 година („Службен гласник на Општина Брвеница “ број 11/2006).

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

На работниот состанок одржан на ден 25 декември 2023 година, Уставниот суд, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Судот, по сопствена иницијатива одлучи да оформи предмет за оценување на согласноста на оспорениот акт со одредбите на Уставот и законите.

II

На седницата Судот утврди дека според член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Брвеница „Членот на Советот има право на седниците на Советот да поднесува барање за давање на автентично толкување на прописите”.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 51 од Уставот, е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Според член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Со член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) се уредени надлежностите на советот, а според став 1 точка 1 на наведениот член, советот е надлежен да донесува статут на општината и други прописи.

Според член 62 став 1 од погоре наведениот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Со член 43 од Законот за локалната самоуправа се уредени правата и должностите на членовите на советот, а во таа смисла според став 2 на наведениот член, членовите имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот, а според став 5 од истиот член, членовите на советот имаат и други права и должности утврдени со статутот и други прописи, во согласност со овој закон.

Според тоа, со статут и други прописи може да се утврдат и други права и должности за членовите на советот, меѓутоа, како што произлегува од член 43 став 5 од Законот, уредувањето на други права и должности, треба да биде во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека Советот на Општина Брвеница во свој пропис – Деловникот на Советот на Општина Брвеница го уредил член 15 алинеја 3, според кој член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање автентично толкување на прописите.

Правото, коешто Советот на Општина Брвеница, го пропишал за членовите на Советот во Деловникот, е поврзано со институтот „автентично толкување на прописите”. Меѓутоа, Законот за локалната самоуправа, со ниту една одредба не предвидува надлежност на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот дава овластување на општините да можат, во своите прописи (деловник или статут) да уредат одредби за автентично толкување на општи акти.

Органите на локалната власт можат да го употребуваат институтот автентично толкување, само ако истото е предвидено во закон, како што тоа е предвидено за законодавецот како орган на државната власт и тоа изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, додека, постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 152/19).

Меѓутоа, за органите на локалната власт, со закон не е предвиден институтот автентично толкување на општите акти коишто ги донесуваат, така што не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот. Оттука, член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Брвеница, со кое се утврдува право на членовите на Советот на Општината да можат на седниците на Советот да поднесат барање за давање автентично толкување на прописите, е пропишан без законски основ, со што Советот на Општина Брвеница излегол надвор од своите надлежности утврдени во Законот за локалната самоуправа.

Имајќи го предвид погоре наведеното, како и имајќи ги предвид одредбите од член 51 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, Судот со основ изрази сомнеж за согласноста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Брвеница со Законот за локалната самоуправа, вклучително и за неговата согласност со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

Поради можноста од настанување штетни последици, а согласно со член 27 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Деловникот на Советот на Општина Брвеница, до донесувањето на конечната одлука.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

V

Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска