У.бр.58/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 15 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 1 дел 4 точка 408 од Правилникот за листата на професионалните болести („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.118/2020).

2. Македонското здружение за заштита при работа од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената точка на членот 3 од Правилникот била дискриминирачка од причина што истата се однесувала само на работниците од здравствениот сектор, а не и на останатите професии кои не биле од здравствениот сектор и на овој начин им било оневозможено да си ги остварат своите уставно загарантирани права.

Имено, останатите професии, меѓу кои дел од нив биле на првиот фронт низ целата оваа здравствена криза (како полицајци, војска, службеници на шалтери, работници во малопродажба) биле изоставени од оваа одредба со што била извршена дискриминација кон нив.

Подносителот на иницијативата наведува дека предвиденото решение во оспорениот член од Правилникот бил во спротивност со членовите 2 и 13 од Законот за здравственото осигурување каде се предвидува право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда кој можат да го остварат осигурениците во случај на болест и повреда надвор од работа, повреда на работа и професионална болест, изолираност поради спречување на зараза. Надоместокот на плата во случаите од овој член од Законот припаѓал од првиот ден на спреченост за работа и трае цело време додека трае спреченоста за работа и се исплатува за деновите за кои се остварува плата според прописите за работни односи. Во тој контекст бил и член 17 став 2 од Законот за здравствено осигурување според кој висината на надоместокот на плата за време на привремена спреченост за работа предизвикана со повреда на работа, професионална болест изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата. Оттука, според иницијативата не е јасно зошто болеста од вирусот COVID-19 која била внесена во Правилникот се однесувала само на одредена категорија на работници кога било неспорно дека од ова заболување под ризик на работното место биле голем број на работници.

Ова директно се косело и со членот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, што значи дека со конкретната точка од Правилникот се вршела дискриминација по основ на здравствена заштита и по однос на работно место, односно професија. Законот за работните односи во член 112 став 3 предвидувал материјално обезбедување на работникот за време на негова привремена спреченост, а Законот за безбедност и здравје при работа во членот 5 ја предвидувал обврската на работодавачот да обезбеди безбедност и здравје при работа на неговите вработени од секој аспект поврзан со работата.

Поради наведените причини се предлага Судот да ја поништи оспорената точка 408 на членот 3 став 1 дел 4 од Правилникот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената точка 408 од членот 3 со наслов „Услови и критериуми за признавање на професионалните болести” е со следава содржина:

„Услови и критериуми за признавање на професионалните болести, во смисла на овој правилник, се следните:

408. Инфективни заболувања предизвикани од коронавирус COVID-19 при превенција, здравствена заштита, домашна посета и други слични активности за кои е докажан ризикот од инфекцијата.

УСЛОВИ

Работникот (лекарите и другиот медицински персонал, ветеринарскиот персонал и другиот помошен персонал вработен во болници, лекувалишта, амбуланти и во други здравствени организации во врска со негата на луѓето или во врска со работа на секцирање на трупови или со заразни материјали, работи што ги врши персоналот на научно-медицински лаборатории при работа со заразни материјали и персоналот при работа за сузбивање и научно-истражување на заразни болести) да работел на работи и работни задачи каде е можен контакт и изложеност со причинителот на болеста-позитивна работна анамнеза.

КРИТЕРИУМИ

Со или без клиничка слика на инфективното заболување (акутен, субакутен или хроничен стадиум), или состојба после прележана болест, дијагноза потврдена од специјалист за инфективни болести, дополнително потврдена со позитивен микробиолошки ПЦР тест за детекција на коронавирусот COVID-19 од лабораторија која има дозвола, од соодветен надлежен орган, за изведување на ова тестирање.”

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните.

Согласно членот 9 од Уставот, во Република Северна Македонија, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба (став 1). Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според членот 32 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2). Секој вработен има право на соодветна заработувачка (став 3). Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор (став 4). Од овие права вработените не можат да се откажат (став 5). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Со членот 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Законот за здравствено осигурување во членот 2 го гаран­тира правото на здравствена заштита како и правото на здравс­тве­но осигурување за сите граѓани на Република Северна Македонија. Профе­сионалните болести децидно се утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување како болести причинети со подолго непо­средно влијание на процесот и условите на трудот врз работната способност на осигуреникот.

Со оспорениот правилник таксативно се наведени професио­налните болести со пропишана анамнеза, услови и критериуми за секоја од болестите. Воведувањето на коронавирусот COVID-19 како профе­сионална болест, според Судот, е само последица, односно нужна потреба настаната како консеквенција на прогласувањето на светската пандемија од COVID-19.

Во оспорениот член 3 став 1 дел 4 во точката 408 се предвидува дека инфективни заболувања предизвикани од коронавирус COVID-19 при превенција, здравствена заштита, домашна посета и други слични активности за кои е докажан ризикот од инфекцијата.

„УСЛОВИ

Работникот (лекарите и другиот медицински персонал, ветеринарскиот персонал и другиот помошен персонал вработен во болници, лекувалишта, амбуланти и во други здравствени организации во врска со негата на луѓето или во врска со работа на секцирање на трупови или со заразни материјали, работи што ги врши персоналот на научно-медицински лаборатории при работа со заразни материјали и персоналот при работа за сузбивање и научно-истражување на заразни болести) да работел на работи и работни задачи каде е можен контакт и изложеност со причинителот на болеста-позитивна работна анамнеза.

КРИТЕРИУМИ

Со или без клиничка слика на инфективното заболување (акутен, субакутен или хроничен стадиум), или состојба после прележана болест, дијагноза потврдена од специјалист за инфективни болести, дополнително потврдена со позитивен микробиолошки ПЦР тест за детекција на коронавирусот COVID-19 од лабораторија која има дозвола, од соодветен надлежен орган, за изведување на ова тестирање.”

Според дефиницијата за професионални болести децидно наведена во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, професионални болести се болести причинети со подолго непосредно влијание на процесот и условите на трудот врз работната способност на осигуреникот. Оттука, Судот оцени дека лекарите и другиот медицински персонал, ветеринарскиот персонал и другиот помошен персонал вработен во болници, лекувалишта, амбуланти и во други здравствени организации во врска со негата на луѓето или во врска со работа на секцирање на трупови или со заразни материјали, работи што ги врши персоналот на научно-медицински лаборатории при работа со заразни материјали и персоналот при работа за сузбивање и научно-истражување на заразни болести се категории на лица кои со вршење на својата секојдневна работна задача директно, непосредно се изложени на влијание на коронавирусот COVID-19.

За утврдување на постоење на овој вид на професионална болест неопходно е да се докаже контактот, временската и просторна поврзаност, како и причинско-последичната врска. Оттука, Судот утврди дека работните места на другите професии не соодветствуваат со конкретни работни места каде постои директна можност и изложеност на коронавирусот. Ова, дотолку повеќе што, ЈЗУ „Институт за медицина на труд” ја утврдува причинско-последичната врска, односно дали забо­лувањето на болеста е настанато од работниот однос.

Законот за здравствено осигурување го обезбедува со Устав загарантираното право на здравствена заштита, каде со членот 2 е уредено дека задолжителното здравствено осигурување се установува за сите граѓани на Република Северна Македонија заради обезбедување на здравствени услуги врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со закон. Врз основа на овие начела во членот 9 од овој закон е утврден основниот пакет на здравствени услуги. Со овој пакет на здравствени услуги се обезбедува за сите осигурени лица здравствена заштита на сите нивоа – примарно ниво, на ниво на специјалистичка консултативна здравствена заштита и на ниво на болничка здравствена заштита.

Оспорениот подзаконски акт, со конкретно оспорената одредба ги уредува само болестите коишто се директно поврзани со карактеристиките на работниот процес и условите на работното место, па оттука не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената одредба се врши дискриминација на граѓаните. Имено, од анализата на целината на наводите во иницијативата всушност произлегува дека интенцијата на истата е проширување на ова право, односно вметнување и на други професии од кои би произлегло утврдување на професионална болест, што, според Судот, е надвор од ингеренциите на Уставниот суд да креира норми. Прашањето на висината на исплатата на надоместок по основ на професионално заболување е утврдено во Законот за здравствено осигурување.

Врз основа на наведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека оспорениот член од Правилникот за професионални болести не може да се доведе под сомнение по однос на членовите 9, 32 и 39 од Уставот, како и неговата согласност со Законот за здравствено осигурување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.58/2021
15.09.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска