У.бр.53/2024-1


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.53/2024
Скопје,03.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 70 и 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 јули 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 15 алинеја 3 од Деловникот за работа на Советот на Општина Чашка, број 08-913/5 од 30.06.2022 година.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот за работа на Советот на Општина Чашка, број 08-913/5 од 30.06.2022 година.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, по сопствена иницијатива со Решението У.бр. 53/2024 од 2 мај 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот од актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за локалната самоуправа.

II

На седницата Судот утврди дека во член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Чашка е предвидено дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување на уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Согласно со член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Во конкретниот случај се оспорува уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Чашка.

Советот на Општина Чашка донел Деловник за работа на Советот на Општина Чашка, заведен под бр.08-913/5 од 30.06.2022 година.

Деловникот за работа на Советот на Општина Чашка содржи дел со наслов 3 „Покренување иницијативи и поднесување предлози” во кој е содржан член 15 алинеја 3 каде се уредува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.
Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, оспорената одредба дава право на член на Советот на Општината да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите, и покрај тоа што станува збор за Совет на Општина кој претставува орган на локалната власт.

Постапувајќи по предметот оформен од Уставниот суд, Судот утврди дека Советот на Општината согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа го донел оспорениот деловник.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

При таква фактичка состојба, недвосмислено произлегува дека Советот на Општина Чашка, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел оспорениот деловник во кој предвидел право на член на Советот на Општината да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

Правото на давање автентично толкување на прописи е прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите. Од уставно-судската анализа произлегува дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување и ваков правен институт не може да биде уреден со деловник или статут.

Поради фактот дека автентичното толкување е уредено во наведените одредби на Деловникот со што Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека истите се во спротивност со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за локалната самоуправа.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски