У.бр.45/2020-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 14 мај 2020 година, донесе

О Д Л У К А

1.СЕ ПОНИШТУВА Уредбата со законска сила за јавнообвинителските службеници, истражителите и другите вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите и за финансирање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите за време на вонредната состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија на 2 и 30 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/20 и 112/2020).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението У.бр.45/2020 од 28 април 2020 година со кое беше запрено извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на уредбата означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Северна Македонија, на иницијатива на Никола Мицевски – координатор на пратеничката група на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со Решение У.бр.45/2020 од 28 април 2020 година поведе постапка за оценување на уставноста на уредбата означена во точката 1 од оваа одлука.

Постапката е поведена затоа што се постави прашање за согласноста на Уредбата со соодветните одредби од Уставот на Република Северна Македонија.

5. По поведувањето на постапката, Владата на Република Северна Македонија како доносител на оспорената уредба достави две мислења со иста содржина (бр.44.6-3391/1 од 05.05.2020 година и бр.44.6-3705/1 од 08.05.2020 година) во врска со наводите во иницијативата и наводите во Решението У.бр.45/2020 со кое е поведена постапката и изречена времена мерка.

Во врска со правната положба на уредбите со законска сила донесени во услови на вонредна состојба, во двете мислења се наведува дека уредбите со законска сила се на исто правно рамниште со законите, со нив може да се менуваат или дополнуваат законите или времено да се суспендираат одредени законски одредби или да се уредуваат прашања кои воопшто не се уредени со закони. Смислата на овие уредби била поинакво регулирање на прашања кои се веќе регулирани во законите заради таквата потреба во вонредната состојба. Уредбите со законска сила се разликувале од другите, обичните уредби по тоа што уредуваат прашања од надлежност на Собранието кое носи закони, а другите, обичните уредби се донесувале заради извршување на законите, при што разликата меѓу уредба со законска сила и закон била само во формата (скратена постапка и друг доносител), додека суштината била иста (содржината и правната сила), а разликата меѓу уредбата со законска сила и обичната уредба била во суштината (уредувале различна материја) и имале иста форма (ист орган ги донесувал).

Правна основа за таквото тврдење, според двете мислења, е член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија според кој „Со уредба со законска сила Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на Собранието.“

Во однос на опсегот и содржината на уредбите со законска сила донесени во услови на вонредна состојба, во двете мислења се наведува дека таквите уредби се носат за ограничување на човековите права или за олеснување на остварувањето на човековите права или се регулираат други правни ситуации кои не се тесно поврзани со човековите права, а за нивното останување во правниот поредок ќе одлучи парламентот штом ќе се состане.

Правна основа за таквото тврдење, според двете мислења, е член 126 од Уставот на Републиката во чии одредби не е дефиниран опсегот и содржината на уредбите со законска сила, туку само овластувањето на Владата да носи такви уредби за време на воена и вонредна состојба и тие одредби не предвидувале дека материјата во уредбите со законска сила мора да се однесува на причината заради која е утврдено постоење на вонредна состојба.

Што се однесува, пак, до Европската конвенција за човекови права, таа се однесувала на човековите права и нивното ограничување, па ограничувањето на тие права мора да биде тесно поврзано со причината за вонредната состојба и не смеело да се излегува надвор од наведената причина, но во конкретниот случај оспорената уредба не ограничувала човекови права, туку овозможувала остварување на човекови права кои биле прекршени пред донесувањето на Уредбата. Притоа, оспорената уредба ниту привилегирала, ниту дискриминирала, туку нејзината смисла била да се овозможи остварување на правата на лицата кои се вработени во ова обвинителство и тоа права кои им биле гарантирани со членовите 32, 34 и 39 од Уставот на Републиката.

Во врска со времетраењето на уредбите со законска сила донесени во услови на вонредна состојба, во двете мислења се наведува дека Венецијанската комисија не го врзува правното дејство на уредбите со законска сила само со траењето на вонредната состојба, туку остава можност за нивно траење и по завршувањето на вонредната состојба и тоа до нивната потврда од парламентите и уредување со редовното законодавство. Правна основа за таквото тврдење е член 126 став 2 од Уставот на Републиката, со која одредба не се определувало траењето на уредбите со законска сила донесени во услови на вонредна состојба, туку се уредувало траењето на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила до завршувањето на вонредната состојба. Освен тоа, и Уставниот суд тој став го изразил постапувајќи по иницијативата за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи прифаќајки дека уредбите со законска сила може да регулираат мерки кои ќе имаат правно дејство и по завршување на вонредната состојба. Таквиот став, пак, е особено значаен, во конкретниот случај, за многу од мерките кои би требало да се преземат за справување со економските последици од епидемијата Ковид – 19 бидејќи било неопходно тие да имаат правно дејство и по завршувањето на вонредната состојба се до свикување на Собранието на Републиката, кое пак потоа ќе можело овие прашања да ги регулира со свои акти. Во конкретниот случај, времетраењето на оспорената уредба било ограничено до 30 јуни 2020 година кога отпочнувала примената на новиот Закон за јавно обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020). Но и покрај тоа, Владата на Републиката на 30.04.2020 година донела дополнување на Уредбата со која прецизирала дека оваа уредба ќе се применува само за време на вонредната состојба.

Во врска, пак, со односот меѓу содржината на Уредбата, од една страна, и причината за вонредната состојба, од друга страна, во двете мислења се наведува дека оспорената уредба била тесно поврзана со причината за воведување на вонредната состојба и помагала во справувањето со негативните последици од пандемијата од неколку причини: (1) буџетски заштеди (спречување на исплата на судски и адвокатски трошоци, камати, и трошоци за присилно извршување), (2) уплата на здравствено осигурување за лицата опфатени со Уредбата и овозможување и нивно лекување во услови на епидемијата, (3) прилив на средства во Фондот за здравствено осигурување и користење на средствата и за лекување на епидемијата и (4) враќање на лицата опфатени со Уредбата во МВР и нивно ангажирање во борбата за справување со епидемијата.

На крајот од двете мислења се наведува: „Сметаме за потребно да укажеме дека Уредбата веќе произведе правно дејство и правни последици од моментот на нејзиното донесување до изрекувањето на времена мерка од Уставниот суд.

Владата на Републиката смета дека одредбите од Уредбата не се во спротивност со Уставот, дека иницијативата е неоснована и се предлага на Уставниот суд во најкраток можен рок да ја укине изречената времена мерка, а поднесената иницијатива во целост да ја отфрли како неоснована.

6.Судот на седницата ја утврди следната фактичка состојба:

а) Со Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба, бр.08-526/2, донесена од претседателот на Република Северна Македонија на 18 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020), „Се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID 19“ (точка I).

Во точката II од Одлуката се наведува дека таа е донесена врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија доставен до Собранието на Републиката, како и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија доставено до претседателот на Републиката.

Според точка III, „Одлуката ќе му биде поднесена на Собранието на Република Северна Македонија на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.“

Точката IV од Одлуката определува дека „За времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.“

Во точката V се предвидува дека „Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

б) Оспорената уредба е донесена врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19).
Во членот 1 од Уредбата се определува дека „За сите прашања кои се однесуваат на правата, обврските и одговорностите од работниот однос на јавнообвинителските службеници и лицата вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите кои вршат технички и помошни работи одлучува jавниот обвинител на Република Северна Македонија.“

Според член 2 од Уредбата, „Истражителите во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе ги распореди на работа во истражен центар во јавно обвинителство или ќе ги врати во институцијата од која се преземени.“

Член 3 од Уредбата гласи: „Од буџетот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во програма 2 потпрограма 21, откако Министерството за финансии по барање на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ќе изврши соодветна прераспределба по ставки и намени на вкупниот износ на одобрените средства на таа потпрограма ќе се исплаќаат средствата за тековни трошоци за работа, за заостанатите неисплатени средства за тековни трошоци за работа на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, за заостанатите неисплатени плати и платите на јавнообвинителските службеници, на истражителите и лицата вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите кои вршат технички и помошни работи.“

Според член 4, „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

в) По поведувањето на постапката на 28 април 2020 година и изрекувањето на времената мерка од страна на Уставниот суд, Владата на Републиката на 30 април 2020 година донесе Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за јавнообвинителските службеници, истражителите и другите вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на коминукациите и за финансирање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.112/2020 од 30 април 2020 година), при што со член 1 од оваа уредба се определува дека во Уредбата со законска сила за јавнообвинителските службеници …(„Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/20), во насловот по зборовите „финансирање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите“ се додаваат зборовите „за време на вонредната состојба“.

Според член 2, „во член 1 по зборовите „помошни работи“ се става запирка и се додаваат зборовите „за време на вонредната состојба“.

Во членот 3 од дополнувањето на Уредбата се определува дека „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

г) Според тоа, од содржината на Уредбата Судот утврди дека со неа се уредува следната материја:
-јавниот обвинител на Републиката одлучува за сите прашања од работниот однос на (1) јавнообвинителските службеници и на (2) лицата вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите кои вршат технички и помошни работи, за време на вонредната состојба (член 1);
-јавниот обвинител на Републиката ќе ги распореди истражителите на работа во: (1) истражен центар во јавно обвинителство или (2) ќе ги врати во институцијата од која се преземени (член 2);
-од буџетот на јавното обвинителство на Републиката ќе се исплаќаат средствата за: (1) тековни трошоци за работа на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, (2) заостанатите неисплатени тековни трошоци за работа на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите и (3) заостанатите (!) неисплатени плати и (!) платите на јавнообвинителските службеници, истражителите и лицата вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите на технички и помошни работи, откако Министерството за финансии ќе изврши соодветна прераспределба по ставки и намени на вкупниот износ на одобрените средства (член 3);
-уставна и законска основа на која се повикува Владата на Републиката при донесувањето на Уредбата со наведената содржина се одредби кои се однесуваат на овластувањето на Владата на Републиката да донесува уредби со законска сила во случај на вонредна состојба.

7.а) Според член 126 став 1 од Уставот, „при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.“

Во ставот 2 од истиот член се определува дека „овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.“
Од изнесените уставни одредби произлегува дека Владата на Републиката има уставно овластување да донесува уредби со законска сила во случај на вонредна состојба, дека тие уредби во таков случај мора да бидат во согласност со Уставот и со закон и дека траењето на уредбите со законска сила завршува по престанокот на вонредната состојба.

Во конкретниот случај, правно релевантни се и членовите 39 став 2 и член 55 став 3 од Уставот.

Според член 39 став 2 од Уставот, „граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.“

Во член 55 став 3 од Уставот, пак, се определува дека „слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.“

Од овие уставни одредби, во врска со конкретниот случај, произлегува дека граѓаните имаат должност да го чуваат и здравјето на другите лица и дека за да се зачува здравјето на луѓето може да се ограничи слободата на пазарот и претприемништвото.

б) Освен тоа, за конкретниот случај е правно релевантен и член 15 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, која одредба се однесува токму за „случај на вонредна состојба“. Конвенцијата, пак, се наведува затоа што е дел од позитивниот уставно-правен поредок на Републиката и тоа веднаш под Уставот и над домашните закони (член 118 од Уставот), како и дека е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката (член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот).

Според член 15 став 1 од Конвенцијата, „во случај на воена или некоја друга општа опасност, која го загрозува животот на нацијата, секоја Висока страна договорничка (држава) може да преземе мерки кои отстапуваат од обврските предвидени со оваа Конвенција, и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата и под услов таквите мерки да не бидат со спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право.“

Од изнесената одредба на Европската конвенција произлегува дека при општа опасност за животот на нацијата, односно во случај на вонредна состојба поради загрозување на здравјето и животот на луѓето, може да се отстапи од правните правила на Конвенцијата, дека отстапувањето мора да биде во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата, односно во согласност со причината поради која е утврдено постоење на вонредна состојба и таквите мерки да не бидат во спротивност со другите правни правила, односно отстапувањето да не излегува надвор од причината за вонредната состојба и да не навлегува во другите правноуредени односи.

в) Имајќи ги предвид напред изнесените уставни и меѓународно-правни правила за содржината на правните акти и правните норми во случај на вонредна состојба, Судот утврди дека уредбите со законска сила донесени од Владата на Републиката во случај на вонредна состојба, начелно, мораат да бидат во согласност со причината поради која е утврдено постоење на вонредна состојба, не смеат да излегуваат надвор од причината за вонредната состојба и да навлегуваат во другите правноуредени односи и траат само до завршувањето на вонредната состојба.
г) Во конкретниот случај, Судот утврди дека материјата опфатена со оспорената уредба не се однесува на причината за утврдувањето на постоење вонредна состојба определена во Одлуката на претседателот на Републиката, тоа е „заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID 19“ (точка I од Одлуката), излегува надвор од наведената причина за вонредната состојба и не завршува со завршувањето на вонредната состојба. Поради тоа, Судот утврди дека оспорената уредба не е во согласност со наведените уставни одредби.

8. Во однос на наводите во двете мислења на Владата на Републиката, стојалиштата на Уставниот суд се следни:

а) во врска со правната положба на уредбите со законска сила донесени во услови на вонредна состојба: ниту се тие правни акти на рамниште на закони, ниту се на рамниште на другите, обичните уредби, туку се посебни, специфични правни акти кои ги имаат елементите и на закони и на обични уредби, но круцијалната разлика на уредбите со законска сила во однос на тие правни акти се условите во кои се донесуваат уредбите со законска сила – вонредната состојба (тоа е состојба која е вон редот во општеството и вон важечкиот правен ред). Во таа смисла, само во врска со вонредната состојба разбрана како нова, привремена, реална (вистинска практична) општествена стварност, која е негативна за заедницата во целина, може да постојат уредби со законска сила, не и во услови на редовна општествена состојба и редовен правен ред, бидејќи во овие услови важи поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и не може влада истовремено да биде и законодавец и извршител на закони. Така треба да се разбере и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија, а ако таа одредба се разбере во смисла каква се изнесува во двете мислења на Владата на Републиката тогаш таа одредба не би била во согласност со член 8 став 1 ставови 3 и 4 од Уставот на Републиката;
б) во врска со обемот и содржината на уредбите со законска сила донесени во услови на вонредна состојба: обемот и содржината на уредбите со законска сила се поврзани само со условите во кои се наоѓа општествената реалност а која е утврдена од надлежен орган како состојба вон редовниот ред и, од една страна гледано, тие уредби со законска сила не се ограничени ниту по обем, ниту по содржина (може да се пропишуваат и преземаат сите мерки и во секој обем ако се во функција на решавање на причината која предизвикала настанување на вонредната состојба), а од друга страна, тие уредби со законска сила се ограничени и по обем и по содржина (не може да се пропишуваат, ниту преземаат ниедни мерки и во ниеден обем ако не се во функција на решавање на причината која предизвикала настанување на вонредната состојба). Оттука, круцијална е причината која предизвикала настанување на вонредната состојба во општествената заедница кога е во прашање обемот и содржината на уредбите со законска сила донесени во услови на вонредна состојба, а не дали има ограничување на човекови права определени во Европската конвенција за човекови права или нема ограничување, ниту дали се остваруваат претходно неостварени права и слично. Така треба да се разберат и определбите содржани во член 126 ставови 1 и 2 од Уставот на Републиката дека уредбите со законска сила донесени во услови на вонредна состојба не се ограничени по обем и содржина ако се во функција на решавање на причината која предизвикала настанување на вонредната состојба, а не дека тој член од Уставот не го дефинира обемот и содржината на уредбите со законска сила и дека Владата на Републиката може со тие уредби со законска сила да уредува секоја материја и во секој обем независно од условите кои предизвикале настанување на вонредната состојба. Ако наведените уставни одредби се разберат во смисла каква се изнесува во двете мислења на Владата на Републиката, тогаш Владата на Републиката би можела во услови на вонредна состојба целосно да ги измени редовно воспоставените општествени односи и тие, како така нововоспоставени, да продолжат и по истекот на важењето на вонредната состојба, а тоа не може да се смета за владеење на правото, ниту афирмација на сите други темелни вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 став 1 од Уставот на Републиката.
в) во однос на времетраењето на уредбите со законска сила донесени во услови на вонредна состојба: со оглед дека функцијата на тие акти е решавање на причината која предизвикала настанување на вонредната состојба и враќање на редовните општествени односи и на редовниот правен ред, оној заснован на темелните вредности утврдени во член 8 став 1 од Уставот, произлегува дека времетраењето на уредбите со законска сила, нормативно гледано, мора да биде само за периодот на траењето на вонредната состојба (на пример, само во периодот од 18.03.2020 година до 16.04.2020 година), а правното дејство, во принцип, да завршува по истекот на траењето на вонредната состојба и до одлучувањето на Собранието на Републиката, што треба да се направи во најкраток рок по завршувањето на вонредната состојба. Притоа, продолженото времетраење на правното дејство на уредбите со законска сила и по завршувањето на вонредната состојба е во случаи кога со тие акти се уредува материја која е тесно (според член 15 став 1 од Европската конвенција, „строго“) поврзана со причината која предизвикала настанување на вонредната состојба (на пример, да се смета дека е искористен годишниот одмор од претходната година ако работникот не ги вршел работните задачи, а не ги вршел поради неопходна потреба да биде на физичка дистанца од другите вработени со цел да спречи ширење на коронавирус – значи, постои тесна поврзаност со причината и има објективизирана оправданост) и ако е соодветна мерката (немало поблаги форми на спречување на ширење на вирусот и морало да се обезбеди физичка дистанца-начело на сразмерност, и обемот на опфатот е одмерен бидејќи може да го користи годишниот одмор од тековната година-начело на пропорционалност), како и ако уредбата со законска сила не „затвора“ некој правен однос настанат пред прогласувањето на вонредната состојба (на пример, не предвидува исплата на средства за комунални трошоци направени од државен орган или не уредува исплата на неисплатени плати на вработени во државен орган, бидејќи нема тесна, „строга“ поврзаност со вонредната состојба со оглед дека таа материја може да се регулира на друг, редовен и правен начин, не вонреден: на пример, со спогодба или во редовна судска постапка; освен тоа, ако се исплатат наведените или други средства на еден државен орган и негови вработени, тие мора да се исплатат и на сите други државни органи и нивни вработени ако постојат исти неисплаќања-според тоа, во овие случаи нема општествена оправданост, ниту сразмерност, ниту пропорционалност, за уредување на таа материја во услови на вонредна состојба). Ако не се такви исклучоците, уредбите со законска сила би имале такво времетраење кое го спречува брзото враќање на општествената стварност и на правниот ред во „нормалност“, а тоа не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 став 1 од Уставот на Републиката;
г) во врска со наводите во двете мислења на Владата на Републиката за поврзаноста меѓу содржината на Уредбата, од една страна, и причината за вонредната состојба, од друга страна, Судот оцени дека тој „степен“ на поврзаност меѓу Уредбата и причината за прогласување на вонредната состојба нема општествена оправданост да се прави во услови на вонредна состојба, не е сразмерен со оглед дека има поблаги начини на регулирање на тие односи и не е пропорционален со оглед дека се решава состојбата само кај еден државен орган и на едни вработени.

9. Со оглед на тоа што донесе конечна одлука, Судот оцени дека се исполнети условите од член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд за ставање надвор од сила на времената мерка определена со точка 2 од Решението У.бр.45/2020 од 28 април 2020 година, поради што одлучи како во точката 2 од оваа одлука.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

11. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Владимир Стојаноски.

У.бр.45/2020
14 мај 2020 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати