У.бр.41/2024-1


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.41/2024
Скопје, 03.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 70 и член 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 03.07.2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 33 алинеја 3 и глава 14 „Автентично толкување на општи акти“ членовите 175, 176, 177 и 178 од Деловникот на Советот на Општина Кавадарци бр.07-3454/2 од 30.11.2006 година („Службен гласник на Општина Кавадарци” број 21/2006).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 33 алинеја 3 и глава 14 „Автентично толкување на општи акти“ членовите 175, 176, 177 и 178 од Деловникот на Советот на Општина Кавадарци бр.07-3454/2 од 30.11.2006 година („Службен гласник на Општина Кавадарци” број 21/2006).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива со Решението У.бр.41/2024 од 27 март 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Кавадарци, врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) и член 82 став 1 точка 2 и член 132 став 1 од Статутот на Општина Кавадарци („Службен гласник на Општина Кавадарци” број 8/2005) на седница одржана на 30.11.2006 година, донел Деловник на Советот на Општина Кавадарци број 07-3454/2 од 30.11.2006 година.

Деловникот на Општина Кавадарци, содржи дел „автентично толкување“ и тоа во член 33 алинеја 3 и во глава 14 насловена како „Автентично толкување на општи акти“ со членовите 175, 176, 177 и 178.

Член 33 алинеја 3 од Деловникот гласи:
– да поднесува барање за давање на автентично толкување на прописите.

Во глава 14 насловена како „Автентично толкување на општи акти“ се содржани членовите 175, 176, 177 и 178 од Деловникот.

Член 175 уредува дека барање за автентично толкување на пропис може да поднесат членовите на Советот, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на општината и државните органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење. Во член 176 се пропишува дека барањето за давање на автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседавачот на Советот кој веднаш барањето го доставува до Комисијата за статут и прописи, а во член 177 се уредува дека Комисијата за статут и прописи по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од работните тела на Советот и општинската администрација. Согласно член 178 од истиот деловник, ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување, не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај. За Одлуката на Советот се известува подносителот на барањето.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Според уставната одредба пропишана во член 68 став 1 алинеја 2, Собранието на Република Северна Македонија, има уставно овластување да донесува закони и да дава автентично толкување на законите.

Член 110 алинеја 2 од Уставот, пропишува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 14 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби произлегува дека законите се носат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и закон, дека само Собранието има уставно овластување за донесување закони и нивно автентично толкување, а сето тоа во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.

Од содржината на оспорениот акт, произлегува дека Советот на Општина Кавадарци, врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) и член 82 став 1 точка 2 и член 132 став 1 од Статутот на Општина Кавадарци („Службен гласник на Општина Кавадарци” број 8/2005) на седницата одржана на 30.11.2006 година, донел Деловник на Советот на Општина Кавадарци број 07-3454/2 од 30.11.2006 година.

Членот 33 од Деловникот ги пропишува правата на членот на Советот на седниците на Советот. Помеѓу останатите права, во алинеја 3 од истиот член е содржано правото за автентично толкување, така што предвидува дека членот на Советот на седниците има право да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

Во глава 14 насловена како „Автентично толкување на општи акти“ од истиот деловник, оспорените членови од автентично толкување (со нумерација како членови 175, 176, 177 и 178) уредуваат кој може да поднесе барање за автентично толкување на општ акт, каде се поднесува барањето, до кого се доставува, кој одлучува по барањето, кој изготвува предлог по барањето, кој го усвојува и кој одлучува дали барањето за автентично толкување е оправдано или не е, за што се сочинува извештај.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.152/19 и 248/23).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Кавадарци како орган на локалната власт, донел Деловник на Советот на Општина Кавадарци во кој се содржани член 33 алинеја 3 и глава 14 „Автентично толкување на општи акти“, во кој е содржано правото за автентично толкување.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

Согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

При таква фактичка состојба, недвосмислено произлегува дека Советот на Општина Кавадарци, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел Деловникот на Советот на Општина Кавадарци, во кој со член 33 алинеја 3 и во глава 14 е содржано правото за автентично толкување.

Имајќи предвид дека станува збор за прашање, коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.152/19 и 248/23). Со оглед на тоа дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување, не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот.

Оттука, имајќи ги предвид одредбите од член 51 од Уставот, според кои во Република Северна Македонија, законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, во конкретниот случај со основ се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од член 33 алинеја 3 и глава 14 во која се содржани членовите 175, 176, 177 и 178 од Деловникот на Општина Кавадарци со Законот за локалната самоуправа, а со тоа со основ се постави прашањето за нивната согласност со темелната вредност на нашиот уставен поредок -владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

При одлучувањето за укинување на одредбите од Деловникот, наведени во диспозитивот на Одлуката, Судот согласно член 73 од Деловникот на Судот, ги зеде предвид сите околности од значење за заштита на уставноста и законитоста, тежината на повредата и последиците кои настанале врз основа на прописи или нивни одредби за кои не постои законски основ, а особено што односите што се воспоставени врз основа на такви акти или нивни одредби, навлегуваат во правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски