У.бр.35/2024


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.35/2024
Скопје, 09.05.2024

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 мај 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Вевчани („Службен гласник на Општина Вевчани“ бр.6/2006).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Вевчани („Службен гласник на Општина Вевчани“ бр.6/2006).

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

На работниот состанок одржан на ден 25 декември 2023 година, Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, одлучи по сопствена иницијатива да оформи предмет за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од ова решение.

II

На седницата Судот утврди дека член 15 алинеја 3 е содржан во насловот 3 „Покренување иницијативи и поднесување предлози” од оспорениот деловник и истиот предвидува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесe барање за давање на автентично толкување на прописите.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставнос и законитос на пропис или друг општ акт.

Согласно член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Советот на Општина Вевчани, повикувајќи се на член 21 став 2 од Статутот на Општина Вевчани („Службен гласник на Општина Вевчани ” број 02/2003), на седницата одржана на 26.09.2006 година го донел Деловникот на Советот на Општина Вевчани објавен во „Службен гласник на Општина Вевчани” бр.6/2006.

Деловникот на Советот на Општина Вевчани содржи дел со наслов 3 „Покренување иницијативи и поднесување предлози” во кој е содржан член 15 алинеја 3, каде се уредува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесe барање за давање на автентично толкување на прописите.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.
Во конкретниот случај, автентично толкување дава Советот на Општина Вевчани, како орган на локалната власт.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

При таква фактичка состојба, недвосмислено произлегува дека Советот на Општина Вевчани, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел оспорениот деловник во кој предвидел право на член на Советот на Општината да поднесе барање за давање автентично толкување на прописите.

Правото на давање автентично толкување на прописи е прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите. Од уставно-судската анализа произлегува дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување и ваков правен институт не може да биде уреден со деловник или статут.

Со оглед на фактот дека автентичното толкување е уредено во наведените одредби на Деловникот, со што Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, во однос на кои Судот изразува сомнеж за нивната уставност и законитост, е доволна причина за Судот да го покрене прашањето за уставноста и законитоста на одредбите што се предмет на оспорување со иницијативата.
Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека со основ може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на конкретната одредба од Деловникот.

Поради можноста од настанување штетни последици, а согласно со член 27 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи да ја запре примената на оспорената одредба од Деловникот на Општината, како и да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба до донесувањето на конечната одлука.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

V

Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска