У.бр.321/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 28 април 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценка на законитоста на Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластувања во Министерството за внатрешни работи, бр.151-24515/1 од 13.05.2003 година, број 1311-46269/1 од 28.07.2016 година, број 1311-62891/1 од 05.10.2016 година и број 131-8104/1 од 29.01.2021 година, донесени од министерот за внатрешни работи.

2. Синдикатот на полиција на Македонија до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, министерот за внатрешни работи воопшто немал законски основ за донесување на оспорениот акт, па оттука тој бил незаконит. Имено, според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 и 110/2019), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и другите прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Оспорените правила се спротивни на член 55 став 1 од наведениот закон поради тоа што воопшто немало во кој било закон во правниот поредок, овластување да се донесат наведените правила од страна на министерот за внатрешни работи, па сепак и покрај тоа, нивното донесување се означува со член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, во отсуство на материјален закон.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на законитоста на оспорените правила донесени од министер за внатрешни работи и истите да се укинат.

3. Судот на седницата утврди дека Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластувања во Министерството за внатрешни работи, кои се донесени од министер за внатрешни работи во 2003 година и кои биле изменувани и дополнувани два пати во 2016 година и еден пат во 2021 година, како предмет на уредување има утврдено во членот 1, дека со овие правила се пропишува начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластувања (во понатамошниот текст: овластени службени лица) во Министерството за внатрешни работи. Со одредбите од овој подзаконски акт се уредени: начинот на однесување во извршувањето на работите и работните задачи, однесувањето на овластените службени лица, меѓусебните односи во службата и нивно развивање, раководење, издавање и извршување на наредби, поздравување, ословување, претставување и јавување на овластените службени лица, примопредавање на должност, рапорт, контрола во работењето, обезбедување на имотот и внатрешен ред во објектите на Министерството за внатрешни работи, чување на оружјето и опремата, стручно оспособување и усовршување на овластените службени лица, узбуна и приправност, логорување, противпожарна заштита, здравствена заштита, прослави и почести и жалости и закоп.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Поаѓајќи од правните елементи коишто го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите на општ начин и на неопределен круг на субјекти во правото, се утврди дека во случајов Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластувања во Министерството за внатрешни работи, донесени од министерот за внатрешни работи, немаат карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не се подобни за уставно-судска оцена.

Имено, Правилата донесени од министерот за внатрешни работи, не се засноваат на законско овластување на министерот за нивно донесување во функција на извршување на конкретни права и обврски утврдени со Законот за внатрешни работи или друг закон, туку претставуваат интерен акт за организација на работењето наменет за службените лица вработени во Министерството за внатрешни работи.

Поаѓајќи од оценката дека оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, а согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, според која Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, се утврди дека во случајов се исполнети процесните претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Поради погоре изнесеното се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.321/2020
28.04.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати