У.бр.31/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.31/2024
Скопје,27.03.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 27.03.2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Гостивар, број 07-7/1 од 25.01.2006 година („Службен гласник на Општина Гостивар” број 1/2006).

2. СЕ ЗАПИРА ИЗВРШУВАЊЕТО на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Гостивар, број 07-7/1 од 25.01.2006 година („Службен гласник на Општина Гостивар” број 1/2006).

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

На работниот состанок одржан на ден 25 декември 2023 година, уставните судии одлучија врз основа на одредбата од член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива да оформат предмет во кој ќе се води постапка за оценување на согласноста на оспорениот акт, со одредбите на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Гостивар, врз основа на член 36 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002), на седница одржана на 25.01.2006 година, донел Деловник на Советот на Општина Гостивар.

Деловникот содржи 18 глави. Во глава 3, точка 3 насловена како „Покренување иницијативи и поднесување предлози“ во член 15 алинеја 3 се пропишува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Според уставната одредба пропишана во член 68 став 1 алинеја 2, Собранието на Република Северна Македонија, има уставно овластување да донесува закони и да дава автентично толкување на законите.

Член 110 алинеја 2 од Уставот, пропишува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Уставниот суд, согласно со член 27 став 1 од Деловникот, може во текот на постапката, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби произлегува дека законите се донесуваат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и закон, дека само Собранието има уставно овластување за донесување на закони и нивно автентично толкување, а сето тоа во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.

Од содржината на оспорениот акт, произлегува дека Советот на Општина Гостивар, врз основа на член 36 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002), на седница одржана на 25.01.2006 година, донел Деловник на Советот на Општина Гостивар.

Во оспорениот член 15 од Деловникот, уредени се правата на членот на Советот на седниците на Советот. Помеѓу останатите права, во алинеја 3 од истиот член е содржано правото на член на советот на седница да има право да поднесе барање за давање на автентично толкување, а оттука и оспорената можност Советот да дава автентично толкување на прописите.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 91/2008, 119/2010, 23/2013, 152/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.152/19 и 248/23).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Гостивар како орган на локалната власт, донел Деловник на Советот на Општина Гостивар во кој во член 15 алинеја 3 е содржано оспореното автентично толкување на прописи.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

Согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

При таква фактичка состојба, недвосмислено произлегува дека Советот на Општина Гостивар, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел Деловникот на Советот на Општина Гостивар, во кој во член 15 алинеја 3 е содржано правото за автентично толкување.

Имајќи предвид дека станува збор за прашање, коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 91/2008, 119/2010, 23/2013, 152/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.152/19 и 248/23). Со оглед на тоа што органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување, не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот.

Од наведените причини, Судот цени дека пропишаната алинеја 3 во член 15 од Деловникот е незаконита, а со тоа и спротивна на темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

Врз основа на горенаведената уставно-судска анализа, Судот утврди дека се исполнети и условите од член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за донесување решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, поради можно настанување на тешко отстранливи и ненадоместливи последици за граѓаните, односно дејствија преземени врз основа на правото за автентично толкување.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

V

Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска