У.бр.29/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.29/2024
Скопје, 09.05.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 мај 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Илинден број 07-1586/2 од 22.09.2009 („Службен гласник на Општина Илинден“ бр.12/2009).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Илинден број 07-1586/2 од 22.09.2009 („Службен гласник на Општина Илинден“ бр.12/2009).

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

На работниот состанок одржан на ден 25 декември 2023 година, Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, одлучи по сопствена иницијатива да оформи предмет за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од ова решение.

II

На седницата Судот утврди дека според член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Илинден „Членот на Советот има право на седниците на Советот да поднесува барање за давање на автентично толкување на прописите“.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 9 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитота на нејзината работа го врши Републиката.

Согласно член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Согласно уставната одредба, надлежностите на општината се уредени со закон – Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) кој го уредува непосредното учество на граѓаните во одлучувањето, организацијата и работата на органите на општината, општинската администрација и актите на органите на единиците на локалната самоуправа.

Со член 36 од Законот за локалната самоуправа се уредени надлежностите на советот, а според став 1 точка 1 на наведениот член, советот е надлежен да донесува статут на општината и други прописи.

Според член 62 став 1 од наведениот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.
Со член 43 од Законот за локалната самоуправа се уредени правата и должности на членовите на советот, па така согласно став 2 на наведениот член, членовите имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот, а според став 5 од истиот член, членовите на советот имаат и други права и должности утврдени со статутот и други прописи, во согласност со овој закон.

Советот на Општина Илинден, повикувајќи се на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) го донел Деловникот на Советот на Општина Илинден, со кој поблиску уредил определени прашања поврзани со организацијата и начинот на работа на Советот, меѓу кои и прашањето за правата и должностите на членовите на Советот. Во рамките на правото на членот на Советот да покренува иницијативи и да поднесува предлози до Советот, со оспорената одредба од член 15 точка 3 е предвидено дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

Меѓутоа, во Законот за локалната самоуправа, автентичното толкување на прописите на општината не е предвидено како надлежност на советот на општината кој како претставнички орган на граѓаните на локално ниво е единствен орган кој донесува прописи. Оттука, членовите на советот на општината можат да поднесуваат иницијативи и да даваат предлози за прашања од надлежност на советот, а не и за оние прашања за кои советот не е надлежен, ниту овластен да одлучува како што е прашањето за давање на автентично толкување на прописите на советот. Според тоа, со статут и други прописи може да се утврдат и други права и должности за членовите на советот, меѓутоа, како што произлегува од член 43 став 5 од Законот, уредувањето на други права и должности треба да биде во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Во конкретниот случај, се утврди дека Советот на Општина Илинден во свој пропис – Деловникот за работа на Советот на Општина Илинден предвидел право за член на советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите, иако таква надлежност на советите на општините не е предвидена во Законот за локалната самоуправа. Со таквото уредување, Советот на Општина Илинден излегол надвор од своите законски надлежности и уредил прашање, односно овластување на членовите на советот кое нема законска основа.

За да можат органите на општината, пред сѐ советот на општината, да дава автентично толкување на прописите што ги носи, тоа овластување мора да биде предвидено во законот, на сличен начин како што тоа за Собранието на Република Северна Македонија е уредено со Уставот во член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, при што, постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013). Во конкретниот случај, не постои законска основа за да можат органите на локалната власт да даваат автентично толкување на прописите, така што не може со Статутот на Општината и со Деловникот на Советот тоа да биде уредено како надлежност на Советот, односно како право на членот на Советот.

Имајќи ги предвид одредбите од член 51 од Уставот според кои во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, во конкретниот случај може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Деловникот на Советот на Општина Илинден со Законот за локалната самоуправа, како и за неговата согласност со темелните вредности на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

Поради можноста од настанување штетни последици, а согласно со член 27 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Илинден, до донесувањето на конечната одлука.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

V

Ова решение произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска