У.бр.241/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 7 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година, бр. 44-5638/1, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.160/2020).

2. Политичката партија „Роднина Македонија“, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според иницијативата, оспорената уредба со законска сила била спротивна на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членот 9, членот 22, членот 23 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, како и член 6 став 1, член 7 став 2 алинеја 1, членовите 12, 48, 49, 49-а, 50 и 52 од Изборниот законик поради неколку причини, и тоа: со истата биле предвидени рокови и дејствија по истекот на вонредната состојба; оригинерно се уредувале одредени состојби што било недозволено; и со истата се кршело пасивното избирачко право на граѓаните како поединци, но и на новорегистрираните партии.

Во однос на важењето на уредбите со законска сила, согласно член 126 став 2 од Уставот, по престанувањето на вонредната состојба истите престанувале да важат, што претставувало и мислење на Венецијанската комисија во кое се наведувало дека „уредбите треба да го изгубат својот правен ефект во моментот на престанокот на вонредната состојба“. Ова всушност значело дека оспорената уредба со законска сила престанала да важи на 23.06.2020 година, со денот на престанокот на вонредната состојба, при што повторно на сила стапувала примената на одредбите на Изборниот законик.

Во овој контекст, со оспорената уредба со законска сила бил повреден и член 12 став 4 од Изборниот законик според кој од денот на распишувањето на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена. Притоа, распишаните избори на 16.02.2020 година не можеле да се одржат поради поминатите рокови, а Владата спротивно на Уставот и на Изборниот законик уредувала поинакви рокови.

Понатаму, со предметната уредба, Владата оригинерно регулирала одредени прашања (во однос на: увидот во изводот од избирачкиот список; состојбата на податоците за граѓаните со наполнети 18 години живот на денот на изборите (прв круг на гласање); умрените лица 30 дена пред денот на распишувањето на изборите; и другите податоци од избирачкиот список на денот на распишувањето на изборите; увидот во избирачкиот список од страна на политичките партии во утврдените рокови; дополнувањето или бришењето на податоци во изводите од избирачкиот список што се ставени на јавен увид во определените рокови; и заклучувањето на избирачкиот список најдоцна 15 дена по завршениот увид), што било надвор од нејзината надлежност со што предметната уредба била спротивна на членовите 48, 49, 49-a, 50 и член 52 од Изборниот законик и на одлуките на Уставниот суд. Во контекст на ова, Судот требало да ја има во предвид одлуката У.бр.49/2020 во која имал заземено став по однос на ова прашање.

Исто така, со предметната уредба со законска сила биле повредени и основните слободи и права на човекот и граѓанинот во смисла на тоа што на граѓаните кои во меѓувреме наполниле 18 години им било ускратено избирачкото право кое било еднакво, општо и непосредно и се остварувало на слободни избори со тајно гласање, како и правото на учество во вршење на јавни функции (право за кандидирање за избор на пратеник во Собранието), со што всушност се повредувал членот 9 од Уставот. На овој начин, Владата всушност арбитрарно и своеволно го ограничувала остварувањето на избирачкото право на граѓаните што претставувало суштествена повреда на материјалното право поради кој правен факт можела да се оспори уставноста и законитоста на изборниот процес.

Имено, со ваквото ограничување на остварувањето на избирачкото право на граѓаните, всушност се повредувале и членот 22 од Уставот (секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право; Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање; Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.); членот 23 од Уставот (секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции); член 6 став 1 од Изборниот законик (право да избира има секој државјанин на Република Македонија кој наполнил 18 години живот и има деловна способност и е со постојано живеалиште во изборната единица, општината, односно градот Скопје каде што се врши изборот); и член 7 став 2 алинеја 1 од Изборниот законик (кандидат за пратеник, член на совет и градоначалник може да биде државјанин на Република Македонија, ако: – наполнил 18 години живот).

Покрај претходно наведеното, со предметната уредба со законска сила, Владата своеволно го ограничила и правото на новите политички субјекти, кои во меѓувреме се регистрирале и се стекнале со право да истакнат свои кандидатски листи за пратеници согласно член 66 став 4 од Изборниот законик.

На крајот од иницијативата, врз основа на изнесеното, од Уставниот суд се бара да ја поништи оспорената уредба со законска сила, а исто така, да ги поништи и изборите одржани на 15 јули 2020 година.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба со законска сила ја имала следната содржина:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 15 јуни 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРАШАЊА ПОВРЗАНИ СО ИЗБОРИТЕ ЗА ПРАТЕНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НА 15 ЈУЛИ 2020 ГОДИНА

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредуваат прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година и се уредува примената на одредби на Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 и 42/20), како и прашања за примена на одредби од други закони кои се однесуваат на изборниот процес.
На изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, закажани за 15 јули 2020 година се применуваат одредбите од Изборниот законик, освен за оние дејствија за кои со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

Член 2

Дејствијата за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, распишани со Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 43/20 и 159/20), не се спроведуваат за време на вонредната состојба, освен ако со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
Спроведувањето на останатите изборни дејствија, кои не беа спроведени до влегувањето во сила на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 72/20) ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба, освен ако со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик и Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 72/20 и 154/20) до денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила се сметаат за важечки.

Член 3

Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила објавува на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија согласно одредбите на Изборниот законик и оваа уредба со законска сила.
Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, Државната изборна комисија ги превзема и извршува сите технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик и оваа уредба со законска сила.

Член 4

Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, е должно да ги достави до Државната изборна комисија податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик и тоа листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и истите ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила и листа на лица кои е наполнат 18 години до денот на изборите. Државната изборна комисија податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.
Основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, се должни да ги достават до Државната изборна комисија податоците за граѓаните согласно членот 43 ставовите 2 и 3 од Изборниот законик, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила.
Органот надлежен за извршување на санкциите, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила е должен да ги достави до Државната изборна комисија податоците за граѓаните согласно член 44 став 1 од Изборниот законик, заклучно со денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила.
Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, Државната изборна комисија и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, од моментот на нивниот прекин, согласно одредбите на оваа уредба.

Член 5

Изборната кампања за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија започнува на 24 јуни 2020 година, при што 13 и 14 јули 2020 година се денови на изборен молк.
Државната изборна комисија изборниот материјал го предава на општинските изборни комисии најдоцна во рок од 96 часа пред денот на одржување на изборите.
На 13 јули 2020 година гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат. При спроведувањето на гласањето на овие лица се применува членот 111 од Изборниот законик.
Во општините во кои гласаат лицата од став 3 од овој член, во зависност од нивниот број, Државната изборна комисија формира еден или повеќе посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници кои го спроведуваат гласањето на лицата од ставот 3 од овој член, при што политичките партии имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор согласно член 38 ставовите 5 и 6 од Изборниот законик.
На 14 јули 2020 година гласаат немоќни и болни лица согласно член 111 од Изборниот законик, како и хронично болните лица и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите.
Дејствијата на изборните органи кои согласно Изборниот законик се превземаат еден ден пред одржувањето на изборите, ќе се спроведуваат во рокови утврдени со роковникот на Државната изборна комисија.

Член 6

Гласањето на 15 јули 2020 година започнува во 07:00 часот и трае непрекинато до 21:00 часот.
Полицијата го обезбедува гласачкото место непрекинато почнувајќи од 6:00 часот до 21:00 часот.
Објавувањето на резултатите од испитување на јавното мислење спроведено на денот на изборите согласно членот 77 став 3 не може да биде пред 21:00 часот.
Во 21:00 часот гласачкото место се затвора, а на гласачите кои се затекнале во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Избирачкиот одбор не може да започне со броење на гласовите пред 21:00 часот.

Член 7

За време на изборната кампања, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 14 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од власта кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за двете најголеми партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија и за независни кандидати можат да се одвојат најмногу две минути.

Член 8

Министерството за здравство, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од Државната изборна комисија, обезбедува заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.

Член 9

Од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила па се до денот на престанокот на траењето на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик.
Од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила па се до денот на престанок на траењето на вонредната состојба не се применува членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/19).

Член 10

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.44-5638/1                                                                                                                                                                                                            Претседател на Владата
15 јуни 2020 година                                                                                                                                                                                       на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                        Оливер Спасовски, с.р.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Членот 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија предвидува дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, предмет на оспорување со иницијативата е уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година, бр. 44-5638/1, донесена од Владата на Република Северна Македонија, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.160/2020.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод претходно поднесена иницијатива за оспорување на уставноста на предметната уредба веќе се произнел, односно со Решение У.бр.213/2020 од 8 јули 2020 година не повел постапка за оценување на уставноста на оспорената уредба.

Имајќи предвид дека Судот веќе се произнел за уставноста на оспорениот акт, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

Од друга страна пак, изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија чиешто спроведување било предмет на уредување на оспорената уредба, се одржале на 15 јули 2020 година, а Државната изборна комисија ги објавила резултатите од гласањето на спроведените избори во Заклучокот за објавување на конечни резултати и распределба на мандати за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија од гласањето за Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година, број 08-1966/3 од 25.07.2020 година.

Имајќи ја предвид и оваа околност, оспорениот акт е исцрпен во својата примена поради одржаните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, што според Судот претставува уште една процесна пречка за постапување по иницијативата и причина за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.241/2020
07.10.2020 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати