У.бр.213/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 8 јули 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година, бр. 44-5638/1, донесена од Владата на Република Северна Македонија на 15 јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.160/2020).

2. Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Иницијативата започнува и завршува со тврдење дека оспорената уредба не е во согласност со:

-член 8 став 1 алинеја 3 (поради повреда на владеењето на правото), член 9 (поради повреда на начелото на еднаквост на граѓаните), член 22 (поради повреда на избирачкото право на граѓаните), член 23 (поради повреда на учеството на граѓаните во вршењето на јавни функции), член 51 (поради несогласноста на подзаконскиот пропис со Уставот и законите), член 63 ставови 3 и 4 (поради тоа што изборите за пратеници се одржуваат во рок од 60 дена од распуштањето на Собранието, а мандатот им се продолжува во случај на вонредна состојба), член 67 став 4 (поради тоа што претседателот на Собранието одлучува за распишување на избори за пратеници), член 125 (поради тоа што постоењето на вонредната состојба се утврдува од Собранието и важи најмногу 30 дена) и член 126 (поради тоа што Владата донесува уредби со законска сила во услови на вонредна состојба но во согласност со Уставот и со закон и тоа овластување трае до завршувањето на вонредната состојба) од Уставот, потоа со
-членовите 6, 7, 8-а, 12, 15, 16, 31 став 2 точка 31, 41, 42, 43, 44, 49, 49-а, 50, 50-а, 50-б, 51, 52, 53, 69-а, 75-г, 75-д, 84-а и 101 од Изборниот законик (поради непочитување на обврските од наведените законски одредби), понатаму со
-членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2019), поради тоа што од денот на распишувањето на изборите до завршувањето на изборите не може да се вршат исплати на плати, пензии, социјална помош и други исплати од буџетски средства, како и со
-членот 35 од Законот за Владата на Република Македонија, поради тоа што „за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, а покрај тоа оспорената уредба не била во согласност ниту со
-Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020 од 16 февруари 2020 година) со оглед дека во услови на вонредна состојба продолжува мандатот на пратениците во Собранието на Републиката, како ни со
-Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020 од 18 март 2020 година) со оглед дека вонредната состојба била воведена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID – 19.

Истовремено, подносителот на иницијативата смета дека Судот, при одлучувањето, треба да ги има предвид: (1) Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020 од 21 март 2020 година), (2) Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2020 од 10 јуни 2020 година), (3) Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020 од 16 февруари 2020 година) и (4) Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.159/2020 од 15 јуни 2020 година), како и образложенијата изнесени во одлуките и решенијата на Уставниот суд означени под У.бр.44/2020 и 50/2020 од 13 април 2020 година, У.бр.46/2020 од 20 април 2020 година, У.бр.48/2020 од 28 април 2020 година, У.бр.41/2020 од 6 мај 2020 година, У.бр.49/2020 од 12 мај 2020 година, У.бр.42/2020 од 14 мај 2020 година и У.бр.84/2020 исто така од 14 мај 2020 година.

На почетокот и на крајот од иницијативата се предлага Уставниот суд да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената уредба со цел да се спречело „настанување на тешко отстранливи последици по владеењето на правото, правата и слободите на граѓаните и внатрешниот правен поредок на државата Македонија“.

3. Судот на седницата утврди дека:

а) оспорената уредба е донесена врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19).

Член 1 од Уредбата гласи: „Со оваа уредба со законска сила се уредуваат прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година и се уредува примената на одредби на Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 и 42/20), како и прашања за примена на одредби од други закони кои се однесуваат на изборниот процес“ (став 1).

Според ставот 2 од истиот член, „На изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, закажани за 15 јули 2020 година се применуваат одредбите од Изборниот законик, освен за оние дејствија за кои со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.“

Во членот 2 од Уредбата се пропишува дека: „Дејствијата за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, распишани со Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 43/20 и 159/20), не се спроведуваат за време на вонредната состојба, освен ако со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено“ (став 1).

Ставот 2 од овој член на Уредбата определува дека: „Спроведувањето на останатите изборни дејствија, кои не беа спроведени до влегувањето во сила на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 72/20) ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба, освен ако со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.“

Според ставот 3, „Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик и Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 72/20 и 154/20) до денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила се сметаат за важечки“.

Член 3 од Уредбата предвидува дека: „Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила објавува на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија согласно одредбите на Изборниот законик и оваа уредба со законска сила“ (став 1).

Во ставот 2 од истиот член се утврдува дека: „Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, Државната изборна комисија ги превзема и извршува сите технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик и оваа уредба со законска сила“.

Член 4 од Уредбата гласи: „Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, е должно да ги достави до Државната изборна комисија податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик и тоа листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и истите ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. Државната изборна комисија податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност“ (став 1).

Според ставот 2, „Основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, се должни да ги достават до Државната изборна комисија податоците за граѓаните согласно членот 43 ставовите 2 и 3 од Изборниот законик, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила“.

Во ставот 3 се определува дека: „Органот надлежен за извршување на санкциите, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила е должен да ги достави до Државната изборна комисија податоците за граѓаните согласно член 44 став 1 од Изборниот законик, заклучно со денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила“.

Ставот 4 од истиот член гласи: „Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, Државната изборна комисија и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, од моментот на нивниот прекин, согласно одредбите на оваа уредба.“

Во членот 5 од Уредбата се пропишува дека: „Изборната кампања за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија започнува на 24 јуни 2020 година, при што 13 и 14 јули 2020 година се денови на изборен молк“ (став 1).

Во ставот 2 се определува дека: „Државната изборна комисија изборниот материјал го предава на општинските изборни комисии најдоцна во рок од 96 часа пред денот на одржување на изборите“.

Ставот 3 гласи: „На 13 јули 2020 година гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат. При спроведувањето на гласањето на овие лица се применува членот 111 од Изборниот законик“.

Во ставот 4 од овој член на Уредбата се утврдува дека: „Во општините во кои гласаат лицата од став 3 од овој член, во зависност од нивниот број, Државната изборна комисија формира еден или повеќе посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници кои го спроведуваат гласањето на лицата од ставот 3 од овој член, при што политичките партии имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор согласно член 38 ставовите 5 и 6 од Изборниот законик“.

Според ставот 5, „На 14 јули 2020 година гласаат немоќни и болни лица согласно член 111 од Изборниот законик, како и хронично болните лица и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите“.

Ставот 6 гласи: „Дејствијата на изборните органи кои согласно Изборниот законик се превземаат еден ден пред одржувањето на изборите, ќе се спроведуваат во рокови утврдени со роковникот на Државната изборна комисија“.

Член 6 од Уредбата определува дека: „Гласањето на 15 јули 2020 година започнува во 07:00 часот и трае непрекинато до 21:00 часот“ (став 1).

Во ставот 2 се пропишува дека: „Полицијата го обезбедува гласачкото место непрекинато почнувајќи од 6:00 часот до 21:00 часот“.

Ставот 3 гласи: „Објавувањето на резултатите од испитување на јавното мислење спроведено на денот на изборите согласно членот 77 став 3 не може да биде пред 21:00 часот“.

Според ставот 4, „Во 21:00 часот гласачкото место се затвора, а на гласачите кои се затекнале во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат“.

Ставот 5 утврдува дека: „Избирачкиот одбор не може да започне со броење на гласовите пред 21:00 часот“.

Во членот 7 од Уредбата се пропишува дека: „За време на изборната кампања, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 14 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од власта кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за двете најголеми партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија и за независни кандидати можат да се одвојат најмногу две минути“.

Според член 8 од Уредбата, „Министерството за здравство, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од Државната изборна комисија, обезбедува заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место“.

Со членот 9 од Уредбата се определува дека: „Од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила па се до денот на престанокот на траењето на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик“ (став 1).

Според ставот 2 од истиот член, „Од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила па се до денот на престанок на траењето на вонредната состојба не се применува членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/19).

Член 10 од Уредбата утврдува дека: „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“ (тоа е 15 јуни 2020 година).

б) Судот, исто така, утврди дека:

– На 16 февруари 2020 година Собранието на Република Северна Македонија донесе Одлука за распуштање на Собранието на Републиката (објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020 од 16 февруари 2020 година);

– На 16 февруари 2020 година претседателот на Собранието на Република Северна Македонија донесе Решение за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Републиката (објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020 од 16 февруари 2020 година;

– На 18 март 2020 година претседателот на Република Северна Македонија донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба (објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020 од 18 март 2020 година), при што во точка I од оваа одлука се определува дека: „Се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID – 19“;

-На 21 март 2020 година Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес (објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020 од 21 март 2020 година), при што во член 1 од оваа уредба се пропишува дека: „Со оваа уредба се регулираат прашања поврзани со изборниот процес, се изменува и дополнува Изборниот законик („Службен весник …“) и се утврдува прашањето за примена на одредби од законите кои се однесуваат на изборниот процес“, со член 2 се продолжува мандатот на членовите на Државната изборна комисија, член 3 определува прекинување на изборните дејствија поврзани со изборите закажани за 12 април 2020 година, во членот 4 се пропишува обврска за Државната изборна комисија да ја чува постојната изборна документација до продолжувањето на изборите, според член 5 изборните дејствија ќе продолжат од денот на престанокот на вонредната состојба, член 6 пропишува обврска за Државната изборна комисија да изготви редидиран роковник за продолжување на изборните дејствија еден ден од престанокот на вонредната состојба, во членот 7 се утврдува неприменување на членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик до престанокот на вонредната состојба, член 8 пропишува неприменување на член 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси до престанокот на вонредната состојба и според член 9, оваа уредба стапува на сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“;

-На 10 јуни 2020 година Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес (објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2020 од 10 јуни 2020 година), при што со членот 2 ја дополни Уредбата донесена на 21 март 2020 година на тој начин што пропиша обврски за Министерството за внатрешни работи, основните судови, Управата за водење на матичните книги, органот надлежен за извршување на санкциите, Државната изборна комисија, Државниот завод за статистика, како и за Министерството за здравство во врска со подготовка на преостанатите изборни дејствија поврзани со изборите на пратеници;

-На 15 јуни 2020 година претседателот на Република Северна Македонија донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба (објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.159/2020 од 15 јуни 2020 година), при што во точка I од оваа одлука се определува дека: „Се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 8 дена, заради подготовка и спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, со мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија на Коронавирусот COVID-19“;

-На 15 јуни 2020 година претседателот на Собранието на Република Северна Македонија донесе Решение за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Републиката (објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.159/2020 од 15 јуни 2020 година), при што во точка I од ова решение се определува дека: „Изборите ќе се одржат на 15 јули 2020 година“, а во точка II се предвидува дека: „Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик и Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 43/20), до денот на стапување во сила на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/20 и 154/20), се сметаат за важечки“ (став 1). „Роковите за преземање на останатите изборни дејствија продолжуваат да течат од денот на престанок на вонредната состојба“ (став 2);

-На 15 јуни 2020 година Владата на Република Северна Македонија ја донесе оспорената уредба – Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година (објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.160/2020 од 15 јуни 2020 година), при што со член 2 став 2 се определува да продолжат изборните дејствија од денот на престанокот на вонредната состојба, а според ставот 3 од истиот член претходно преземените изборни дејствија се сметаат за важечки, понатаму член 3 повторно се пропишува Државната изборна комисија да го ревидира и објави роковникот за продолжување на изборните дејствија во рок од еден ден од влегувањето во сила на оваа уредба, во членот 4 повторно се утврдуваат обврските на Министерството за внатрешни работи, основните судови, Управата за водење на матичните книги, на органот надлежен за извршување на санкциите, Државната изборна комисија и на Државниот завод за статистика во врска со продолжување на изборните дејствија поврзани со изборите на пратеници закажани за 15 јули 2020 година, според член 5 изборната кампања започнува на 24 јуни 2020 година, при што 13 и 14 јули 2020 година се денови на изборен молк, на 13 јули 2020 година гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација, на 14 јули 2020 година гласаат немоќни и болни лица, како и хронично болните лица, а со членот 6 се определува дека останатите лица гласаат на 15 јули 2020 година започнувајќи од 07:00 часот па до 21:00 часот и избирачките одбори не може да започнат со броење на гласовите пред 21:00 часот. Во членот 7 се пропишува времетраењето на политичкото рекламирање преку радиодифузерите во периодот на изборната кампања, член 8 се однесува на обврските на Министерството за здравство во врска со обезбедување на заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема, со членот 9 се определува дека од денот на влегувањето во сила на оваа уредба па се до денот на престанокот на траењето на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик, како и членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, а член 10 утврдува дека Уредбата влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“ (тоа е 15 јуни 2020 година).

в) Покрај тоа, Судот утврди дека:

– На 14 мај 2020 година, Уставниот суд со Решение У.бр.42/2020 одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/2020), иницирана од Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје.

Во образложението на Решението, меѓу другото, се наведува: „Во конкретниот случај, Владата со оспорената уредба со законска сила ги прекинала сите изборни дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои се закажани за 12 април 2020 година, сметано од денот на стапување во сила на Уредбата (21 март 2020 година), со определба изборните дејствија да продолжат од денот на престанокот на вонредната состојба. Притоа, определено е дека сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување во сила на оваа уредба, се сметаат за важечки и се задолжува Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.“ …

„При вака утврдена фактичка и правна состојба, произлегува дека Владата, раководејќи се од своите уставни овластувања, во услови на прогласена вонредна состојба која е утврдена на територијата на целата Република заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус COVID -19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија, основано оценила дека претходно закажаните избори за пратеници на 12 април 2020 година, во времетраењето на вонредната состојба, не можат да се одржат, кое нешто не е спорно ни за подносителот на иницијативата, поради што изборните дејствија за спроведување на изборите мора да се прекинат за периодот на траењето на вонредната состојба и да продолжат по нејзиниот престанок, во законски определени рокови, кога ќе се создадат услови за нивно непречено одржување.“

„Неспорно е дека прекинот на изборните дејствија е тесно поврзано, односно предизвикано од причината за прогласување на вонредната состојба – епидемија од Ковид -19, дека е во согласност со причината за вонредната состојба и дека трае до завршувањето на вонредната состојба – односно дека изборниот процес преку кој се остварува избирачкото право продолжува од денот на престанок на вонредната состојба. Поради тоа, мерката има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне – враќање во редовна состојба.“ …

„Оттука, во услови кога Собранието е распуштено и се распишани избори за пратеници во Собранието, а дополнително е прогласена вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија, Судот оцени дека Владата, со донесувањето на оспорената уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, не го суспендирала Собранието, како што се наведува во иницијативата, туку постапила во согласност со нејзините уставни овластувања во услови на вонредна состојба, со што не ги повредила уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.“

– На 22 мај 2020 година, Уставниот суд со Решение У.бр.74/2020 одлучи да ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/2020), иницирана исто така од Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје.

Во образложението на ова решение, Судот го наведува следното: „Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/2020). Притоа, со Решение У.бр. 42/2020 од 14 мај 2020 година, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на наведената уредба.“

„Со оглед на фактот дека за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на оваа иницијатива.“

4. Продолжувајќи ја определбата на Уставниот суд изразена во Решението У.бр.42/2020 од 14 мај 2020 година и потврдена во Решението У.бр.74/2020 од 22 мај 2020 година, Судот оцени дека „со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот според кое (!) ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба, како и дека (!) во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.“
Во конкретниот случај, продолжувањето на изборните дејствија со оспорената уредба е (1) во согласност со причините за постоење на вонредна состојба утврдени со Одлуката на претседателот на Републиката објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.159/2020 од 15 јуни 2020 година, тоа се (!) подготовка и спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, со (!) мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија на Коронавирусот COVID-19, (2) за донесување на уредби со законска сила во услови на вонредна состојба Владата има овластувања утврдени во членовите 125 и 126 од Уставот и со конкретната уредба се движела во тие уставни рамки на тој начин што (3) со оспорената уредба не се доведуваат во прашање определбите од член 54 ставови 3 и 4 од Уставот, сето тоа е (4) во функција на остварување на избирачкото право и конституирање на законодавната власт во услови на претходно распуштено Собрание на Републиката, поради што (5) оспорената уредба има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне – враќање во редовна состојба. Поради тоа, Судот утврди дека не може да се постави прашање за уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.160/2020 од 15 јуни 2020 година).

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова. Во однос на член 5 став 3 од Уредбата, Решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.213/2020
8 јули 2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати