Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницатa одржана на 8 јули 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, број 08-729/2 од 30 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.142/2020), донесена од претседателот на Република Северна Македонија.
2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот ја оспорува предметната одлука од причини што истата не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51, членот 63 и членот 125 од Уставот.
Во иницијативата подносителот наведува дека Собранието можело да се состане затоа што на пратениците не им престанал мандатот, од каде произлегувало дека претседателот на Републиката неуставно ја донел оспорената одлука, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот, а во врска со предлогот на Владата (бр.44-2329/1 од 18 март 2020 год.) и известувањето на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија (бр.09-1690/2 од 18 март 2020 год.) дека Собранието не можело да се свика, па оттука не би можело да го разгледа и претходно наведениот предлог на Владата за утврдување на постоење на вонредна состојба. Според подносителот, во ниту еден член од Уставот не пишувало дека со распуштањето на Собранието престанувал мандатот на пратениците.
Понатаму, во иницијативата е наведено дека оспорената одлука не била во согласност со член 125 став 2 од Уставот од причина што постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдувало Собранието, а не претседателот на Републиката. При една ваква ситуација, а во согласност со членот 63 од Уставот и член 15 став 4 од Изборниот законик, Собранието требало да заседава и да ја донесе предметната Одлука, а не тоа да го направи претседателот на Републиката.
Исто така, претседателот на Републиката при донесувањето на оспорената Одлука се повикал на првично доставеното известување од претседателот на Собранието бр.09-1690/2 од 18 март 2020 година кое било релевантно само за Одлуката донесена од 18 март 2020 година, при што за конкретната одлука, Владата го доставила предлогот за утврдување на постоење на вонредна состојба (бр.44-2329/4 од 30.5.2020 година) директно до претседателот на Републиката, што било спротивно на член 125 од Уставот според кој одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба по предлог на Владата донесува Собранието, а не претседателот на Републиката.
Имено, се наведува и дека оспорената одлука била нова Одлука, а не изменување и дополнување на претходно донесените одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба.
Поради наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука, а до донесување на конечна одлука да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената одлука.
3. Судот на седницата утврди дека актот означен во точката 1 од ова решение ја имал следната содржина:
Врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со предлогот на Владата на Република Северна Македонија до Претседателот на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 14 дена, заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID-19, а согласно пандемијата прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/4 од 30.5.2020 година и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година, донесувам
О Д Л У К А
ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПОСТОЕЊЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
I
Се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 14 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID-19.
II
Одлуката се донесува врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/4 од 30.5.2020 година до Претседателот на Република Северна Македонија, во кој се утврдува постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Северна Македонија и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година дека Собранието на Република Северна Македонија, согласно со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/20, не може да одржи седница.
III
Одлуката ќе му биде поднесена на Собранието на Република Северна Македонија на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
IV
За времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.
V
Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 08-729/2 Претседател на Република
30 мај 2020 година Северна Македонија,
Скопје Стево Пендаровски, с.р.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 125 став 1 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Според ставот 4 на истиот член, ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
Членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија предвидува дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, во услови кога Собранието на Република Северна Македонија е распуштено со Одлуката од 16.02.2020 година („Службен весник на Република Северна македонија“ бр.43/2020), претседателот на Републиката ја донел оспорената Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба број 08-729/2 од 30 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.142/2020), а врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот, на предлог на Владата на Република Северна Македонија.
Со членот I на предметната одлука се предвидува дека „се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 14 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID-19.“
Имајќи го во предвид наведеното, според Судот неспорно произлегува дека предметната одлука не е дел од правниот поредок и не произведува правно дејство, а дотолку повеќе што по престанувањето на важењето на истата, претседателот на Републиката донел уште една Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 159/2020) од 15 јуни 2020 година.
Врз основа на наведената фактичка состојба, а согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот утврди дека иницијативата треба да се отфрли поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата, што истовремено значи и дека нема основ за одлучување по барањето во иницијативата за донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата кои се преземени врз основа на оспорената одлука.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.204/2020
08.07.2020 гoд
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати