У.бр.167/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 6 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на Одлука број 09-2085/1 од 06.12.2019 година, донесена од Советот на Општина Гевгелија.

2. До Уставниот суд на Република Северна Македонија на 27 декември 2019 година е доставена иницијатива од Приватната здравствена установа – Поликлиника на примарно ниво А-Е-Медика од Скопје преку полномошникот Адвокатско друштво Шилегов и партнери од Скопје, за оценување на законитоста на детален урбанистички план за централно градско подрачје дел од блок 1 (1.1) на Општина Гевгелија.

Во иницијативата не е наведено која одлука се оспорува, број, датум, доносител на одлуката, службен гласник каде е таа објавена, односно не е наведен оспорен акт.

Со писмо У.бр.167/2019 од 02.01.2020 година Судот побара од Адвокатското друштво Шилегов и партнери, да ја прецизира иницијативата, кој е актот кој го оспорува, односно одлуката со број, датум и доносител, како и да даде аргументи за постапката на донесување на планот за којашто смета дека е во спротивност на закон.

На 24.01.2020 година Адвокатското друштво Шилегов и партнери, го извести Судот по повод барањето за прецизирање на иницијативата и даде прецизирање дека ја оспорува законитоста на Одлука бр.09-2085/1 од 06.12.2019 година донесена од Советот на Општина Гевгелија со која бил донесен Детален урбанистички план – дел од блок 1 (1.1), централно градско подрачје на Општина Гевгелија (плански период 2015-2020).

Со писмо У.бр.167/2019 од 29.01.2020 година, Судот се обрати до Советот на Општина Гевгелија, со барање на одговор и списи по повод поднесената иницијатива за оценување на законитоста на Одлука број 09-2085/1 од 06.12.2019 година со која бил донесен Детален урбанистички план за централно градско подрачје дел од блок 1 (1.1) на Општина Гевгелија.

На 19.02.2020 година, од Општината Гевгелија се доставени списи, од кои меѓу другото се гледа дека Советот на Општина Гевгелија донел Одлука број 09-1776/1 од 31.10.2019 година за донесување на Детален урбанистички план за дел од блок 1 1.1 централно градско подрачје Општина Гевгелија плански период 2015-2020.

Со писмо У.бр.167/19 од 24.02.2020 година, Судот побара одговор од Советот на општина Гевгелија, дали постои Одлука бр.09-2085/1 од 06.12.2019 година донесена од Советот на Општина Гевгелија со која е донесен детален урбанистички план кој се оспорува со иницијативата, со оглед на тоа што од доставените списи се гледа дека Советот на Општина Гевгелија донел Одлука со број и датум (број 09-1776/1 од 31.10.2019 година) која нема врска со оспорената одлука со иницијативата. Воедно, доколку има урбанистички план донесен во согласност со прецизираната иницијатива со која се оспорува Одлука бр.09-2085/1 од 06.12.2019 година истата да му се достави на Судот и списите од постапката за донесување на планот.

Со писмо од 03.03.2020 година, Општина Гевгелија го извести Судот дека не постои Одлука бр.09-2085/1 од 06.12.2019 година, донесена од Совет на Општина Гевгелија со која бил донесен детален урбанистички план за централно градско подрачје дел од блок 1 (1.1) Општина Гевгелија и таква одлука не е донесена од Советот на Општина Гевгелија.

3. Согласно член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис и друг општ акт содржи: означување на законот, прописот или општиот акт, односно одделни негови одредби што се оспоруваат, причини за нивното оспорување, одредбите од Уставот, односно законот што се повредуваат со тој акт и името, односно називот и седиштето на подносителот на иницијативата.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ја предвид иницијативата, утврдената фактичка состојба и деловничките одредби, Судот оцени дека се настапени деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата.

Ова поради тоа што со иницијативата се оспорува одлука бр.09-2085/1 од 06.12.2019 година за донесување на детален урбанистички план која не постои. Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува акт со кој не е донесен детален урбанистички план, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.167/2019
06.05.2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати