У.бр.158/2023


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.158/2023
Скопје, 25.10.2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 25 октомври 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 49-б алинеја 2 од Статутот на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ 16/2005, 8/2010, 17/2011, 18/2013, 13/ 2014, 1/2015 и 12/2015)

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на одредбата означена во точката 1 од ова решение.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението, затоа што пред Судот, со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека член 49-б алинеја 2 од Статутот на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ 16/2005, 8/2010, 17/2011, 18/2013, 13/ 2014, 1/2015 и 12/2015) предвидува дека Комисијата за прописи и административни работи ги разгледува барањата за давање автентични толкувања и изготвува предлози на автентични толкувања на одлуките и други општи акти што ги донесува Советот.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставувањето на владеењето на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување на уставноста на закон, односно уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт.

Согласно член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Согласно член 1 од Статутот е уредено дека Град Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, е основан и неговото подрачје е утврдено со Законот за Град Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/04 и 158/11). Во став 2 од истиот член е утврдено дека подрачјето на Град Скопје го сочинуваат подрачјата на општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари, основани со Законот за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 55/04).

Според член 2 е утврдено дека со Статутот на Град Скопје, во согласност со закон, се уредуваат организацијата и работата на органите на Град Скопје, составот и работењето на комисиите на Советот на Град Скопје, вршењето на работите согласно со начелото на супсидијарност, начинот на информирање на граѓаните и слободниот пристап до информации од јавен карактер, случаите на исклучување на јавноста од седниците на Советот на Град Скопје, начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на Град Скопје и постапувањето по нив, начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните, начинот на објавувањето на прописите на Советот, начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба, начинот на извршување на обврските од областа на безбедноста, заштитата и спасувањето во услови на кризни состојби и елементарни непогоди, начинот и постапката за утврдување на грбот и знамето на Град Скопје како и други прашања од значење за Град Скопје.

Согласно член 3 од Статутот е утврдено дека определени прашања поврзани со остварувањето на надлежностите, процедурите за работа и одлучување во Советот на Град Скопје, поблиску се уредуваат со деловник на Советот на Град Скопје (во натамошниот текст: деловник). Додека во ставот 2 од овој член е уредено дека деловникот го донесува Советот на Град Скопје (во натамошниот текст: Совет), со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

Постапувајќи по оформениот предмет, Судот утврди дека Советот на Град Скопје согласно член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, го донесува статутот на Град Скопје и други прописи, односно дека согласно член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Што се однесува до Статутот на Град Скопје, неспорно е дека Советот на Град Скопје е надлежен да го донесува, притоа законодавецот во член 7 став 2 од Законот за локалната самоуправа уредил дека предмет на уредување со статутот на општината е организацијата и работењето на органите на општината, организацијата и работењето на комисиите на советот, вршењето на работите од членот 20 на овој закон, начинот на информирање на граѓаните, случаите на исклучување на јавноста од седниците на советот, начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на општината и постапување по нив, начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните, начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба, како и други прашања од значење за локалната самоуправа.

Во конкретниот случај, предмет на уредување со Статутот на Град Скопје, е автентично толкување на општи акти утврдено согласно член 49-б алинеја 2, иако од Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување на Советот на Град Скопје да ги разгледува барањата за давање автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се предвиди автентично толкување на општи акти, од кои причини Уставниот суд согласно член 14 став 1 од Деловникот на Судот по сопствена иницијатива го покрена прашањето за уставноста и законитоста на член 49-б алинеја 2 од Статутот на Град Скопје со оглед дека нивното уредување во член 49-б алинеја 2 од Статутот на Град Скопје, е без законски основ, следствено и спротивно на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, член 51 од Уставот според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, ниту пак е во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Со оспорената одредба од Статутот на Град Скопје, Советот на Град Скопје ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, во однос на кои Судот изразува сомнеж за нивната уставност и законитост, за Судот, тоа е доволна причина да го покрене прашањето и за уставноста и законитоста на конкретно даденото автентично толкување.

Имајќи го предвид сето погоре изнесено, пред Судот основано се постави прашањето за уставноста и законитоста на член 49-б алинеја 2 од Статутот на Град Скопје. Поради можноста од настанување на штетни последици, а согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи да ја запре примената на спорните одредби од Статутот на Град Скопје, како и да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените акти со иницијативата, до донесувањето на конечната одлука.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска