У.бр.15/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 31 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

а) Заклучоците внесени во точката 35 на Записникот од 142-та седница на Владата на Република Македонија, донесени од Владата на Република Македонија на 24 јуни 2013 година, и

б) Одлуката, бр.02-522/3, донесена од Управниот одбор на Јавната установа Национален парк Галичица во Охрид на 2 септември 2013 година.

2. Еколошкото друштво на граѓани „Фронт 21/42“ од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се изнесува содржината на заклучоците 1, 2, 4, 14, 15, 16 и 17, кои биле внесени „во точка 35 од Извадокот од нацрт-записникот од Сто четириесет и втората седница на Владата на Република Македонија, одржана на 24.06.2013 година“ во врска со Информацијата за изработка на Урбанистичка планска документација за туристичко-развојна зона Стење, КО Стење и туристичко-развојна зона Отешево, КО Отешево, и со тие заклучоци (1) се задолжува Јавната установа Национален парк Галичица во најкус рок да донесе одлука за изменување на Планот за управување со Националниот парк во насока да се овозможи градба во опфатите на тие две зони, (2) да спроведе јавна набавка на консултантски услуги за изготвување на студија за ревалоризација до 30 јуни 2013 година, (3) да донесе одлука за дополнување на измените на Планот за управување со Националниот парк до 30 октомври 2013 година, (4) се укажува на Јавната установа до јануари 2014 година да подготви и достави измени на Планот за управување во насока на овозможување на изградба на скијачки центар, изградба на новопроектираниот патен правец А3 Охрид-Свети Наум, градба во опфатот на туристичко-развојните зони КО Љубаниште, Општина Охрид, Стење, КО Стење и Отешево, КО Отешево, (5) се укажува на Агенцијата за просторно планирање во рок од седум дена да достави до Јавната установа Национален парк Галичица плански опфат за туристичко-развојната зона Љубаништа и (6) се укажува на АД МЕПСО во рок од седум дена до Јавната установа Национален парк Галичица да достави плански опфат за скијачкиот центар во Националниот парк Галичица. Потоа, во иницијативата се наведува дека врз основа на овие заклучоци од Владата на Република Македонија, Управниот одбор на Јавната установа Национален парк Галичица ја донел оспорената одлука и со неа определил да се пристапи кон постапка за измени на Планот за управување со Национален парк Галичица за периодот 2011-2020 година во насока да се овозможи градба во опфатите на наведените две туристичко-развојни зони (член 1), па доколку од Владата на Република Македонија дополнително се добијат задолженија – заклучоци во насока на овозможување на изградба на скијачки центар во Национален парк Галичица или изградба на новопроектираниот патен правец А3 Охрид-Свети Наум или градба во опфатот на туристичко-развојната зона Љубаништа, КО Љубаништа, Општина Охрид, тие заклучоци да бидат вклучени во постапката за измени на Планот за управување со Национален парк Галичица (член 2), а со Одлуката било определено и задолжување за Јавната установа Национален парк Галичица Охрид веднаш да го извести Министерството за финансии за можните финансиски импликации по Буџетот на Република Македонија кои произлегуваат од спроведувањето на оваа одлука (член 3).

Според наводите во иницијативата, оспорените акти не биле во согласност со темелните вредности владеење на правото и поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска определени во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија и со разработката на тие вредности предвидена во членовите 51 и 52, како и во член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, ниту пак биле во согласност со темелната вредност заштита и унапредување на животната средина и на природата определена во член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и со нејзината разработка во член 43, член 55 став 3 и член 56 став 1 од Уставот, со оглед дека оспорените подзаконски акти не биле донесени врз основа и во функција на спроведување на соодветните закони. Оспорените заклучоци не биле донесени ниту врз основа на член 35 и на член 36 став 7 од Законот за Владата на Република Македонија, како ни врз основа на член 1 и член 3 точка 3 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/1999 и 43/2002) иако се тие подзаконски правила кои се донесуваат за извршување на законите и кои мора да се објават. Покрај тоа, оспорените акти не биле донесени во постапка пропишана за заштитени подрачја и природни реткости и нивна валоризација определени во членовите 1, 6, 16, 72-74, 92, 93, 98, 100, 104-107 и 117 од Законот за заштита на природата („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2004, 14/2006, 84/2007, 35/2010, 47/2011, 148/2011, 59/2012, 13/2013, 163/2013, 41/2014, 146/2015, 39/2016 и 63/2016), не биле почитувани законските одредби дека Галичица има биолошка и пределска разновидност од исклучително значење кое се заштитува и што било определено во членовите 1 и 9-13 од Законот за прогласување на дел од планината Галичица за национален парк („Службен весник на Република Македонија“ бр.171/2010), ниту пак биле почитувани одредбите дека туристичко-развојна зона е посебно ограден и означен простор формиран за развој на туризмот со највисоки еколошки стандарди и во кој се вршат дејности под законски услови, што било определено во членовите 4, 10 и 32 од Законот за туристички развојни зони („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2012).

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата предлага укинување или поништување на оспорените заклучоци на Владата на Република Македонија, содржани во точката 35 од 142-та седница одржана на 24 јуни 2013 година, и на Одлуката на Управниот одбор на Јавната установа Национален парк Галичица, бр.02-522/3 од 2 септември 2013 година, поради неуставност и незаконитост. Претходно, се предлага, Уставниот суд да ги запре од извршување поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените прописи, бидејќи би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици и штети на просторот, животната средина и на природата.

Дополнително, подносителот на иницијативата достави два други акти во функција на разгледување на уставноста и законитоста на оспорените акти. Тоа се: Извештај на заедничката мониторинг мисија на УНЕСКО од 2017 година за состојбата на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион 2017, како и Одлука 41 COM 7B на Комитетот на светско наследство на УНЕСКО.

3. Судот на седницата утврди дека од наводите во иницијативата во врска со оспорените заклучоци произлегува дека предмет на проблематизирање се заклучоци внесени во точката 35 од Извадокот на Нацрт-записникот од седница на Владата на Република Македонија одржана на 24 јуни 2013 година и кои биле внесени во врска со Информацијата за изработка на Урбанистичка планска документација за туристичко-развојна зона Стење, КО Стење и туристичко-развојна зона Отешево, КО Отешево.

Покрај тоа, од наводите во иницијативата произлегува дека со заклучоците се задолжува Јавна установа Национален парк Галичица во утврдени рокови да преземе определени дејствија (да донесе одлука за измена на Планот за управување со Паркот за да се гради во туристичко-развојни зони Стење и Отешево и да спроведе јавна набавка на консултантски услуги за изработка на студија за ревалоризација, сето тоа до 30 јуни 2013 година, потоа да донесе одлука за дополнување на измените на Планот за управување со Паркот до 30 октомври 2013 година и со него да се овозможи градење на скијачки центар, патен правец А3 Охрид-Свети Наум и да се гради во туристичко-развојната зона Љубаниште, тоа до јануари 2014 година) и се укажува на Агенцијата за просторно планирање и на АД МЕПСО во утврдени рокови исто така да преземат определени дејствија (двата субјекти да достават до Јавната установа Национален парк Галичица определени акти-Агенцијата, плански опфат за туристичко-развојната зона Љубаништа во рок од седум дена, и АД МЕПСО, плански опфат за скијачкиот центар во Националниот парк Галичица во рок од седум дена).

Во врска со оспорената одлука на Управниот одбор на Јавната установа Национален парк Галичица, Судот утврди дека во членот 1 од Одлуката се определува „да се пристапи кон постапка за измени на Планот за управување со Национален парк Галичица за периодот 2011-2020 година во насока да се овозможи градба во опфатите за туристичко развојна зона Стење, КО Стење и туристичко развојна зона Отешево, КО Отешево, Општина Ресен.“ Според член 2 од Одлуката, „доколку пред отпочнувањето на постапката за измени на Планот за управување со Национален парк Галичица за периодот 2011-2020, од страна на Владата на Република Македонија се добијат дополнителни задолженија – заклучоци за измени во насока на овозможување на изградба на скијачки центар во Национален парк Галичица или изградба на новопроектираниот патен правец А“ Охрид-Свети Наум или градба во опфатот на туристичко развојната зона Љубаништа, КО Љубаништа, Општина Охрид, истите да бидат вклучени во постапката за измени на Планот за управување со Национален парк Галичица за периодот 2011-2020.“ Со членот 3 од Одлуката „се задолжува Јавната установа Национален парк Галичица Охрид веднаш да го извести Министерството за финансии во врска со можните финансиски импликации по Буџетот на Република Македонија кои произлегуваат од спроведувањето на оваа одлука, а во врска со финансискиот и проектниот договор меѓу KfW, FrankfurtamMain, Владата на Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии и Јавната установа Национален парк Галичица, Програма „Прекуграничен биосферен резерват Преспа“, Подршка за Национален парк „Галичица“.“ Според член 4, „оваа одлука влегува во сила на денот на донесувањето.“

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниотсуд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите со Уставот и со законите, а од изнесената одредба од Деловникот на Уставниот суд произлегува дека Судот ќа ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за неа.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека оспорените заклучоци не претставуваат пропис ниту по основ на формата, ниту по основ на нивната содржина со оглед дека не уредуваат односи на општ начин за неопределени субјекти, поради што Уставниот суд не е надлежен да одлучува за нивната уставност и законитост.

Во однос на оспорената одлука, Судот исто така оцени дека нејзината содржина нема норми со кои на општ начин се уредуваат односи за неопределени субјекти, поради што Одлуката не е пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот.

Од тие причини, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата како во однос на оспорените заклучоци, така и во однос на оспорената одлука.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.15/2017
31 јануари 2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски