У.бр.144/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на:

– уставноста на член 105 став 4 од Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015 и 27/2016) и
– уставноста и законитоста на Спогодбата за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството („Службен весник на Република Македонија“ бр.119/2015).

2. Занаетчиската комора Скопје, преку претседателот на Комората, Никола Петров од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 105 став 4 од Законот за работните односи и уставноста и законитоста на Спогодбата, означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека бара оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член 105 став 4 (цитирана е целата одредба) од Законот за работните односи, со појаснување дека занаетчиите, регистрирани во занаетчиските регистри, имале законски обврски со кои секојдневно се судрувале при вршењето на дејноста. Една од поголемите обврски и големо финансиско оптоварување била исплатата на регресот за годишен одмор за вработените во занаетчиските бизниси, а за случаите кога регресот немало да биде исплатен биле пропишани високи казни.

Спогодбата за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството („Службен весник на Република Македонија“ бр.119/2015) не била постигната со целото стопанство, односно занаетчиите не биле вклучени во договарањето за исплата на регресот за годишен одмор, но биле опфатени со обврската за исплата. Доколку занаетчиите сметале дека вработените заслужиле да бидат наградени имале можност тоа да го реализираат преку плаќање на награди, платени доедукации и обука на вработените.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитираат член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и став 2, членовите: 9, 50, 51 и 55 од Уставот и се наведува дека со обврската за исплата на регрес за годишен одмор се повредувало начелото на еднаквост, затоа што вработените во државната администрација не добивале регрес за годишен одмор, наспроти вработените во приватниот сектор.

Според подносителот на иницијативата исплатата на регресот за годишен одмор ги зголемувала трошоците на работење на занаетчиите кои се судрувале со проблеми како што се: дефицит на работна сила и одлевање на стручно оспособени и пријавени работници. Исплатата на регресот финансиски ги оптоварувала занаетчиите и била дополнителен трошок за занаетчискиот бизнис.

Врз основа на сето наведено подносителот на иницијативата бара Уставниот суд по спроведената постапка за оценување на уставноста и законитоста да ги ослободи занаетчиите од оваа законска обврска која била само финансиско оптоварување кое не водело кон развој, туку кон отежнување на опстанокот на занаетчиите.

3.Судот на седницата, утврди дека, според член 105 став 4 од Законот за работните односи, работодавачот може на работникот да му исплати 13-та плата, доколку работодавачот има можност да ја исплати.

Врз основа на член 204 став 1 точка 1 и член 216 од Законот за работните односи (Пречистен текст „Службен весник на Република Македонија“ бр. 74/2015), член 64 и член 70 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (Пречистен текст „Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2014), Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија, на ден 13.07.2015 година, склучиле

Спогодба за изменување и дополнување на Општиот
Колективен договор за приватниот сектор од областа на
стопанството („Службен весник на
Република Македонија бр.119/2015)

Во членот 1 од Спогодбата е определено дека, во членот 35 став 1 алинејата 7 се менува и гласи:

– „Регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.

Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор.

Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината. Износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата.

Кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор.

Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците“.

Според членот 2 од Спогодбата, измените и дополнувањата согласно оваа спогодба и сите останати одредби на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството продолжуваат да важат 2 години од денот на објавувањето на измените и дополнувањата во „Службен весник на Република Македонија“.

Во членот 3 од Спогодбата е определено дека, потписниците на овој колективен договор се согласни да отпочнат преговори за негови измени и дополнувања во рок од 3 месеци од објавувањето на Спогодбата за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството во „Службен весник на Република Македонија“.

Според членот 4 од Спогодбата, истата се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

На 13 јули 2015 година Организацијата на работодавачи на Македонија ја завела Спогодбата под бр.0101-31, а Сојузот на синдикатите на Македонија ја завел под бр. 03.02-292/1.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Макдонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно негови одделни одредби и законитоста на пропис или друг општ акт, меѓу другото, треба да содржи причини за нивното оспорување и означување на актот што се повредува.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Репубика Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај со иницијативата се бара поведување на постапка за оценување на уставноста, меѓу другото и на член 105 став 4 од Законот за работните односи, при што во иницијативата не се содржани посебни причини во што се состои неуставноста на оваа законска одредба. Доколку пак подносителот на иницијативата сметал дека во оваа одредба е содржан законскиот основ за исплата на регресот за годишен одмор, кој е главна и единствена проблематика што се покренува во иницијативата, Судот утврди дека оваа законска одредба не може да се доведе во релација со наведениот надоместок.

Имено, во член 104 став 5 од Законот за работните односи е дадена можност, а не обврска за работодавецот да му исплати 13-та плата на работникот. Значи се работи за можност за исплата на плата, а не на надоместок од плата, како што е регресот за годишен одмор. Оттаму оваа одредба не може да претставува законски основ за исплата на наведениот регрес.

Надоместок за годишен одмор, кој е подетално уреден во оспорениот член 1 од Спогодбата за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството („Службен весник на Република Македонија“ бр.119/2015) се оспорува од причини што за занаетчиите претста-вувал финансиско оптоварување, тие не биле вклучени во колективното договарање, како и од причина што ваквото уредување не се однесувало на државната администрација која не добивала регрес за годишен одмор.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд определена во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, произлегува дека финансискиот ефект од исплатата на ваков вид надоместок или пак вклученоста на конкретен субјект во колективното договарање не се аспекти од надлежност на Судот. Тоа се практични аспекти поврзани со примената на колективните договори или пак постапката во нивното склучување.

Судот, исто така, нема надлежност да навлегува во меѓусебната оцена на согласноста на одделни одредби од Општиот колективен договор за приватниот сектор со одредби од Општиот колективен договор од јавниот сектор, како акт од ист правен ранг. Имено, правото на исплата на регрес за годишен одмор не е право уредено со Законот за работните односи, туку истото е предмет на уредување во наведените општи колективни договори. Оттаму, наводот за нееднаквост во правата помеѓу вработените во приватниот и јавниот сектор доколку се разгледува преку неговата уреденост во договорите се сведува на барање за оценување на меѓусебна усогласеност на двата колективни договори што не спаѓа во надлежност на Судот.

Во секој случај, членот 12 став 3 од Законот за работните односи определил дека, со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон, а според член 12 став 4 од истиот закон, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Од натамошната анализа на наводите од иницијативата кои се однесуваат на оспорената спогодба Судот утврди дека во иницијативата не е содржано означување на законот кој би бил повреден со оспорената спогодба.

Судот, врз основа на направената анализа произлегува дека во иницијативата дел од наводите се однесуваат на прашања за кои Уставниот суд не е надлежен да одлучува, како и тоа дека недостасуваат причини за натамошна уставно-судска оцена, од каде оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.144/2017
2 мај 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски