У.бр.125/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 октомври 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точка 5 од Упатството за платено политичко рекламирање за Локалните избори 2021 бр.01-3457/1 од 21.09.2021 година, донесено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

2. Политичката партија „Левица” од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Подносителот на иницијативата ја оспорува точката 5 од Упатството за платено политичко рекламирање за Локалните избори 2021 број 01-3457/1 од 21 септември 2021 година како подзаконски општ правен акт, донесен од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот акт е спротивен на членовите 9, 51 и член 8 став 1 алинеи 3 и 5 од Уставот на Република Северна Македонија, како и спротивен на член 71 ставови 1 и 3, член 75-ѓ ставови 1 и 12, член 76-д став 5 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 40/2006, 127/2006, 136/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 32/2014, 31/2015, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 57/2017, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019, 146/2019, 42/2020, 72/2020,  160/2020, 74/2021, 215/2021).

Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот акт противправно овозможува фаворизирачка улога на „Независни кандидати” од група избирачи за општините и Градот Скопје, кои биле поддржани од подносителите на листи – политичките партии иако немале официјален договор за коалицирање.

Со член 75-ѓ ставови 1 и 12 и член 76-д став 5 се врши јасна дистинкција на учесниците во изборната кампања, па согласно тоа се врши процентуална распределба на рекламниот простор на електронските и печатените медиуми наменет за платено политичко рекламирање на учесниците во изборната кампања, како и финансиските средства обезбедени за учесниците од Буџетот на Република Северна Македонија за таа намена.

Согласно утврдената законска распределба, независните кандидати поддржани од група избирачи влегуваат во последната категорија и не може да добијат повеќе од 3% од средствата, рекламниот простор, ниту повеќе од 30 секунди на секој час емитувана програма, со тоа што Изборниот законик не врши правно одвојување, дистинкција на независните кандидати во зависност од поддршката, напротив, децидно и јасно ги вклучува сите во една категорија, а сето тоа во насока да го задоволи еден од основните принципи – начела на недискриминација т.е. забрана на секаков вид на дискриминација, согласно член 9 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во понатамошниот текст на иницијативата, се наведува дека оспорениот акт, во точката 5, дозволува противправно екстензирање на распределбата на наведениот законски утврден рекламен простор и финансиски средства, притоа овозможувајќи фаворизирачка позиција на кандидати од група избирачи за општините и Град Скопје кои биле поддржани од подносителите на листи, пред останатите независни кандидати кои немале таква поддршка.

Според подносителот на иницијативата, Изборниот законик не познавал институт – неформална „Јавно декларирана поддршка”, туку само формален писмен „Договор за коалиција”.

Во член 71 ставови 1 и 3 од Изборниот законик детално бил уреден начинот на кој функционира дозволената и пропишана соработка, т.е. заедничкиот настап на политичка партија и независен кандидат од група избирачи. Официјализирањето на заедничкиот настап на наведените субјекти се предвидува единствено и само во форма на писмен договор за коалиција, од кој произлегуваат позитивно-правни и финансиски права и должности за субјектите.

Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот акт, во точката 5, повторно го екстензира опфатот на наведената одредба од Изборниот законик и дозволува неформално јавно декларирана поддршка за независен кандидат од страна на политичка партија или коалиција, противправно да може да ги користи законските права кои произлегуваат за ист таков кандидат поддржан со писмен договор за коалиција од страна на политичка партија. Всушност, противправно се спушта законски предвидениот минимум потребен за меѓусебен настап на изборите на обична „Неформално јавно декларирана поддршка” – институт непознат во Изборниот законик и Уставот на Република Северна Македонија.

Според подносителот на иницијативата конкретниот побиван акт апсолутно го нарушува системот на нормативна хиерархија и овозможува заобиколување на предвидените уставни и законски норми, па со тоа е спротивен  на член 51 од Уставот. На овој начин, непотребно  и длабоко се подрива конзистентноста на уставниот поредок и согласноста на текстови кои треба да градат непротивречен правен систем во една функционална правна држава (герм. Rechsstaat). Таквата подзаконска регулатива е нејасна, неприменлива во пракса и создава неконзистентност на правните прописи од ист и различен ранг.

Оттука, оваа конструкција на оспорениот подзаконски акт, неосновано и дрско го руши концептот на владеењето на правото, како темелна вредност на нашиот уставен поредок, гарантиран во член 8 од Уставот.

Во понатамошниот текст на иницијативата, подносителот смета дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги нема мандат со подзаконски акт да воведува нов институт „Неформално јавно декларирана поддршка”, туку само да го операционализира и доуреди законски предвидениот институт „Формален писмен договор за коалиција”, бидејќи правно невозможно е таквото супстанцијално прашање самоволно да се третира со интервенирање преку подзаконски акт, а не со менување на матичниот закон, па на тој начин се создава правна пукнатина и се нарушува конзистентноста на уставниот концепт на статусна уставност, vis a vis принципот на владеењето на правото.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот акт е спротивен на членовите 9, 51 и член 8 став 1 алинеи 3 и 5 од Уставот на Република Северна Македонија, како и спротивен на член 71 ставови 1 и 3, член 75-ѓ ставови 1 и 12, член 76-д став 5 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 40/2006, 127/2006, 136/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 32/2014, 31/2015, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 57/2017, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019, 146/2019, 42/2020, 72/2020, 160/2020, 74/2021, 215/2021).

Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата бара комплетно поништување, т.е. целосна касација со ретроактивно дејство (лат. Ex tunc = „оттогаш”) или укинување со дејство (ex nunc = „отсега” за во иднина), на побиваниот правен акт во наведените делови, по сопствена проценка, Судот да донесе конечна и мериторна одлука, од причини што, основано смета дека постојат неостранливи формално-правни и материјално-правни причини за неговата ништовност и рушливост, кои се во директна спротивност со Уставот, Изборниот законик и Законот за аудио и аудиовизулени медумски услуги на Република Северна Македонија. Поради неговото ефективно извршување во пракса, се предизвикуват тешко остранливи и штетни последици по правната сигурност на граѓаните, слободните непосредни и демократски избори, врз основните граѓански и политички слободи и права гарантирани со Уставот, па согласно член 27 од Деловникот, во иницијативата се бара изрекување на времена мерка, односно Судот да донесе привремено решение за запирање на извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот подзаконски правен акт.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената точка 5 од Упатството за платено политичко рекламирање за Локалните избори 2021 бр.01-3457/1 од 21.09.2021 година, донесено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, е со следната содржина: „Подносителите на листи кои јавно декларираа поддршка на кандидати од група избирачи за општините и за Градот Скопје, а во кои немаат свои кандидати, можат дел од своето закупено време за ППР да користат за рекламирање на овие кандидати, притоа јасно означувајќи дека тие се нарачатели на рекламирањето, а не кандидатите што ги поддржуваат“.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, јасно е предвидено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Врз основа на член 18 став 1 алинеја 22 и член 20 став 1 алинеја 15 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија” бр. 184/13, 13/14, 44/14, 101/14, 132/14, 142/16, 132/17, 168/18, 248/18 и 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 42/20 и 77/21), член 15 став 1 алинеја 19 и член 39 став 1 алинеја 15 од Деловникот за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Пречистен текст) бр.01-3732/1 од 29.07.2019 година, а во врска со член 76-в став 1 и член 75-ѓ ставови 1 и 2 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр.40/06, 136/08, 44/11, 51/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 140/18, 208/18 и 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.98/19, 42/20, 74/21 и 215/21), согласно Заклучокот бр. 02-3434/2 од 21.09.2021 година, Советот на Агенцијата на својата 27. седница одржана на 21.09.2021 година го донел Упатството за платено политичко рекламирање за Локалните избори 2021 бр.01-3457/1 од 21.09.2021 година.

Упатството за платено политичко рекламирање за Локалните избори 2021 година, како што посочува и самиот наслов, се применува исклучиво за Локалните избори во 2021 година и во иднина нема да се применува, така што истото нема да произведува правно дејство.

Од вака утврдената фактичка состојба произлегува дека оспорената одредба од Упатството има темпорален, времен карактер, со важност до крајот на Локалните избори 2021 година и дека е исцрпена во примената со што повеќе не е во важност. Поради тоа, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.125/2021
5 октомври 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска