У.бр.12/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.12/2024
Скопје, 28.05.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 28 мај 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 40 алинеја 4 од Деловникот на Советот на Град Скопје заведен под број 07-5204/1 од 13 декември 2011 година и објавен во „Службен гласник на Град Скопје“ број 17/2011 од 19 декември 2011 година.

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 40 алинеја 4 од Деловникот на Советот на Град Скопје заведен под број 07-5204/1 од 13 декември 2011 година и објавен во „Службен гласник на Град Скопје“ број 17/2011 од 19 декември 2011 година.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

На работниот состанок одржан на ден 25 декември 2023 година, Уставниот суд, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Судот, одлучи по сопствена иницијатива да оформи предмет за оценување на согласноста на оспорениот акт, со одредбите на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Град Скопје, врз основа на член 3 од Статутот на Град Скопје „Службен гласник на Град Скопје“ бр.16/2005, 8/2010 и 17/2011 од 13 декември 2011 година, на педесет и четвртата седница одржана на 13 декември 2011 година донел Деловник на Советот на Град Скопје кој содржи 17 глави во кои се содржани 170 члена.

Согласно со член 40 алинеја 4, член на советот има право на седниците на советот, помеѓу другото, да поднесе барање за давање автентично толкување на прописите.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Согласно со член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Во предметот којшто беше оформен од Уставниот суд се оспорува уставноста и законитоста на член 40 алинеја 4 од Деловникот на Советот Град Скопје заведен под број 07-5204/1 од 13 декември 2011 година и објавен во „Службен гласник на Град Скопје“ број 17/2011 од 19 декември 2011 година.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Постапувајќи по предметот оформен од Уставниот суд, Судот утврди дека Советот на Град Скопје, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, го донел оспорениот деловник.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Град Скопје го донесува Статутот на Град Скопје и други прописи, а согласно член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

При таква фактичка состојба, недвосмислено произлегува дека Советот на Град Скопје, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел Деловникот на Советот на Град Скопје, во кој во член 40 алинеја 4 е содржано оспореното автентично толкување.

Во конкретниот случај станува збор за прашање, коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите. Од уставно-судската анализа произлегува дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување и ваков правен институт не може да биде уреден со деловник или статут.

Со оглед на фактот дека автентичното толкување е уредено во наведените одредби на Деловникот, со што Советот на Град Скопје ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, во однос на кои Судот изразува сомнеж за нивната уставност и законитост, е доволна причина за Судот да го покрене прашањето за уставноста и законитоста на оспорените одредби.

Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот со основ изрази сомнеж за законитоста на член 40 алинеја 4 од Деловникот на Советот на Град Скопје, вклучително и за неговата согласност со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

Поради можноста од настанување штетни последици, а согласно со член 27 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи да ја запре примената на оспорените одредби од Деловникот на Град Скопје, како и да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби, до донесувањето на конечната одлука.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска