У.бр.105/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 17 ноември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на делот II. Биро за јавна безбедност, точка 2 алинеи 2 и 3 од Листата на работни места во Министерството за внатрешни работи за кои при распоредување на работниците не се спроведува транспарентна постапка, утврдена од министерот за внатрешни работи и претседателот на Македонски полициски синдикат, заверена во Министерството за внатрешни работи под број 13.1-73918/1 од 30.07.2021 година и заверена од Македонскиот полициски синдикат под број 03-718/1 од 30.07.2021 година.

2. Синдикатот на полицијата во Македонија, од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одредбите од Листата на работни места во Министерството за внатрешни работи за кои при распоредување на работниците не се спроведува транспарентна постапка, означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби од Листата, биле во спротивност со член 22 и член 26 од Законот за полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/06, 148/08, 6/09, 145/12, 41/14, 33/15, 31/16, 106/16, 120/16, 21/18, 21/18 и 64/18).

Имено, со делот II. Биро за јавна безбедност, точка 2 алинеи 2 и 3 од наведената листа на работни места, било наведено дека транспарентна постапка за распоредување не се спроведува за работните места:
– началник во Сектор за внатрешни работи и
– началник на Регионален центар за гранични работи.

Меѓутоа, со член 22 став 3 од Законот за полиција било пропишано дека началникот на секторот за внатрешни работи го назначува и разрешува министерот од редот на вработените, во транспарентна постапка.

Со член 26 став 4 од Законот за полиција, било пропишано дека началникот од став 2 на овој член (началник на регионален центар за гранични работи) го назначува и разрешува министерот од редот на вработените, во транспарентна постапка, во согласност со подзаконските акти на министерот.

Оттука, за да може да биде поставен началник на сектор за внатрешни работи или началник на регионален центар за гранични работи на наведените позиции потребен бил интерен оглас – транспарентна постапка.

Поради наведеното, со иницијативата се бара од Уставниот суд да ја утврди законитоста на наведените оспорени одредби и да ги укине како спротивни на одредбите од Законот за полиција.

3. Судот на седницата утврди дека според Листата на работни места во Министерството за внатрешни работи за кои при распоредување на работниците не се спроведува транспарентна постапка, во делот II. Биро за јавна безбедност, точка 2 алинеи 2 и 3, транспарентна постапка за распоредување на работник не се спроведува и за работните места: началник во Сектор за внатрешни работи и началник на Регионален центар за гранични работи.

4. Согласно со членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со доставената иницијатива се бара оценување на законитоста на делот II. Биро за јавна безбедност, точка 2 алинеи 2 и 3 од Листата на работни места во Министерството за внатрешни работи за кои при распоредување на работниците не се спроведува транспарентна постапка, утврдена од министерот за внатрешни работи и претседателот на Македонскиот полициски синдикат, заверена во Министерството за внатрешни работи под број 13.1-73918/1 од 30.07.2021 година и заверена од Македонскиот полициски синдикат под број 03-718/1 од 30.07.2021 година.

Имајќи ги предвид уставно пропишаните надлежности на Уставниот суд, наспроти содржината на оспорениот акт, Судот оцени дека не е надлежен да постапува по барањето изнесено во иницијативата.

Поаѓајќи од правните елементи коишто го определуваат прописот во смисла на член 110 од Уставот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите на општ начин и да се однесува на неопределен круг на субјекти во правото, произлегува дека оспорената листа на работни места во Министерството за внатрешни работи за кои при распоредување на работниците не се спроведува транспарентна постапка, претставува интерен акт за организација на работењето на Министерството за внатрешни работи наменет за службените лица вработени во Министерството, поради што нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не е подобен за уставно-судска оцена.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, поради ненадлежност на Судот.

Дополнително, Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат, го известија Уставниот суд (акт на Министерството за внатрешни работи, Рег,бр.13.1.1-98539/1 од 27.10.2021 година и акт на Македонскиот полициски синдикат, бр.03-1031/2 од 29.10.2021 година), дека на 20.09.2021 година, двете страни потпишале Листа за изменување на Листата на работни места во Министерството за внатрешни работи за кои при распоредување на работниците не се спроведува транспарентна постапка (бр.13.1.1-86803/1 од 20.09.2021 година и бр. 03-875/1 од 20.09.2021 година), со која во делот II, точка 2, алинеите 2 и 3 се бришат, со што е апсолвирано прашањето што е предмет на иницијативата, а наведената листа е во согласност со одредбите на Законот за полиција.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.105/2021
17 ноември 2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска