У.бр.87/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 февруари 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 14 во делот:„потпретседател на Владата“ од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ” брoj 36/1990 и “Службен весник на Република Македонија” брoj 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013 и 139/2014).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата поднесена од политичката партија ЛЕВИЦА, со Решение У.бр.87/2017 од 20 декември 2017 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 14 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, коефициентот за утврдување на плата за претседател на Уставниот суд на Македонија, потпретседател на Собранието и потпретседател на Владата, изнесува 4,00.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во согласност со членот 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт (став 1). Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите (став 2).

Според член 89 став 1 од Уставот, Владата ја сочинуваат претседател и министри. Согласно став 6 на истиот член, организацијата и начинот на работа на Владата се уредува со закон.

Во согласност со член 90 став 3 од Уставот, Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 3 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015 и 142/2016), Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Според ставот 2 на истиот член, при предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор.

Согласно членот 15 од Законот, претседателот на Владата ја претставува Владата.

Во членот 16 од истиот закон е пропишано дека:
(1) Претседателот на Владата од редот на министрите определува заменици.
(2) Претседателот на Владата го заменува неговиот заменик.
(3) Претседателот на Владата може да им довери на замениците вршење на одделни работи што произлегуваат од неговите права и должности.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека во Република Македонија, Владата, како носител на извршната власт, ја сочинуваат претседател на Владата и министри, кои ги избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Претседателот на Владата од редот на министрите определува заменици, претседателот на Владата го заменува неговиот заменик, а претседателот на Владата може да им довери на замениците вршење на одделни работи што произлегуваат од неговите права и должности.

Со Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, се определува и платата на претседателот на Владата и министрите, како функционери кои ги избира Собранието (член 1).

Во согласност со членот 13 од Законот, коефициентот за утврдување на платата за претседател на Република Македонија, претседател на Собранието и претседател на Владата, изнесува до 4,50.

Според членот 14 од овој закон, коефициентот за утврдување на платата за претседател на Уставниот суд на Македонија, потпретседател на Собранието и потпретседател на Владата, изнесува 4,00.

Според членот 15 од истиот закон, коефициентот за утврдување на платата на член на Владата, изнесува до 3,70.

Од анализата на овие одредби од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, произлегува дека законодавецот определил коефициент за утврдување на плата на претседателот на Владата, на потпретседателот на Владата и на членовите на Владата.

Меѓутоа, од одредбите на Уставот и Законот за Владата, произлегува дека Владата ја сочинуваат претседател на Владата и министри и дека не постои функција потпретседател на Влада. Оттука произлегува дека со Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката се утврдува коефициент за утврдување на плата за функција која не постои во Република Македонија.

При анализата на одредбите од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, во однос на наведеното прашање, Судот го имаше предвид следното:

Законот е донесен на 26 октомври 1990 година и истиот е објавен во „Службен весник на СРМ“ бр.36 од 8 ноември 1990 година, а влегол во сила на 16 ноември 1990 година.

Законот е изменуван и дополнуван повеќепати, при што е интервенирано и во членот 14 од Законот. Така, со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на СР Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/1997), помеѓу другото, во членот 14, зборовите: “потпретседателот на претседателот на Социјалистичка Република Македонија” се бришат. Меѓутоа, ниту во наведените измени и дополнувања на Законот, ниту во сите подоцнежни измени и дополнувања, законодавецот не интервенирал во делот кој се однесува на определување на платата на потпретседател на Владата, иако таква јавна функција не е предвидена со Уставот на Републиката и со Законот за Владата.

Притоа, треба да се има предвид дека Уставниот суд на Република Македонија, со своја Одлука У.бр.67/93 од 24 ноември 1993 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 75/1993), го укинал членот 4 од Законот за Владата на Социјалистичка Република Македонија („Службен весник на СРМ“ бр. 38/1990), во делот кој се однесува на потпретседателите на Владата. Во образложението на Одлуката стои дека наведениот закон за Владата бил донесен пред Уставот на Република Македонија, а дека основ за неговото донесување бил Амандманот LXXVI точка 1 став 2 од Уставот на СР Македонија од 1974 година, во кој било предвидено дека Владата на СР Македонија ја сочинуваат претседател, еден или повеќе потпретседатели и членови (министри). Меѓутоа, според член 89 од Уставот на Република Македонија, Владата ја сочинуваат претседател и министри, при што не се предвидени потпретседателите. Па со оглед дека со оспорената законска одредба бил утврден поинаков состав на Владата од составот предвиден со Уставот, а не се решава организационо прашање, Судот оценил дека одредбата не е во согласност со уставните одредби и ја укинал.

Во таа смисла, според актуелниот Закон за Владата на Република Македонија, донесен 2000-та година, Владата ја сочинуваат претседател на Владата и министри, што е во согласност со Уставот на Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека со членот 14 од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, се определува коефициент за плата на потпретседател на Владата што е јавна функција која не постои во правниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека ваквата законска регулатива е нејасна и неприменлива и не е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Наводите во иницијативата за тоа дека е потребно да се изедначи коефициентот за плати и надоместоци на т.н. потпретседатели на Владата со останатите министри во Владата, како единствено законско решение согласно Уставот, Судот оцени дека не е прашање од надлежност на Уставниот суд, кој согласно своите уставни надлежности, не нормира односи, туку само ја цени согласноста на постојните законски одредби со Уставот. Нормирањето на односи, на што се сведува ваквото барање, е во надлежност на законодавецот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека членот 14 од Законот, во делот:„потпретседател на Владата“, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 89 став 1 од Уставот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски

У.бр.87/2017
21 февруари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски