У.бр.271/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 24 февруари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.196/2015).

2. “Светскиот македонски конгрес” од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесена од “Светскиот македонски конгрес” оспорениот закон не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членовите 51, 89, 90, 92, 94 и амандманот XXIII од Уставот.

Најнапред, во иницијативата се цитира содржината на сите погоре наведени одредби од Уставот, како и содржината на сите членови од оспорениот закон. Во продолжение на иницијативата се наведува дека во ниту една одредба од Уставот не се предвидува именување на заменици на министри, дополнителни заменици на министри, заменици на пратеници, заменици на дополнителни заменици на пратеници, заменик на претседателот на Собранието, заменик на дополнителен заменик на претседателот на Собранието, ниту заменици на потпретседателите на Собранието или дополнителни заменици на потпретседателите на Собранието. Во ниту една одредба од Уставот не било предвидено постоење на заменик на претседателот на Републиката или дополнителен заменик на претседателот на Републиката, и не постоел уставен основ со закон тоа да можело да се воведе во правниот поредок.

Според членот 89 од Уставот организацијата и начинот на работата на Владата се уредувал со закон, а во член 61 став 2 од Уставот децидно било пропишана дека организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и Деловникот, што значи дека на пратениците не им се давало право со закон да пропишуваат поинаква организација и состав на Собранието од пропишаните во член 62 став 1 од Уставот. Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорениот закон бил во спротивност и со членовите 89, 95, 96 и 97 од Уставот. Имено, ниту еден член од Уставот не предвидувал со закон да се утврди поинаков состав на Владата од оној утврден во членот 89 со Амандманот XXIII од Уставот кој гласел дека Владата ја сочинуваат претседател и министри.

По однос на организацијата и функционирањето на Собранието на Република Северна Македонија според уставните овластувања Собранието има обврска со деловник да ја уреди организацијата и функционирањето, односно начинот на работа, што, според наводите во иницијативата, не значело и право да се определат заменици на пратеници или заменици на претседателот на Собранието или заменици на потпретседателите на Собранието или дополнителни заменици на потпретседателите.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот закон неуставно се врши упад во работењето на Владата и Собранието, од причина што на ниту еден пратеник или министер не може никој друг да ја врши неговата функција, што исто така било спротивно на членот 20 од Законот за Владата на Република Северна Македонија во кој децидно стои дека членови на Владата одлучуваат на седниците. Оттука, со определувањето на заменици во оспорениот закон се вршело директно кршење на уставно утврдените овластувања за работењето, организацијата и функционирањето на овие витални институции, бидејќи освен нив никој друг не можел да биде член на Влада, пратеник на Собрание.

Од наведените причини, подносителот смета дека оспорениот закон во целина бил во спротивност на наведените уставни одредби поради што предлага истиот во целост да се поништи. Истовремено со иницијативата се предлага и донесување на времена мерка согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот закон е со следната содржина:

Закон за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија

Член 1

Во Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/10, 51/11, 15/13 и 139/14), по членот 42 се додава нов наслов XIII кој гласи „ИЗБОРИ ЗА ВЛАДА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИЗБОРИ ЗА ПРАТЕНИЦИ“ и нов член 43, кој гласи:

Член 43

“Сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го номинира партијата со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.”

Член 2

По членот 43 се додаваат осум нови членa 44, 45, 46, 47, 48, 49, 50 и 51, кои гласат:

Член 44

“(1) Заради организација на предвремените избори за пратеници во 2016 година, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата.
(2) Министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија.
(3) Министерот за труд и социјална политика го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.
(4) Министерот за внатрешни работи може да изврши разрешување или распоредување на исто, пониско или повисоко место на носител на раководна позиција во министерството во согласност со Закон.
(5) Со денот на именувањето на лице на раководната позиција од ставoт (4), министерот е должен да именува дополнителен заменик на предлог на дополнителниот заменик министер.
(6) Дополнителниот заменик на раководниот службеник од ставот (5) заедно и рамноправно учествува во спроведувањето на надлежностите кои произлегуваат од закон и подзаконските акти.
(7) Сите акти од надлежност на раководниот службеник треба да бидат потпишани и од раководниот службеник и од дополнителниот заменик на раководниот службеник. Доколку актот е потпишан само од едното лице се смета дека истиот не произведува правно дејство.

Член 45

Заради организација на предвремените избори за пратеници во 2016 година, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, именува дополнителен заменик на министерот (во натамошниот текст: дополнителен заменик на министерот) во:

– Министерството за внатрешни работи – предложен од политичката партија на власт со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија;
– Министерството за труд и социјална политика – предложен од политичката партија на власт со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија;
– Министерството за финасии – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија;
– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство предложен од политичката партија во опозиција со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија и
– Министерството за информатичко општество и администрација – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.

Член 46

(1) Мандатот на дополнителниот заменик на министерот трае од денот на неговиот избор до денот на изборот на Влада по завршување на предвремените избори за пратеници што ќе се одржат во 2016 година.
(2) Дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа.
(3) Дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.
(4) Секој акт во смисла на овој закон се доставува до министерот и дополнителниот заменик министер. Министерот и дополнителниот заменик министер се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобрат или одбијат актот во смисла на овој закон.

Член 47

Ако актот или документот од членот 46 ставови (3) и (4) од овој закон е одобрен, т.е. потпишан само од едното лице се смета дека истиот не произведува правно дејство.

Член 48

(1) Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик министер во министерствата од членот 2 од овој закон во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, Државната изборна комисија е должна, во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното министерство.
(2) Одлуката на Државната изборна комисија е конечна.
(3) Во случај на сомневање произлезено од можно незаконско постапување од страна на министерот и/или неговиот дополнителен заменик, може да се поднесе тужба до надлежниот суд. Во случај да се спорат административни процедури и одлуки, по истите може да се поднесе тужба до надлежниот Управен суд.

Член 49

(1) Со влегувањето во сила на овој закон, дополнителниот заменик на министерот има право на неограничен пристап до сите акти, документи и информации кои му се на располагање на министерот.
(2) Вработените во министерството на барање на дополнителниот заменик на министерот се должни да му ги достават сите акти, документи и информации кои му се на располагање на министерот.

Член 50

Правата утврдени во Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на СРМ” број 36/1990 и „Службен весник на Република Македонија” број 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/10, 97/10, 162/10, 111/12, 145/12, 170/13 и 139/14), му припаѓаат и на дополнителниот заменик на министерот од денот на именувањето, до крајот на месецот во кој му престанала функцијата.

Член 51

(1) Дополнителниот заменик на министерот има право на посебни советници и кабинетски службеници чиј број е еквивалентен на бројот на посебните советници и кабинетски службеници во кабинетот на министерот, според Законот за административни службеници.
(2) Посебните работни места од ставот (1) на овој член може да се пополнат со административни службеници во постапка уредена со Законот за административни службеници (мобилност) или во постапка без објавување на јавен оглас.
(3) Вработувањето на посебните работни места од ставот (2) на овој член трае до истекот на мандатот на дополнителниот заменик на министерот.
(4) Вработувањето на посебните работни места од ставот (2) на овој член може да престане и пред истекот на мандатот на барање на дополнителниот заменик на министерот или на барање на вработениот.
(5) За време на извршување на работните задачи во кабинетот на дополнителниот заменик на министерот на вработениот од ставот (2) на овој член му мируваат правата од работниот однос од претходното работно место.
(6) Вработениот од ставот (2) на овој член има право да се врати кај претходниот работодавач на исто или слично работно место кое одговара на неговата стручна подготовка најдоцна во рок од пет дена од денот на престанувањето на причината за мирување на правата од претходниот работен однос.
(7) Платата и другите надоместоци на вработените од ставот (1) на овој член е соодветна на платата на посебните советници и кабинетски службеници во кабинетот на министерот.”

Член 3

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува до изборот на Влада по завршувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година, освен членот 43.

4. Според членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

По повод претходно поднесена иницијатива од Тодор Петров од Гевгелија, Судот веќе одлучувал за уставноста на член 19 став 2 и членот 43 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015 и 142/2016), како и за уставноста на членовите 44, 45, 46, 47, 48, 49, 50 и 51 од Законот за Владата на Република Македонија, означен во точката 1 од ова решение и членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.196/2015).

Имено, со Решение У.бр.108/2015 од 12 јули 2017 година Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на член 19 став 2 и член 43 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015 и 142/2016), и под точка 2. ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на членовите 44, 45, 46, 47, 48, 49, 50 и 51 од Законот за Владата на Република Македонија, означен во точката 1 од ова решение и членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.196/2015).

Во Решението на Судот, меѓу другото, се наведува дека основот за именување на замениците на министри произлегува од членот 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011) според кој Собранието на Република Македонија именува и разрешува заменик на министерот на соодветното министерство на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија (став 1), заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето (став 2) и заменикот во соработка со министерот врши работи од надлежност на министерот што тој ќе му ги довери. Надлежностите на министерот се утврдени во член 49 став 1 од овој закон.

Со оглед на тоа што наведените прашања коишто се од доменот на организацијата и работата на Владата, се уредени со закон, произлегува и дека уредувањето на прашањето на именување и делокруг на работа на заменикот на министерот во работата на Владата на Република Македонија, е законска материја која законодавецот ја пропишал за непречено функционирање на Владата на Република Македонија, а во тие рамки и законското решение од оспорениот член 19 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија е во согласност со членот 89 од Уставот.

Од овие причини за наведената одредба од Законот не може да се постави прашањето за согласноста со Уставот и Судот одлучи да не поведе постапка за оценка на уставноста на член 19 став 2 од Законот со Уставот.

Со членот 43 од Законот за Владата на Република Македонија, е предвидено сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Владата кој го номинира партијата со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.

Согласно членот 68 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, меѓу другите надлежности, избира Влада на Република Македонија.

Имајќи предвид дека уставотворецот со наведениот член од Уставот утврдил дека Собранието на Република Македонија избира Влада на Република Северна Македонија, а со оспорениот член 43 од Законот за Владата на Република Северна Македонија тоа и се предвидува без оглед што се работи за преодна форма на Влада која по својата природа ќе има правна сила само за определен временски период во врска со парламентарни избори произлегува дека овој член од Законот не е во несогласност со Уставот и Судот оцени дека не може да се поведе постапка за оценување на уставноста на овој член од Законот со Уставот.

Исто така, притоа да се има предвид дека овој член од Законот не е исклучиво поврзан со конкретни парламенарни избори и не е со темпорална примена само за предвремените парламентарни избори во 2016 година.

По однос на оспорениот член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.196/2015), овој член во делот кој се однесува дека законот ќе се применувал „до изборот на Владата по завршувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година“, е дерогиран со членот 4 од подоцна донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр.142/2016) каде примената на Законот е утврдена „до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат во 2016 година“.

Оттука, за оспорениот член 3 од Законот, Судот оцени дека постојат процесни пречки за мериторно одлучување на Судот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во однос на регулативата во оспорените одредби од Законот, членовите 44, 45, 46, 47, 48, 49, 50 и 51, Судот оцени дека по својата природа тие неспорно имаат темпорален карактер, својата правна сила веќе ја исцрпеле по определениот рок за нивна примена, и веќе не се дел од правниот поредок поради што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, постојат процесни претпоставки за отфрлање на иницијативата.

Со оглед на фактот што пред Судот повторно се оспорува уставноста на целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.196/2015), со сите негови членови, за кои Судот веќе се произнел и зазел став со наведеното решение, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијатива поради пресудена работа, односно поради res judicata, а во услови кога нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за прифаќање на предлогот на подносителот на иницијативата, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорените законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.271/2020
24 февруари 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати