У.бр.131/2024 и У.бр.143/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.131/2024 и У.бр.143/2024
Скопје, 20.06.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав, д-р Дарко Костадиновски претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 јуни 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024).

2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите во делот во кој се бара оценување на согласноста на оспорените закони наведени во точката 1 на ова решение, со член 2 став 2 од Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија” број 110/2007, 103/2008, 161/2008, 153/2009, 67/10, 97/10, 135/11, 231/15, 248/18 и 51/2024), со член 2 став 2 од Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 139/2009, 67/2010, 97/2010 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024).

3. Oва решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија, преку неговиот претседател Елвин Вели и Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, преку неговиот претседател Душица Димитриеска, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа одвоени иницијативи за оценување на уставноста на законите наведени во точката 1 oд диспозитивот на ова решение.

Со првата иницијатива по која е формиран предметот У.бр.131/2024, Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија ги оспорува Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија што Собранието ги донесе на 29 февруари 2024 година. Во иницијативата се цитираат уставните одредби од член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4, 6 и 11, член 32 став 3, член 98, член 52 став 4 и член 106 став 1 од Уставот и член 2 став 2 од Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители и Законот за платите на јавните обвинители, како и уставните одредби од членовите 108 и 112 кои се однесуваат на Уставниот суд.

Во иницијативата се наведува дека со вака донесените измени на Законот за платите на јавните обвинители се интервенира во платите на јавните обвинители на начин што се намалува коефициентот за утврдување на платата, а со тоа се намалува и висината на платата, имајќи во предвид дека основицата за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходна година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Подносителот на иницијативата укажува дека пред усвојувањето на измените на Законот за платите на јавните обвинители, коефициентот за утврдување на платата на јавните обвинители бил утврден на 2.8 до 3.7, што значи дека најнискиот коефициент од 2.8 е намален за 0.37, а највисокиот коефициент од 3.7 е намален за 0.49. Се наведува, исто така, дека со законските измени во член 2 од двете оспорени закони е пропишано дека ново утврдените коефициенти ќе започнат да се применуваат со исплатата на платата за месец февруари 2024 година, а во член 3 од двата оспорени закони е наведено дека влегуваат во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на РСМ“, значи од 29.02.2024 година.

Во првата иницијатива, исто така, се наведува дека со донесените измени на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на РСМ, се интервенира во платите на членовите на Советот на јавните обвинители на начин што се намалува коефициентот за утврдување на платата, а со самото тоа се намалува и висината на платата, ако се има предвид дека основицата за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика, а претходно коефициентот за утврдување на платата на претседателот на Советот изнесувал 4, додека на заменик-претседателот и на членовите на Советот изнесувал 3.7, односно намалувањето е од 0.56 или 0.49 од коефициентот.

Подносителот на иницијативата укажува дека со измените на Законот за платите на јавните обвинители бил повреден принципот на правната сигурност и предвидливост и легитимните очекувања кои се утврдени со закон. Се наведува, исто така, дека со законските измени се повредуваат уставните принципи на поделба на власта и владеењето на правото, како и самостојноста и независноста на Јавното обвинителство, како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон. Измените на оспорените закони се спротивни на меѓународни документи како и на праксата на Европскиот суд за човековите права, во кои финансиската независност на правосудните органи меѓу кои и јавното обвинителство е клучна во процесот на унапредување на независноста на правосудните органи. Платата на јавните обвинители треба да им обезбеди стабилен живот и да им даде чувство на сигурност и недопирливост од надворешните притисоци, поради што платата на јавните обвинители е регулирана со посебен закон и истата не смее да се споредува со платите на носителите на другите јавни функции кои се дел од извршната власт

Измените на двата оспорени закони се оспоруваат и од аспект на член 52 став 4 од Уставот со тврдење дека тие имаат повратно дејство бидејќи била донесени на крајот од февруари, во ситуација кога најголемиот дел на работните денови во месецот веќе биле реализирани во време кога во сила биле поповолните одредби од Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители. На тој начин со оспорената одредба биле нарушени и легитимните очекувања на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители.

Со иницијативата се укажува дека освен со уставните одредби, оспорените закони се во директна колизија со член 2 став 2 од Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 139/2009 од 19.11.2009 година), кој предвидува дека платата на членот на Советот, утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намалена со друг закон или одлука на државен орган, како и со член 2 став 2 од Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 153 од 23.12.2009 година), според кој платата на јавниот обвинител утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намалена со закон или одлука на држвен орган.

Поради наведените причини со иницијативата Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија бара од Уставниот суд да донесе решение за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024) и на Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на РСМ („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024), и да донесе одлука со која ќе ги поништи членовите 1 и 2 од оспорените закони, како и да изрече времена мерка со која ќе го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените закони, бидејќи со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици во вид на дополнителни трошоци по државниот буџет и буџетот на засегнатите граѓани.

Со иницијативата поднесена од Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, по која е формиран предметот У.бр.143/2024, се оспорува исто така Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, што Собранието ги донесе на 29 февруари 2024 година, од аспект на истите наводи и одредби од Уставот како и во првата иницијатива поднесена од Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија. И во оваа иницијатива се цитираат истите уставни одредби од член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4, 6 и 11, член 32 став 3, член 52 став 4 и член 106 став 1 од Уставот, член 2 став 2 од Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на РСМ, како и уставните одредби од членовите 108 и 112 од Уставот кои се однесуваат на Уставниот суд на Република Северна Македонија

Се наведува дека со оспорените закони законодавецот извршил противуставна и незаконита интервенција во самостојноста и независноста на правосудните органи, преку правно недозволено намалување на платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители како самостојни државни органи.

Според наводите во иницијативата, изградбата и одржувањето на систем на самостојни, независни и непристрасни правосудните органи, е основен постулат на уставното начело на владеење на правото и клучен елемент за одржлив развој на правен систем изграден врз општоприфатените цивилизациски вредности и заштита на човековите слободи и права.

Исто така, и во втората иницијатива се содржани истите наводи како и во првата иницијатива дека уставно-правната положба на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители е нарушена со оспорената измена на законите бидејќи со нив законодавецот значително го намалил коефициентот за утврдување на платата на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители како што се наведува и во првата иницијатива.

Според наводите и во оваа иницијатива, оспорените закони имаат ретроактивно дејство бидејќи биле објавени на 29 февруари 2024 година а се применуваат со исплата на февруарската плата, со што се повредуваат стекнатите права на лицата на кои се однесуваат. Ретроактивното дејство на оспорените законски измени не е дозволено со Уставот бидејќи законските измени имаат понеповолно дејство за носителите на јавнообвинителските функции чии плати ретроактивно се намалуваат.

Поради наведените причини, со иницијативата Советот на јавните обвинители, бара од Уставниот суд да донесе решение за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители и на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024) и да донесе одлука со која ќе ги поништи истите, како и да изрече времена мерка со која ќе го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените закони, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици во вид на дополнителни трошоци по државниот Буџет и буџетот на засегнатите граѓани.

II

На седницата Судот утврди дека член 1 од оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024) предвидува дека во Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија” број 153/2009, 67/2010, 97/2010, 153/2009, 67/10, 97/10 и 231/15), членот 6 се менува и гласи:
„(1) Платите на јавните обвинители се распоредени во пет групи, изразени во коефициенти.

(2) Коефициентот за утврдување на платата на јавните обвинители изнесува од 2,43 до 3,21.

(3) Пресметувањето на платите се врши според видот на јавното обвинителство во кое јавниот обвинител ја врши својата функција и тоа:
1. првата група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент 2,60 и јавните обвинители во основните јавни обвинителства со коефициент од 2,43, кои постапуваат пред судовите со основна надлежност;
2. втората група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент од 2,78 и јавните обвинители во основните јавни обвинителства со коефициент од 2,52, кои постапуваат пред судовите со проширена надлежност;
3. третата група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент 3,04 и јавните обвинители со коефициент 2,78 во Oсновното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција;
4. четвртата група ги опфаќа вишиот јавен обвинител со коефициент 3,04 и јавните обвинители во Вишото јавно обвинителство со коефициент 2,78 и
5. петтата група ги опфаќа Јавниот обвинител на Република Северна Македонија со коефициент 3,21 и јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија со коефициент 2,95.

(4) На коефициентот на плата на јавен обвинител кој раководи со одделение во Јавното обвинителство се додава 0,2.“

Судот, исто така, утврди дека во член 1 од оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024) е предвидено дека во Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 139/2009, 67/2010 и 97/2010), членот 5 се менува и гласи:
„Коефициентот за утврдување на платите изнесува:
– на претседателот на Советот 3,47,
– на заменик-претседателот на Советот 3,21 и
– на членовите на Советот 3,21.“

Судот, понатаму утврди дека двата оспорени закони содржат идентични членови 2 и 3 со кои е определено дека предвидените коефициенти ќе започнат да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2024 година и дека законите влегуваат во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

III

Во претходната постапка и на седницата, Судот ја утврди следната фактичка состојба:

Оспорените закони, Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, беа донесени на седницата на Собранието одржана на 29 февруари 2024 и тие беа објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ истиот ден. Со овие законски измени беа намалени коефициентите за пресметување на плата на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители просечно за 0.5.

Истиот ден беа донесени и објавени и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет, Законот за изменување на Законот за платите на судиите, Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија и Законот за изменување на Законот за пратениците, во кои соодветно се намалени коефициентите и на овие категории на носители на јавни функции (јавни обвинители, членови на Советот на јавните обвинители, претседателот на Републиката, претседателот и судиите на Уставниот суд, министрите, пратениците и другите избрани и именувани лица од Владата или Собранието, како и градоначалниците и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа.

Со оспорениот Закон за измени на Законот за платите на јавните обвинители (член 1) се намалени коефициентите за утврдување на платата на јавните обвинители е намален, пред усвојување на измените коефициентот за утврдување на платата на јавните обвинители беше утврден на 2,8 до 3.7 што значи дека најнискиот коефициент од 2.8 е намален за 0.37, додека највисокиот коефициент од 3.7 е намален за 0.49, платите на јавните обвинители се распоредени во пет групи, изразени во коефициенти.

Што се однесува до коефициентите за утврдување на платата на членовите на Советот на јавните обвинители, истите се разликуваат во зависност од должностите како член, претседател односно заменик претседател на Советот, и на членовите на Советот и тие се намалени со член 1 од Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители. Претходно коефициентот за утврдување на платата на претседателот на Советот изнесувал 4, а на заменик на преседателот и на членовите на Советот изнесувал 3.7, односно намалено е од 0.56 или 0.49 од коефициентот.

Донесувањето на законите беше резултат на реакциите во јавноста по зголемувањето на платите на функционерите до што дојде по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд У.бр.113/2022 од 21 март 2023 година, како последица на која платите на избраните и именуваните лица беа практично „одмрзнати“ што доведе до тоа платите на сите избрани и именувани лица, вклучително и на судиите и јавните обвинители во 2023 година да пораснат за 78%.

Според член 11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица („Службен весник на СР Македонија“ бр.36/90 и „Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/91, 23/97, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 233/2018) основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната исплатена бруто-плата по вработен за 2022 година изнесувала 47 637,оо денари, а за 2023 таа изнесува 54 916,оо денари.

Поради годишното усогласување на основицата на платата со движењето на просечната бруто-плата за 2023 година платите на функционерите во почетокот на 2024 година требало да се зголемат уште за околу 15%.

Со цел да се ограничи можноста за ова ново и значително покачување на платите на избраните и именуваните лица, при исплатата на платите за февруари и март е пресметано усогласувањето на платите од 15% за колку што пораснала просечната плата во јавниот сектор во минатата година, но истовремено со законската измена се намалени коефициентите 13%. Тоа практично значи дека и во двата последни месеци номинално, платите на судиите и на членовите на Судскиот совет не се намалиле, туку незначително (за 2%) се зголемиле.

При анализата на правните прашања покренати со иницијативите, Судот ги имаше предвид следниве одредби од Уставот и од релевантните закони:

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 6 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и правната заштита на сопственоста.

Во согласност со членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Во член 54 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 106 од Уставот, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Со Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 153/09, 67/10, 231/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024), се уредува системот на плати, надоместоци на плата, други надоместоци и примања на јавните обвинители. Јавниот обвинител има право на плата соодветна на значењето и угледот на јавнообвинителската функција што ја врши, тежината на работата и неговата одговорност. Платата на јавниот обвинител, утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намaлена со закон или одлука на државен орган. Платата на јавниот обвинител може да се намали само при утврдена дисциплинска одговорност согласно со закон. Средствата за плата, надоместоци и примања на јавниот обвинител утврдени со овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Платата на јавниот обвинител се пресметува во бруто износ, а се исплатува во нето паричен износ еднаш месечно во тековниот месец за претходниот месец, а најдоцна до 15 во тековниот месец. Висината на платата на јавниот обвинител се утврдува во зависност од: видот на јавното обвинителство, одделот и видот на предметите по кои постапува, внатрешните должности во јавното обвинителство, работниот стаж, научно-стручните звања и специјализација и постигнатите резултати во вршењето на функцијата јавен обвинител.

Согласно со член 5 од истиот закон, платата на јавниот обвинител се пресметува на начин што се множи основицата со коефициентот за утврдување на платата. Основицата за пресметување на платата на јавните обвинители е основицата за пресметување на платата за избрани и именувани лица утврдена согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.

Со член 1 од оспорениот Закон за измени на Законот за платите на јавните обвинители, член 6 во кој се определени коефициентите за утврдување на платата на судиите е изменет, така што гласи:
„(1) Платите на јавните обвинители се распоредени во пет групи, изразени во коефициенти.
(2) Коефициентот за утврдување на платата на јавните обвинители изнесува од 2,43 до 3,21.
(3) Пресметувањето на платите се врши според видот на јавното обвинителство во кое јавниот обвинител ја врши својата функција и тоа:

1. првата група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент 2,60 и јавните обвинители во основните јавни обвинителства со коефициент од 2,43, кои постапуваат пред судовите со основна надлежност;
2. втората група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент од 2,78 и јавните обвинители во основните јавни обвинителства со коефициент од 2,52, кои постапуваат пред судовите со проширена надлежност;
3. третата група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент 3,04 и јавните обвинители со коефициент 2,78 во Oсновното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција;
4. четвртата група ги опфаќа вишиот јавен обвинител со коефициент 3,04 и јавните обвинители во Вишото јавно обвинителство со коефициент 2,78 и
5. петтата група ги опфаќа Јавниот обвинител на Република Северна Македонија со коефициент 3,21 и јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија со коефициент 2,95.
(4) На коефициентот на плата на јавен обвинител кој раководи со одделение во Јавното обвинителство се додава 0,2.

Членот 6 од основниот текст на Законот за платите на јавните обвинители, пред измените гласеше:

(1) Платите на јавните обвинители се распоредени во пет групи изразени во
коефициенти.
(2) Коефициентот за утврдување на платата на јавните обвинители изнесува од 2,8 до 3,7.
(3) Пресметувањето на платите се врши според видот на јавното обвинителство во кое јавниот обвинител ја врши својата функција, и тоа:
– првата група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент 3,0 и јавните обвинители во основните јавни обвинителства со коефициент од 2,8 кои постапуваат предсудовите со основна надлежност,
– втората група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент од 3,2 и јавните обвинители во основните јавни обвинителства со коефициент од 2,9 кои постапуваат пред судовите со проширена надлежност,
– третата група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент 3,5 и јавните обвинители со коефициент 3,2 во Oсновното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција,
– четвртата група ги опфаќа вишиот јавен обвинител со коефициент 3,5 и јавните обвинители во вишото јавно обвинителство со коефициент 3,2 и
– петтата група ги опфаќа јавниот обвинител на Република Македонија со коефициент 3,7 и јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија со коефициент 3,4.
(4) На коефициентот на плата на јавен обвинител кој раководи со одделение во јавното обвинителство се додава 0,1.

Согласно член 2 од оспорениот закон, коефициентите од членот 1 од овој закон ќе започнат да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2024 година.

Член 3 од Законот, предвидува дека Законот влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“

Со Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 139/2009, 67/2010, 97/2010 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024) се уредуваат системот на плати, надомeстоците на плата, други надоместоци и примања на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија. Одредбите на овој закон не се однесуваат на членовите на Советот по функција.

Според член 2 од Законот, членот на Советот има право на плата, надоместоци на плата, други надоместоци и примања соодветни на значењето и угледот на неговата функција. Платата на членот на Советот, утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намалена со друг закон или одлука на државен орган.

Во член 4 од Законот е предвидено дека платата на членовите на Советот на јавните обвинители се пресметува на начин што основицата се множи со коефициентот за пресметување на платата. Основицата за пресметување на платата на членовите на Советот на јавните обвинители е основицата за пресметување на платата за избрани и именувани лица утврдена согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.

Пред измената коефициентите за утврдување на платата на членовите на Советот на јавните обвинители изнесувале 4,0 за претседателот на Советот, 3,7 на заменикот на претседателот и 3,7 на членовите.

Согласно член 5 кој е изменет, коефициентот за утврдување на платите на членовите на Советот на јавните обвинители изнесува:
– на претседателот на Советот 3,47,
– на заменик-претседателот на Советот 3,21 и
– на членовите на Советот 3,21.

Во член 6 од Законот е уредено дека платата на членот на Советот се утврдува на начин што основицата се множи со утврдениот коефициент од членот 5 на овој закон, зголемена за процентот за работното искуство, кое се вреднува со 0,5 за секоја започната година на работен стаж, а најмногу до 20%.

Со Законот за плати на јавните обвинители и со Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, законодавецот го уредил системот на плати, надоместоци на плата, други надоместоци и примања на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители, при што ги вградил сите барања што произлегуваат и од меѓународно-правни инструменти како што се сразмерност на платите на судиите со значењето и угледот на јавнообвинителската функција, тежината на работата и одговорноста, начелото на неменливост, односно забрана на намалување на платите со што се гарантира стабилноста на плати, утврдување на рок за исплата на платите со што се обезбедува редовност на платите. Со Законот исто така се утврдува и начинот на пресметка на платите, при што основицата за пресметка на платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители е врзана со основицата за пресметување на платата на избрани и именувани лица со што се овозможува платите да бидат на еднакво рамниште со платите на носителите на највисоките функции во законодавната и во извршната власт. Во однос на коефициентите на платите, законодавецот предвидел тие да се определуваат според определени објективни критериуми како што се видот на јавното обвинителство, сложеноста на задачите и дополнителните работи и овластувања на јавниот обвинител.

Со оспорениот член 1 од Законот за измени на Законот за платите на јавните обвинители, намалени се коефициентите за утврдување на платата на јавните обвинители и тие сега изнесуваат од 2,43 до 3,21 за разлика од претходно, пред измената, кога изнесувале од 2,8 до 3,7 што изнесува намалување од 13%.

Исто така, со оспорениот член 1 од Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители намалени се коефициентите за утврдување на платата на членовите на Советот и тие сега изнесуваат: за претседател на Советот е намалена на 3.47 за разлика од претходно пред измената кога изнесувале 4.0, на заменик на претседател на Советот на 3.21 од 3.7 и членовите на Советот на 3.21 од 3.7.

Од анализата на одредбите на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, произлегува дека со овој закон законодавецот го уредил системот на плати, надомeстоците на плата, други надоместоци и примања на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија. Слично како и за јавните обвинители и за членовите на Советот на јавните обвинители, законодавецот предвидел правото на плата и на други надоместоци на членовите на Советот да бидат соодветни на значењето и угледот на функцијата и дека платата на членот на Советот не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган, од што произлегува заклучокот дека и за оваа категорија на функционери законодавецот предвидел речиси идентични гаранции за плата како и за јавните обвинители. Што се однесува до коефициентите за утврдување на платата на членовите на Советот на јавните обвинители, истите се разликуват во зависност од должностите како член, претседател односно заменик-претседател на Советот и тие исто како и за јавните обвинители, со оспорената измена на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители се намалени просечно за 0.5 што изнесува намалување за 13% во однос на претходно вaжечките коефициенти.

Во двата оспорени закони во член 2, е предвидено дека коефициентите од членот 1 од овој закон ќе започнат да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2024 година, како и член 3 кој предвидува дека законот влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

По донесувањето на Одлуката на Уставниот суд У.бр.113/2022 од 21 март 2023 година произлезе зголемување на основицата за утврдување на платата на избраните и именуваните лица, вклучително на судиите на Уставниот суд, судиите, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители. Со цел да се надмине оваа ситуација и да се ограничи можноста за значително или ново покачување на платите на јавните обвинители, односно на членовите на Советот на јавните обвинители, се предлагаат предметните измени на законите во однос на коефициентите на бодот за утврдување на надоместокот на плата. Спроведувањето на законите нема да предизвика финансиски последици по Буџетот бидејќи за тоа не се потребни дополнителни финансиски средства.

Според тоа, за нас не е спорно дека платите на јавните обвинители како и платите воопшто во јавниот сектор зависат од економската состојба во земјата и тие не се непроменлива категорија, така што и забраната за намалување на платите на јавните обвинители нема апсолутен карактер. Но, сепак, тоа не значи дека законодавецот е сосема слободен при уредувањето на правото на плата на јавните обвинители. При уредување на ова прашање, а особено во случај на интервенции во висината на платите, законодавецот е посебно врзан со принципот на независност и самостојност на правосудните органи кој е гарантиран со Уставот, така што тој мора да ја земе предвид посебната улога и функција на јавните обвинители и нивното значење за остварувањето и заштитата на правата на граѓаните, и да обезбеди, меѓу другото, гаранции за положбата и статусот на јавните обвинители, и соодветни материјални основи за да можат јавните обвинители да ја остваруваат јавнообвинителската функција самостојно и независно. Оттука, секоја интервенција во платите на јавните обвинители, особено во случај на нивно намалување мора да води сметка платата и понатаму да ја гарантира и обезбедува материјалната сигурност на носителите на јавнообвинителската функција и со својот износ да претставува брана од можни надворешни притисоци и влијанија и заштита од корупција.

Со намалувањето на коефициентите за пресметување на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители, Судот цени дека не се загрозува уставно загарантираната независност и самостојност на јавното обвинителство. Ова од причина што законодавецот при уредувањето на платите на јавните обвинители, односно со намалувањето на коефициентите за пресметка на платата на јавните обвинители, водел сметка да не се наруши материјалната сигурност на јавните обвинители и износот на нивните плати по измената на Законот за плати да не се намали во споредба со платите што ги добивале јавните обвинители пред направената измена, којашто разлика е компензирана со годишното усогласување на платите со порастот на просечната плата која што служи како основица за пресметување на основната плата на јавните обвинители. Според тоа, и со вака намалена основица, поради пресметаниот пораст на просечната плата, јавните обвинители и натаму земаат плата што одговара на нивниот општествен статус и улога и на дигнитетот на јавнообвинителската функција. Со конкретното намалување на коефициентите за пресметка на плата, Судот смета дека не е влошена ниту загрозена материјалната сигурност на јавните обвинители бидејќи тие и понатаму влегуваат во групата на јавни функционери кои примаат највисоки плати во земјата. Намалувањето на коефициентот за пресметување на платите на јавните обвинители е извршено врз основа на закон, во јавен интерес, заради справување со последиците од економската и финансиската криза во земјата. На тој начин се остваруваат заштеди во Буџетот на Република Северна Македонија со што се овозможува пораст на платите на државната и јавната администрација и на пензиите, кои растат со многу побавно темпо споредено со платите на избраните и именуваните лица. Врз основа на наведеното, Судот цени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија со начелото на владеење на правото и поделбата на власта од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, како и со принципот на самостојност и независност на јавното обвинителство согласно став 1 член 106 од Уставот.

Неспорно произлегува дека намалувањето на коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители е пропишано со закон во кој јасно и прецизно се наведени новите коефициенти за пресметување на основната плата на јавните обвинители и точно е определен временскиот момент од кога ќе се применуваат новите коефициенти. Оспорените одредби се јасни, прецизни и недвосмислени и ги исполнуваат барањата за квалитет на законот што произлегуваат од принципот на владеењето на правото.

Во однос на прашањето за легитимната цел, од образложението на предлог-законите произлегува дека целта на оспорените измени е да се ограничи можноста за ново покачување на платите на јавните обвинители, покрај она до кое дојде по Одлуката на Уставниот суд У.бр.113/2022 од 21 март 2023 година, со што би се оствариле заштеди во Буџетот кои би се искористиле за пораст на платите на работниците и на пензиите на пензионерите. Оваа цел, според наша оценка е легитимна бидејќи е во јавен интерес, заради ограничување на буџетската потрошувачка и урамнотежување на приходите и расходите во буџетот, што е во функција на надминување на економската криза. Мерката сметаме дека е и пропорционална, бидејќи поради годишното усогласување на платите со порастот на просечната плата, ефектот на намалувањето на коефициентите за пресметување на платата реално е сведен на замрзнување на јавнообвинителските плати на нивото од 2023 година. Тоа значи дека законодавецот водел сметка намалувањето на коефициентите да не се одрази на номиналниот износ на јавнообвинителските плати, односно да не биде на штета на нивниот имот и правото на сопственост. Со тоа што и понатаму останува во сила законската одредба според која основица претставува просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, се овозможува наредната година платите на јавните обвинители да пораснат, така што мерката има темпорален карактер и не ги замрзнува платите на јавните обвинители на неопределено време. Како што наведовме и погоре, и со намалените коефициенти, платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители и понатаму се соодветни на општествениот статус и на угледот на јавнообвинителската функција, бидејќи тие се на ниво на највисоките плати во јавниот сектор, така што не може да се каже дека засегнатите лица со оспорените одредби, јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители, поради намалените коефициенти на нивните плати се изложени на прекумерен товар.

Наводите во иницијативите за ретроактивно дејство на Законот, според Судот, се неосновани од причина што двата оспорени закони се донесени и објавени на 29 февруари 2024, и се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2024 година. Со оглед на тоа што правото на плата се стекнува по истекот на месецот и се исплаќа наредниот месец, значи во конкретниот случај во текот на месец март 2024, не може да стане збор за негово ретроактивно дејство.

Во однос на наводите за несогласност на одредбите од оспорените закони со член 2 став 2 од основниот текст на Законот за платите на јавните обвинители, односно со член 2 став 2 од основниот текст на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија и со член 74 став 2 од Законот за јавното обвинителство, Судот укажува на тоа дека Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста е надлежен за контрола на согласноста на законите како пониски норми во хиерахијата на правните норми со Уставот, но нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на одредбите од истиот закон, ниту пак согласноста со одредби од друг/и закон/и. Поради наведеното, Судот одлучи во овој дел иницијативите да ги отфрли врз основа на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

Во врска со предлогот истакнат во двете иницијативи, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и на Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024), имајќи го предвид ставот на Уставниот суд за неповедување постапка за оценување на неговата уставност, Судот одлучи дека не се исполнети условите за примена на член 27 од Деловникот на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Издвоено мислење по предметот У.бр.131/2024 и У.бр.143/2024