У.бр.116/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 ноември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 136 став 7 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ број 82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 154/2019 и 178/2021).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 187 став 4 од Законот означен во точката 1 од Решението.

3. Здружението „Центар за напредни истражувања” од Скопје, застапувано од д-р Темелко Ристески, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од точките 1 и 2 од Решението, содржани во Законот означен во точката 1 од Решението.

Во иницијативата подносителот наведува дека оспорениот член 136 став 7 од Законот не е во согласност со член 44 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, според кој образованието е достапно на секого под еднакви услови. Од одредбата на оспорениот член 136 став 7, а во врска со став 1 од истиот член на Законот, се согледува дека студентите кои изработуваат докторски труд, пред изработката на трудот посетуваат настава на трет циклус на студии – докторски студии. Докторскиот труд се изработува на определена тема која претходно поминува низ процедура на прифаќање од страна на наставно-научниот совет на факултетот на кој кандидатот студира. Откако темата на трудот ќе се прифати на кандидатот му се одредува ментор. Менторот го предлага кандидатот во зависност од темата на трудот и неговите лични аспирации за да се стекне со нови, што е можно поквалитетни знаења при изработката на трудот.

Менторот на кандидатот го определува наставно-научниот совет на факултетот, но може да се случи меѓу професорите на соодветниот факултет или универзитет, да нема експерт за проблематиката на докторскиот труд или да нема експерт за кој кандидатот смета дека ќе му го даде она знаење коешто тој сака да го стекне при изработката на трудот. Ако студентот на докторски студии е ограничен со изборот, односно со одредувањето на ментор само од редовите на професорите кои биле вработени во високообразовната установа (факултет или универзитет), според подносителот, не може да стане збор за достапност на образованието на сите под еднакви услови како што пропишува член  44 став 1 од Уставот.

Менторството е интерактивен процес, а истражувањето коешто му претходи на пишувањето на докторскиот труд го врши студентот. Улогата на менторот е да го насочува кандидатот и да врши проверки на резултатите до кои дошол, а проверувајќи ги резултатите тој навлегува во сферата на научното творештво коешто според член 47 став 1 од Уставот треба да биде слободно. Со обврзувањето на професорите да бидат ментори само на студенти – докторанти од својата матична високообразовна установа, според подносителот, се ограничува слободата на научното и уметничкото творештво со што се повредуваат одредбите од член 47 став 1 и одредбите од член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, на штета на студентите. Ако студентот смета дека неговите идеи и неговиот творечки ентузијазам најдобро ќе бидат прифатени и поддржани од професор кој не бил вработен во високообразовната установа во која студира, нема логика да му се оневозможи да предлага ментор од друга високообразовна институција која ги поседува посакуваните научни и стручни квалитети и која ќе му овозможи на студентот да спроведе квалитетно научно истражување и да напише квалитетен докторски труд.

Според подносителот, одредбата од член 187 став 4 од Законот не е во согласност со член 9, член 32 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 148 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Од самата оспорена одредба произлегува дека редовен професор во пензија не може да изведува настава во прв и втор циклус на студии, ниту да биде ментор на дипломски, специјалистички и магистерски трудови со чија изработка и одбрана се завршуваат овие циклуси на високото образование. Положбата професор во пензија е општествена положба и статус. Професорот со ваква општествена  положба  со ништо не смее да биде дискриминиран во однос на другите професори.

Со овозможување на изведување настава на пензионираните професори (редовни или вонредни), значително би се подигнал квалитетот на наставно-образовниот процес. Универзитетите често се соочуваат со недостаток на квалификувани професори. На подносителот му се познати случаи во кои наставата по предметите уставно право и избори и изборни системи, со претходно одобрување од страна на наставно-научниот совет, да можат да ја изведуваат професори кои докторирале на казнено право, а и случај на еден универзитет, каде предметот Римско право го предава лице со завршена воена академија и со докторат од меѓународно јавно право. Секој кој завршил правен факултет знае дека предметот Римско право е еден од потешките предмети кои ѝ припаѓаат на граѓанско-правната област на предмети. Според тоа,  наставата по овој предмет можат да ја држат само искусни правници цивилисти, а не и неправници со докторат од меѓународно јавно право. Проблемот не се јавува кога високообразовната институција има соодветни наставници кои сẻ уште не се пензионирани, во кој случај тие имаат предност, но проблемите настануваат кога нема такви кадри. Пензионираните редовни професори се искусни луѓе со огромно искуство во наставно-образовниот процес, луѓе кои се наоѓаат во фаза на филозофско обопштување на стекнатите теориски сознанија и стекнато искуство и штета е тие сознанија и искуство да не се искористат со нивно учество во наставата, а и за менторство при изработка на завршните трудови на студентите.

Од наведените причини, подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 136 став 7 и на член 187 став 4, и истите да ги укине или поништи како несогласни со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 136 став 7 од Законот за високото образование: „На високообразовните установи кои изведуваат студиски програми од трет циклус на универзитетски – докторски студии, ментор на докторскиот труд може да биде редовен или вонреден професор од соодветната научна област кој е вработен на високообразовната установа, редовен или вонреден професор чиј работен однос е во мирување или редовен професор во пензија, кој бил во работен однос на високообразовната установа“.

Судот, утврди и дека според оспорениот член 187 став 4 од наведениот закон: „Редовен професор во пензија може да изведува настава на студии од трет циклус и да биде ментор на докторски студии, како и да работи на научно истражувачки проект под условите определени со статутот на универзитетот, односно статутот на самостојната висока стручна школа“.

5. Еднаквоста на граѓаните на Република Северна Македонија во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, е гарантирана со член 9 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според став 2 од истиот член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 44 став 1 од Уставот, секој има право на образование, а образованието согласно став 2 на член 44 од Уставот, е достапно на секого под еднакви услови.

Автономијата на универзитетот се гарантира со член 46 став 1 од Уставот, при што условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, според став 2 на член 46 од Уставот, се уредуваат со закон.

Со член 47 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво, а со став 2 на член 47 од Уставот, се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво. Согласно став 3 на член 47 од Уставот, Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата, а согласно став 4 на член 47 од Уставот, Републиката го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според став 2 на член 51 од Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ број 82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 154/2019 и 178/2021), се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите, признавањето на странските високообразовни квалификации и надзорот над работата на високообразовните установи.

Законот, со член 3 став 1 определува дека дејноста на високото образование е од јавен интерес и има посебно значење за Република Северна Македонија како дел од меѓународниот и од единствениот европски образовен, научен и уметнички простор.

Начелата на кои се заснова дејноста на високото образование се утврдени во став 2 на член 3 од Законот, а тие се: 1. Автономија и академска слобода; 2. Единство на наставата и на научно-истражувачката односно уметничката работа; 3. Отвореност кон јавноста и граѓаните; 4. Уважување на хуманистичките и демократските вредности на националната и европската традиција и вредностите на културното наследство; 5. Почитување на човековите права и слободи и гарантирање на принципот на еднаквост и заштита од дискриминација; 6. Унапредување на академската мобилност на наставниот кадар и студентите; 7. Учество на студентите во управувањето и одлучувањето, посебно во врска со прашањата што се од значење за квалитетот на наставата и студентскиот стандард; 8. Стремеж кон универзално знаење чиј императив се науката, слободата и вистината; 9. Обезбедување на систем за доживотно учење и 10. Обезбедување на квалитет и ефикасност на студирањето.

Со член 5 од Законот е определено дека академската заедница ја сочинуваат лицата избрани во наставно-научни, научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања и студентите. Редовните професори остануваат членови на академската заедница и по нивното пензионирање.

Во член 6 од Законот е уредено прашањето на достапност на високото образование при што: (1) Државјаните на Република Северна Македонија имаат под еднакви услови право на образование на високообразовните установи во Република Северна Македонија. (2) Странските државјани можат, со примената на начелото на заемност, да се образуваат на високообразовните установи во Република Северна Македонија под еднакви услови како и државјаните на Република Северна Македонија. (3) Странските државјани, без примена на начелото на заемност, можат да се образуваат на високообразовните установи во Република Северна Македонија, под услови кои поблиску ги утврдува високообразовната установа. (4) Лицата без државјанство имаат право на високо образование под еднакви услови како и државјаните на Република Северна  Македонија.

Високото образование во Република Северна Македонија според член 7 став 1 од Законот, се темели на автономија, во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, со ратификуваните меѓународни договори и со овој закон.

Автономијата на високообразовните установи, согласно став 5 на член 7 од Законот, вклучува академска слобода, автономија на управувањето, неповредливост на просторот, финансиска автономија, кадровска автономија и неприкосновеност на автономијата.

Член 16 став 1 од Законот, определува дека основен акт на високообразовната установа, е статутот. Со статутот, според став 2 од истиот член од Законот, поблиску се уредуваат внатрешната организација, начинот на вршење на високообразовната дејност, овластувањата и начинот на работа и одлучување и други прашања од значење за вршење на високообразовната дејност, а според став 3 на член 16 од Законот, на статутот на јавниот универзитет и на јавната самостојна висока стручна школа согласност дава Собранието на Република Македонија, а на приватната високообразовна установа основачот, по претходно мислење на Владата на Република Македонија.

Условите за основање на универзитет, се уредени со член 62 од Законот, и тоа: (1) Универзитетот може да се основа ако согласно со условите утврдени во член 61 од овој закон во својот состав има најмалку пет акредитирани единици од кои најмалку три се факултети. (2) При основање на универзитет треба да бидат исполнети условите за изведување на студиски програми најмалку на првиот циклус на високо образование. (3) За исполнетоста на условите за изведување на студиски програми од трет циклус се одлучува по добивањето на решението за акредитација на универзитетот, решението за почеток со работа и завршувањето на најмалку една генерација студенти од прв и втор циклус на студии. (4) Студиски програми од трет циклус на студии можат да организираат само универзитетите кои се меѓу првите седум рангирани универзитети, запишани во регистарот на високообразовни установи во државата, утврдени во последното рангирање согласно членoт 58 од овој закон. (5) Ако универзитетот го изгуби статусот на еден од првите седум рангирани високообразовни установи во државата во следното рангирање, во тој случај универзитетот, односно неговите единици и придружни членки не можат да запишуваат нови кандидати во трет циклус докторски студии. Ако универзитетот, односно единиците во негов состав и придружните членки запишат нови кандидати, Одборот за акредитација задолжително донесува решение за престанок на решението за акредитација за сите циклуси за кои е акредитиран универзитетот.

Со член 48 од Законот се уредуваат надлежностите на Одборот за акредитација. Во ставот 1 од наведениот член од Законот, се уредува дека Одборот за акредитација е самостоен во својата работа и одлучува во рамките на својата надлежност врз основа на начелата на стручност и непристрасност, а во ставот 2 точка 7. на истиот член од Законот, се предвидува дека Одборот за акредитација во рамките на своите права и обврски, одлучува за акредитација на ментори на докторски студии.

Со член 132 став 1 од Законот, е определено дека високото образование се остварува преку реализација на академски и стручни студии врз основа на акредитирани студиски програми, а според ставот 2 од наведениот член од Законот, академските студии ги оспособуваат студентите за градење академска и професионална кариера преку стекнување академски и стручни високообразовни квалификасции.

Со член 133 став 1 од Законот, се уредува дека студиските програми за стекнување на високо образование се распоредуваат во три циклуси на високото образование. Во ставот 2 на истиот член од Законот, се предвидува дека студии на прв циклус се: 1. прв циклус на академски студии (додипломски студии) и 2. прв циклус на стручни студии. Според ставот 3 на членот 133 од Законот, студии на втор циклус се: 1. втор циклус на академски студии (постдипломски студии) и 2. втор циклус на стручни студии, а според ставот 4 на истиот член од Законот, студии на трет циклус на академски студии се докторски студии.

Во член 136 од Законот се предвидува дека:

(1) Докторските студии траат најмалку три години и носат најмалку 180 ЕКТС кредити. Со јавната одбрана на докторскиот труд се стекнува научен назив доктор на науки (dr.sc, PhD) односно доктор по уметности (dr.art).

(2) Докторските студии можат да се запишат по завршувањето на соодветни  студии   од   вториот  циклус  на  академски студии   со    стекнати најмалку 300 ЕКТС кредити од првиот и вториот циклус на студии (додипломски и постдипломски студии) збирно. Со студиската програма на докторските студии може да се предвиди и дека потребниот број на ЕКТС кредити за запишувањето на таа студиска програма изнесува 360 ЕКТС кредити од првиот и вториот циклус на студии (додипломски и постдипломски студии) збирно. Универзитетот може да постави и други услови за упис на докторски студии.

(3) Универзитетот може да организира студии од трет циклус во траење помалку од три години, со кои се стекнува звањето специјалист по одредено подрачје (spec.). Називот специјалист т.е. неговата кратенка се додава на академскиот назив стекнат од вториот циклус на академски студии.

(4) Универзитетот може да утврди дека со завршувањето на специјалистички студии од трет циклус се стекнува поинакво звање од звањето пропишано во ставот (3) на овој член, во случај кога за одредено стручно подрачје со посебен закон е пропишано специјалистичко усовршување.

(5) Универзитетот со општ акт го уредува стекнувањето на ЕКТС кредити на докторските студии и ги пропишува ЕКТС кредитите потребни за пријава на докторски труд.

(6) Студиската програма за докторските студии задолжително содржи обврска за изработка на докторски труд (докторска дисертација), како завршен дел на студиската програма на докторските студии.

(7) На високообразовните установи кои изведуваат студиски програми од трет циклус на универзитетски – докторски студии, ментор на докторскиот труд може да биде редовен или вонреден професор од соодветната научна област кој е вработен на високообразовната установа, редовен или вонреден професор чиј работен однос е во мирување или редовен професор во пензија, кој бил во работен однос на високообразовната установа.

(8) Менторот на докторскиот труд треба да е акредитиран за ментор на докторски студии од страна на Одборот за акредитација. Професорите од ставот 7 на овој член можат да се акредитираат за ментори за докторски студии доколку имаат објавено шест научни трудови во референтна научна публикација или доколку имаат остварени најмалку три соодветни врвни уметнички изведби на релевантни домашни и меѓународни настани согласно листа која ја изготвува Националниот совет.

(9) Комисијата за одбрана на докторскиот труд се состои од пет члена од кои најмалку три се од соодветната научна област од установата која ги организира докторските студии.

(10) Членови на комисијата од ставот (9) на овој член може да бидат лица избрани во наставно-научни звања редовен професор или вонреден професор.

(15) Бројот на студентите кои се запишуваат на докторската студиска програма за сите три години на докторските студии треба да биде во согласност со бројот на расположливите ментори.

(16) Еден професор може истовремено да биде ментор на најмногу три докторанти кои кај него се обучуваат за научна работа.

(17) За една научна област може да се организира само една докторска студиска програма, освен во случаи на интердисциплинарни студиски програми.

(18) Студиската програма за докторски студии од ставот 1 на овој член главно опфаќа активна истражувачка работа под менторство и вклучува: 1. организирана академска обука, што содржи напредни и стручни курсеви, 2. независен истражувачки проект под менторство (докторски проект), 3. меѓународна мобилност, најмалку еднонеделен престој, 4. предавања и друг вид на комуникациски активности, 5. објавување во референтни научни публикации и активно учество на меѓународни собири во врска со докторскиот труд и 6. изработка и јавна одбрана на докторски труд врз основа на докторскиот проект.

(21) Квалификациите кои се стекнуваат со завршување на студиска програма на докторските студии од ставот 1 на овој член припаѓаат на ниво VIII од Националната рамка на високообразовни квалификации утврдена со Националната рамка на квалификации утврдена со Законот за националната рамка за квалификации и соодветствуваат на ниво VIII од Европската рамка на високообразовни квалификации.

Според член 145 став 2 од Законот, акредитација на студиските програми од прв, втор циклус и трет циклус врши Одборот за акредитација со решение. Решението за акредитација на студиски програми од втор и трет циклус задолжително ги содржи менторите на магистерски и докторски трудови на студиската програма, а според став 3 од истиот член од Законот, решението за акредитација на Одборот за акредитација се издава за период од пет учебни години.

Со член 174 став 9 од Законот, се уредува дека лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручно или наставно звање, на кое му мирува работниот однос, има право да држи предавања и да биде ментор на втор и трет циклус на студии, како и да врши други активности од високообразовната дејност.

Во член 187 сместен во делот „Престанок на работен однос поради исполнување на услови за пензија“ е предвидено дека:

(1) На лицето избрано во наставно – научно звање или наставно звање му престанува работниот однос согласно со прописите за работни односи.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, заради непречено вршење на дејноста на високообразовната установа, по претходно барање на работникот, а со согласност на наставно-научен совет, еднаш годишно може да се продолжи договорот за вработување на лицето избрано во наставно – научно или наставно звање, до завршување на учебната година во која ги исполнува условите за стекнување старосна пензија или најмногу до завршување на учебната година во која полни 67 години возраст.

(3) Барањето за продолжување на работниот однос од ставот (2) на овој член, се поднесува еднаш годишно, најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување за наредната година.

(4) Редовен професор во пензија може да изведува настава на студии од трет циклус и да биде ментор на докторски студии, како и да работи на научноистражувачки проект под условите определени со статутот на универзитетот, односно статутот на самостојната висока стручна школа.

Законот за високото образование, содејствува со интенцијата за усогласување на нашето законодавство со законодавството на Европската Унија, преку имплементирање на препораките на Болоњскиот процес заради сообразување и усогласување со законодавството и стандардите воспоставени на универзитетите во земјите членки на ЕУ. Во таа насока посебни заложби се посветуваат на унапредување на наставно-образовниот процес, преку подобрување на неговите перформанси и потенцијали, а со цел македонското високо образование да биде рамноправен дел на европскиот образовен простор, кој активно ќе придонесува  во рамките на европскиот систем на високото образование.

Високообразовната дејност како дејност од јавен интерес има посебно значење за Републиката како дел од меѓународниот и дел од единствениот европски образовен научен и уметнички простор, кој се заснова на автономија и академска слобода, единство во наставата, научноистражувачката и уметничката работа, отвореност кон јавноста, почитување на човековите слободи и права, унапредување на академската мобилност, обезбедување на квалитет и ефикасност во студирањето и други начела. Сето тоа се реализира и преку оспособување и усовршување на кадри за високообразовна дејност што ја вршат лица избрани во наставно-научни, научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања.

Имајќи ја предвид целината на Законот за високото  образование и посебно оспорениот член 136 став 7 од Законот, наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите не се основани.

Ова од причини што оспорената одредба од член 136 став 7 од Законот, не може да се гледа изолирано сама по себе, без да се имаат во предвид и другите одредби од Законот како што се член 48 став 2 точка 7., член 136 ставови 8, 15, 16, 17 и 18, член 145 ставови 2 и 3, член 174 став 9, член 187 став 4 и други членови.

Со иницијативата се оспорува законското решение од член 136 став 7 од Законот според кое ментор на докторски студии може да биде само редовен или вонреден професор од редот на вработените професори на високообразовната установа, односно пензионирани редовни професори од таа високобразовна установа, што значи дека можноста да се биде ментор на трет циклус на студии е условена со работен однос, односно пензионирање на професорот од високообразовната установа каде ќе се одвиваат докторските студии.

Законот за високото образование дозволува организирање на трет циклус на студии – докторски студии, само на првите седум рангирани универзитети запишани во регистарот на високообразовни установи во државата, при што, ако универзитетот го изгуби статусот на еден од првите седум рангирани високообразовни установи во државата во следното рангирање, во тој случај универзитетот, односно неговите единици и придружни членки не можат да запишуваат нови кандидати во трет циклус докторски студии. Ако универзитетот, односно единиците во негов состав и придружните членки запишат нови кандидати, Одборот за акредитација задолжително донесува решение за престанок на решението за акредитација за сите циклуси за кои е акредитиран универзитетот.

Рангирањето на универзитетите како еден од условите за организирање на трет циклус на студии, несомнено зависи од квалитетот на наставниот кадар вработен на универзитетот, од каде произлегува и законското решение содржано во оспорениот член 136 став 7 од Законот, дека ментори на докторски студии можат да бидат само наставници од тој универзитет. Ваквото законско решение им овозможува на кандидатите да изберат на кој универзитет да посетуваат настава од трет циклус на студии и според Судот, тоа не може да се сфати како ограничување на нивното право на образование под еднакви услови за сите, поради што Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 136 став 7 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, се определува дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува и член 187 став 4 од Законот (во иницијативата погрешно е наведен став 2, со измените и дополнувањата на Законот објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 178/2021, ставот 2  станува став 4).

Како причини за оспорување на член 187 став 4 од Законот, подносителот изнесува свое гледиште дека и пензионираните редовни професори треба да држат настава и на студии од прв и втор циклус и да бидат ментори на дипломски, специјалистички и магистерски трудови, а не само на студии од трет циклус во кои можат да изведуваат настава и да бидат ментори, како што е регулирано со наведениот оспорен член од Законот.

Од ова произлегува дека подносителот го оспорува член 187 став 4 од Законот, поради отсуство на законско решение, коешто според подносителот треба да биде уредено во Законот, меѓутоа тоа прашање спаѓа во надлежност на законодавецот кој ги креира, менува и дополнува законите, а не е во надлежност на Уставниот суд, кој одлучува за согласноста на постојната содржина на законите со Уставот.

6. Тргнувајќи од погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на член 136 став 7 од Законот за високото образование со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата, а во однос на делот од иницијативата со кој се оспорува член 187 став 4 од Законот, Судот констатира процесна пречка за постапување по иницијативата, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата во наведениот дел, поради ненадлежност.

7. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.116/2021
23 ноември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска