У.бр.27/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Здружението на новинари на Република Македонија (ЗНМ) застапувано од Насер Селмани во својство на претседател на ЗНМ, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на јавното изразување, поднесено преку Адвокатската канцеларија Филип Медарски од Скопје.

2. Здружението на новинари на Република Македонија (ЗНМ) застапувано од Насер Селмани во својство на претседател на ЗНМ, Насер Селмани од Скопје, Наташа Стојановска од Скопје, Фросина Факова од Прилеп, Снежана Лупевска од Скопје Билјана Богдановска од Скопје и Тони Ангеловски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата кои се однесуваат на слободата на јавното изразување.

3. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од одредбите од членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членот 51 од Деловникот на Уставниот суд произлегува дека како подносител на барање за заштита на слободи и права пред Уставниот суд може да се јави само физичко, а не и правно лице.

Имајќи предвид дека во барањето за заштита на слободата и правото на јавно изразување на мисла како прв подносител е наведено Здружението на новинарите на Република Македонија, претставувано од Насер Селмани во својство на претседател, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на барањето во однос на овој подносител – Здружението на новинарите на Република Македонија, поради ненадлежност.

4. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.27/2013-1
16.04.2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева