Транспарентност

Работата на Уставниот суд е јавна.

Јавноста во работата на Уставниот суд се обезбедува со известување на јавноста преку средствата за јавно информирање за одржување на јавните расправи, а по оцена на Судот и за одржување на седница и подготвителна седница, со присуство на учесниците во постапката, други лица, органи и организации и претставници на средствата за јавно информирање на јавна расправа, подготвителна седница и седница, како и соопштенија преку средствата за јавно информирање за одлуките на Судот по прашања од интерес за пошироката јавност.

Известувањето на јавноста преку средствата за јавно информирање за работата на Судот се врши континуирано – после секоја седница на Судот, сеопфатно за сите теми по кои е расправано, и конкретно за секоја тема што е расправано, каква одлука е донесена и од кои причини.

На седниците на Судот можат да присуствуваат како учесниците во постапката, така и други заинтересирани лица, како и претставниците на средствата за јавно информирање.

Уставниот суд поканува претставници на средствата за јавно информирање да ја следат работата на Судот.

Уставниот суд повремено организира и конференции за печат, на кои се изнесуваат согледувањата од неговата работа во изминатиот период.

Уставниот суд издава годишна збирка на одлуки како траен извор за запознавање на јавноста со неговите одлуки, мислења и ставови.

Од 2003 година јавноста во работата на Судот дополнително е засилена со активирањето на официјалната Интернет страница на Судот. Така, на web страницата http//www.usud.gov.mk може да се најдат сите релевантни информации за Судот и тоа: Уставот на Република Македонија и Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, историјат, правни основи и положба на Судот, како и информации кои се однесуваат на составот и внатрешната организација, судиите на постојниот и поранешните состави на Судот, како и меѓународна соработка на Судот.

Она што е значајно да се истакне е делот од “новостите” каде на динамична и континуирана основа се истакнуваат информации кои се однесуваат на тековните активности на Судот. Во овој дел, сите заинтересирани субјекти, вклучувајќи ги и средствата за јавно информирање може да добијат ажурирани информации во врска со прашањата кои ќе се најдат на дневниот ред на следната седница на Судот. Со тоа, јавноста однапред е запознаена со дневниот ред за седниците на Судот и може да има увид кои прашања ќе бидат разгледувани од Судот.

Не помалку значаен елемент кој оди во прилог на отвореноста на Судот и неговата достапност до јавноста е постоењето база на податоци на web страницата на Судот која ја содржи целокупната судска практика на Судот.
Тоа значи дека секое заинтересирано лице има пристап до сите одлуки и решенија на Судот. Целата судска практика е достапна на македонски јазик, додека на англиски јазик се инкорпорирани кратки резимеа од најзначаните одлуки и решенија.